Кога не пеат, тие со најголемо задоволство им раскажуват на своите деца бескрајни приказни за Галичник, од неговото создавање до денешни денови. Тие приказни се мошне едноставни, но претставуваат обемна ненапишана сага чиј домет и временски и просторно, како и по својата чувствителност, ја надминува можеби секоја сага запишана во книгите.
Некои приказни во кои се зборува за селото и за доживувањата на неговите жители во светот, жените ги раскажуваат со жив, поетски јазик. Некои се трагични, речиси како грчките трагедии. Во нив, се раскажува за луѓето кои отишле од Галичник и никогаш не се вратиле, зашто загинале во несреќите на работа во Франција, Шпанија, Египет, или во Соединетите Американски Држави – или уште полошо – затоа што подлегнале на некое моќно предизвикување на големиот свет, заборавајќи го така своето село.
Тоа се накусо главните фактори на траењето на оваа чудна населба дури и денес кога Македонија е ослободена од Турција – прво, целокупната драматична и богата историја на Галичник што жените ја негуваат и ја одржуваат во мислите и срцата од генерација до генерација; второ – старата галичка традиција на гордост на врвното мајсторство и на славата што галичките печалбари ја стекнале меѓу градителите и претприемачите во целиот свет, трето – вистинската убавина на галичките жени поради кои мажите секогаш се враќаат, и четврто – (што ги поврзува сите три работи) суштинската трагедија која потекнува од околностите за создавањето на местото и вековните услови под кои живеело тоа.
ВРАЌАЊЕ НА ГАЛИЧКИТЕ ПЕЧАЛБАРИ ОД „БЕЛИОТ СВЕТ“
Еднаш годишно, меѓу 1 и 15 јули, повеќе мажи се враќаат од белиот свет. Оние што работат низ Европа и Мала Азија или во северна Африка доаѓаат дома на секоја година, а оние од Америка и од далечните краишта на Русија секоја втора или дури трета година.
Кога Стела и јас стигнавме во Галичник мажите штотуку почнаа да се враќаат. Се разбира, жените беа во својот најубав изглед, а исто така и нивните куќи. Насекаде се чувствуваше придушена возбуда и радост. Во селото има пошта која ги услужува и другите населби во овој крај, па во деновите кога пристигнува поштата, на малото и тесно плоштатче се собираат многу раскошно облечени жени и деца во очекување на вести од нивните мажи и татковци. Тоа е длабоко човечка глетка, иако мал број од оние кои се враќаат го најавуваат своето доаѓање, повеќето просто доаѓаат, нивните жени сепак се собираат пред поштата.
Два пата водат кон Галичник: еден од Скопје оддалечен околу 50 километри воздушна линија, и друг, кој е малку подолг, од Цетиње, но и по кој да се тргне, патувањето трае два дена, освен ако се оди со автомобил, како што одевме ние, но мал број печалбари можат да си го дозволат за себе. Обично се враќаат во мали групи, зошто повеќето ги носат своите мали заштеди со себе, а планините низ кои ги води патот не се секогаш без разбојници, иако, како што ни рекоа, последниве години немало многу напади на оние кои се враќаат.
Во Америка, во Грција, во Германија, каде и да одаат, тие носат облека каква што се носи во тие земји, но кога се враќаат во галичник тие секогаш ги облекуваат своите домашни носии кои жените или мајките им ги исткале и сошиле.
ВО СЛЕДНИОТ БРОЈ ПОЛСЕДНОТО ПРОДОЛЖЕНИЕ: “ГАЛИЧКА ГОСТОЉУБИВОСТ“ ,ВИСОК И СТРОГ МОРАЛ, ЗАЕДНИЧКИ СВАДБЕН ДЕН – НА ПЕТРОВДЕН 12 ЈУЛИ И БИОГРАФИЈА НА АВТОРОТ ЛУЈ АДАМИЧ
K.K.