3. Одговор на учењето на баптистите
Учењето на баптистите:
И нивното комплетно учење не е лесно да се согледа. Покрај она што го наведуваме како заедничко учење на повеќето секти, за нив е карактеристично:
1. Тврдат дека нема прародителски грев;
2. Грешниците не можат да бидат членови на нивната „црква“;
3. Немаат хиерархија, туку самоуправување;
4. Немаат Свети Тајни, туку само обреди;
5. Ги крштеваат само возрасните, и тоа не заради простувањето на гревовите, бидејќи по нив крштевањето не е услов за спасение;
6. Со сите сили се стремат да се одвои „црквата“ од државата;
7. Тврдат дека спасението е можно само со вера.
Православен одговор:
1. Светото Писмо јасно зборува за прародителскиот грев: „Ете, во беззаконија сум зачнат и во грев ме роди мајката моја“ (Псал. 50, 5). „Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, на таков начин и смртта премина на сите луѓе…“ (Рим. 5, 12).
2. Господ Исус Христос дошол заради спасение на болните и грешните, никој освен Него не е без грев.
3. Господ ја поставил хиерархијата: Он самиот е глава на Црквата, потоа доаѓаат апостолите, па епископите, презвитерите, ѓаконите итн. (Да се прочитаат Делата апостолски).
4. И сите Свети Тајни имаат своја основа во Светото Писмо.
5. Крштевањето навистина е основа на спасението:
„Кој ќе поверува и се крсти ќе биде спасен; а кој не верува ќе биде осуден“ (Марко 16, 16); „…Ако некој не се роди од вода и дух не може да влезе во царството небесно“ (Јован 3, 5); а за крштевањето на децата да се прочита: Дела 10, 2, 47; 16, 14-16; 30, 39; 1. Кор. 1,16. И со верата на ближните можно е спасение (Мат. 8, 5-13; 9, 18-25; 15, 22-28; итн.), што е основа за крштевање на малите деца и кумството.
6. „Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, зашто нема власт што не е дадена од Бога“ (Рим. 13, 1, 5), и тоа не само поради страв, туку и поради совеста своја.
7. Апостол Јаков зборувал дека верата без дела е мртва (Јак. 2, 17, 20, 26), верата без љубов е мртва (1. Кор. 13,2).
4.Одговор на учењето на пентекосталците
В. Учењето на пентекосталната секта:
Вакви секти има повеќе, учењето им е шаренолико, а потекнуваат од баптистите и методистите од Америка. Основна карактеристика им е наводниот „дар за зборување јазици“. Се јавиле околу 1900 година. Кај нас се појавиле пред Втората светска војна.
Дека Светиот Дух ќе слезе на апостолите било проречено и остварено. (Лука 24, 49; Јован 16, 26; Дела 2, 1-18). Во Евангелието се зборува дека оваа појава ќе се случи само еднаш, без ветување дека ќе се повтори. Во времето на апостолите дарот за зборување јазици бил драгоцен: и како потврда за излевањето на Светиот Дух, и заради проповедањето и мисионерството по разните краеви на светот.
Пентекосталците прво се молат за дарот за зборување јазици што и им „успева“, а потоа за дарот за разбирање на истите јазици, што навистина никогаш не им успева, бидејќи се работи за дрдорење кое не значи ништо и кое не е ни човечки јазик. Можеби е демонски? Апостол Павле во 1. Кор. 14, 27-28, вели дека е „…ако пак, нема толкувач, тогаш в црква да молчат, а нека си зборуваат во себе си и на Бога“. Дарот на зборување на странски јазици познат е во окултизмот како појава на глосолалија и ксеноглосија. Тоа е често знак на опседнатост од лошиот дух. Овие и слични појави многу добро се опишани во книгата „Православието и религијата во иднина“ од јеромонахот Серафим Роуз.
5.Одговор на учењето на адвентистите
Б. Учењето на адвентистите:
Покрај напред наведените заеднички карактеристики скоро на сите секти, адвентистите (саботарите) неколку пати го предвидуваа датумот на Второто Христово доаѓање на земјата, а и денес сметаат дека Господ Исус Христос многу скоро ќе дојде. Сметаат дека папата е антихрист. Јадењето го делат на чисто и нечисто. Не употребуваат никаков алкохол. Славењето на саботата го наведуваат како доказ дека тие се единствената вистинска Христова црква.
Адвентистичката секта ја основал фармерот баптист Вилијам Милер и тоа кога по две неуспешни пресметки за второто доаѓање на Исус Христос (крајот на светот) во 1844 година Баптистичката „црква“ го исклучила од својот совет (јануари 1845 година). Бидејќи Господ Исус Христос не дошол, смислиле дека на „претскажаниот“ ден се случило чистење на небесната светост.
Милер не бил саботар, за сабота почнала да проповеда дури Еврејката Рахила Престон. Потоа се појавила „пророчката“ Хелена Вајт (1827 – 1915), која имала визии и „откровенија“. Таа многу пишувала.
Адвентистите имале уште еден неуспешен обид за пресметување на времето на второто Христово доаѓање (6. VI. 1925). Доаѓањето детално е опишано, но не се случило.
Сите овие пресметувања довеле до тоа многу луѓе да поверуваат, па ги распродале своите имоти, парите ги поделиле на сиромаштијата, по што некои се убиле, бидејќи останале без никакви средства за живот. Многумина по судски пат ги барале назад имотите, што пред тоа ги подариле. Таква е таа „вера“. Адвентистичките верници задолжени се на својата „црква“ да ì даваат десетина од сите свои приходи.
Адвентистите многу повеќе внимание му посветуваат на Стариот отколку на Новиот Завет. Кај нас се појавиле околу 1903 година.
Пред неколку години во Белград основале и „теолошки факултет“.
Православен одговор:
1. Што се однесува до прогнозата за времето на Второто Христово доаѓање, Он самиот за сите времиња рекол: „Никој не го знае ни денот ни часот…“ (Мат. 24, 36); и „не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт“ (Дела 1, 7).
2. Дали папата е антихрист? Имало многу папи, а Светото Писмо зборува за еден антихрист.
3. Апостолот Петар мислел дека јадењата треба да се делат на чисти и нечисти, па Господ го опоменал: „Она што Бог го очистил, ти не го сметај за нечисто“ (Дела 10, 15)
4. Што се однесува до употребата на алкохолот, сигурно дека е грев да се опива, но да го забранил Христос виното на свадбата во Кана Галилејска не би ја претворил водата во вино (Јован 2, 1-11). Во псалмот 104 (14-15) пишува: „Виното го весели срцето на човекот“. Да се прочита: Рим. 14, 14.
5. Најважниот аргумент на адвентистите е славењето на старозаветната сабота и отфрлањето на неделата. Меѓутоа, саботата е еврејски празник (2. Мој. 31, 12; Јован 5, 1-9) и се слави во спомен на излегувањето на Евреите од Мисир (5. Мој. 5, 1). Стариот Завет и закон престануваат (2. Кор. 3, 11) „сенка на новозаветната стварност“ (Кол. 2, 17). Пророкот Осиј (2, 11) прорекол укинување на саботата и сите старозаветни празници, а апостол Павле во Посланието до Колосјаните вели: „нека не ве осудува за јадење и пиење или за некој празник…, или сабота: тоа е сенката на иднината, а телото е Христос“ (2, 16-17).
Да се прочита: Лука 16, 16; Мат. 11, 13; Марко 2, 27; 2. Кор. 3, 7; Гал. 3, 24-25; 5, 4; 2. Мој. 2, 27.
Господ Исус Христос ни покажа кој дел е Негов: Евреите го прогонувале и сакале да го убијат зашто не им ја признавал саботата, во сабота лежел мртов во гробот, а во недела воскреснал, и донел спасение на целиот човечки род. Лесно е да се заклучи дека неделата, како ден на воскресението, неспоредливо е поважна од споменот на излегувањето на Евреите од Египет. Славењето на неделата – денот на воскресението почнува од апостолите (Дела 20, 7-8), додека на саботата ì го дале она значење што ì припаѓа, таа ì претходи на неделата, како што Стариот Завет му претходи на Новиот, како што законот им претходи на љубовта и благодатта.
Ние православните ја славиме саботата на соодветен начин: тој ден богослужбите се поинакви, забранет е пост, клечење итн.
За неделата да се прочита: Марко 28, 9-10; Марко 16, 12; Лука 24, 34; Јован 20. 1, 11-17, 19-29; Дела 1,4; 20,7-8…
Што се однесува до „пророчката Хелена Вајт“, апостол Павле нè упатува: „Клони се од нечисти и празни разговори и од расправии на лажната наука“ (1.Тим. 4, 6; 6, 20).
За лажните пророци да се прочита втората глава од второто послание на апостол Петар!
6.Одговор на учењето на Јеховините сведоци
А. Учењето на Јеховините сведоци:
Мешавина од сите ереси осудени од седумте Вселенски собори – нема ништо христијанско што не го одрекле или извитопериле:
1. Сметаат дека во Светото Писмо нема ни трага од учењето за Светата Троица, дека тоа е многубоштво, бидејќи 1+1+1=3, а не 1;
2. Бог не е секаде присутен, има свое место – престол и може да му се пристапи;
3. Исус Христос не е Бог. Не воскреснал телесно, туку духовно;
4. Светиот Дух не е Бог, туку Божја сила;
5. Сметаат дека душата не постои како таква, туку дека крвта е душа, затоа на верниците не им дозволуваат трансфузија со крв, што често доаѓа до непотребно губење на животот;
6. Веруваат во скорото доаѓање на Христовото илјадагодишно овоземно царство;
7. Сметаат дека Исус Христос по вторпат дошол на земјата невидливо 1974 година;
8. Се служат со нов, „поточен“ превод на Светото Писмо.
Православен одговор:
1. Токму Светото Писмо учи за еден Бог по суштина, кој се јавува во три Лица (Ипостаси), како Бог Отец, Бог Син и Бог Свети Дух: „Зашто Троица се, Кои сведочат на небото: Отецот, Словото и Светиот Дух; и Троица се едно“ (1. Јов. 5, 7). Да се прочита: 1. Мој. 1, 26-27; 3, 22; 18, 1-4; Мат. 3, 16-17; 28, 19-20.
2. Бог насекаде е присутен. Во Светото Писмо има многу докази. Овде ги наведуваме: „Каде да одам од Твојот Дух и каде да побегнам од Твоето лице? Ако се вознесам на небото: таму си, ако легнам во подземјето и таму си“ (Псал. 139,7-10). „Може ли некој да се скрие на тајно место да не го видам Јас? – зборува Господ; не ги исполнувам ли Јас небото и земјата? – вели Господ“ (Јерем. 23, 24).
3. Исус Христос е Бог. Апостол Павле вели:
„Господ мој и Бог мој!“ (Јован 20, 28). Да се прочита:
Иса. 9, 6; Јован 1, 1; 10, 30; 14, 9; 16, 30; Рим. 9, 5; 1. Јов. 5, 20 итн.
4. И за божеството на Светиот Дух постојат многу докази во Светото Писмо: „…рече Богот на израел“ (2. Цар. 23, 2-3); „…не ги излага луѓето туку Бога“ (Дела 5, 1-4). (Да се прочита Матеј 12, 32).
5. Душата постои, свесна по телесната смрт, и бесмртна: „Луѓето на умирање офкаат низ градовите и душите на ранетите викаат за помош“ (Јов 24, 12). „Не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат“ (Мат. 10, 28). Да се прочита за разбојникот што се покајал (Лука 23, 43), и Лука 16, 19-31; Марко 9, 1-8. Во Стариот Завет пишува: „Авраам им се придружи на своите луѓе“ (1. Мој. 25, 8; 49, 29, 33), а тој не е погребан кај своите предци (1. Мој. 52, 8-9). Татко му е погребан во Харан (1. Мој. 11,32). Повторно да се прочита: 1. Мој. 15, 15; 1.Петр. 3, 18-19; 4, 6!
6. Нема ништо од царството на земјата, бидејќи „земјата ќе изгори“ (2. Петр. 3,10), но „ќе дојде ново небо и нова земја“ (2. Петр. 3, 13).
7. „Никој не го знае денот ни часот“ (Марко 13, 23).
8. Јеховиниот превод не треба ни да се коментира, бидејќи на сите страни има манипулации, скратувања, дополнувања и слично.