
Свештеник Џејмс Бернштајн
ШТО БИЛО ПРВО: ЦРКВАТА ИЛИ НОВИОТ ЗАВЕТ?
Во моите рани христијански години, поголемиот дел од моето религиозно образование, го стекнував со сопствено читање на Библијата. Кога бев на колеџ, џебното издание на Светото Писмо ми беше постојан придружник. Омилените делови од Светото Писмо ги учев напамет, и си ги рецитирав кога бев во искушение, или на други, кога сакав да ги приближам до Христа.
Библијата за мене и до ден денес е најважната книга, некогаш објавена. Од сето свое срце со апостол Павле можам да кажам: „Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата” (2. Тим. 3, 16).
Тоа се добри вести!
Лошите вести се во тоа што секогаш јас за себеси одредував што кажува Писмото. На пример, бев толку воодушевен знаејќи дека Исус е мој близок и личен пријател, па мислев дека мојата свест за Неговото присуство е сè што ми треба. Затоа ги подвлекував стиховите за Исус со својот жолт фломастер, но поминував покрај деловите за Бог Отец или за Црквата, или за крштевањето.
Библијата ја гледав како небесен прирачник со упатства. Не мислев дека ми е потребна Црква, освен како место за нови пријателства, или да се научи нешто повеќе за Библијата, за да се биде уште подобар „направи сам” христијанин. Почнав да мислам дека сиот свој живот, како и Црквата, ќе ги изградам со помош на Книгата. Сакам да кажам дека само Светото Писмо го сфатив најсериозно! Историјата на спасението ми беше јасна: Бог го пратил Својот Син, заедно со Него и Светиот Дух, тогаш се создал Новиот Завет за да ни го објасни спасувањето и на крајот се развила Црквата.
Блиску, можеби, но не и доволно блиску до вистината.
Да побрзам и да кажам дека Светото Писмо е она што сакал Бог да биде. Не е проблемот во Библијата. Проблемот е во начинот на кој јас ја индивидуализирав, субјективизирав во своите лични толкувања, од кои некои не се особено лоши, други пак, особено добри.
Борба за разбирање
Не помина долго време, од моето преобратување во христијанство, кога сфатив дека сум се вплеткал во збрка на религиозно секташтво, во која христијаните се делат по едно или друго прашање. На пример, изгледаше дека за Второто Христово доаѓање има толку мислења колку што има луѓе кои учествуваат во дискусијата. Затоа сите се повикувавме на Писмото. „Јас верувам во Библијата. Ако тоа го нема во Библијата, не верувам во тоа”, беше мојот борбен вик. Тоа што не го сфатив е дека и сите други го зборуваат истото што и јас! Не беше Библијата, туку личното толкување на секого од нас, тоа што станало наш најголем авторитет. Во времето кога силно се нагласуваат мислењето и самодовербата постанував самиот свој папа!
Начелото што ме раководеше и што го користев при толкувањето на Светото Писмо изгледаше многу едноставно, кога е очигледно здраворазумското значење на Писмото, немој да бараш никакво друго значење! Верував дека оние кои се вистински доследни и чесни во следењето на ова начело мора да дојдат во христијанско единство. За мое изненадување, овој „здраворазумски” пристап не водеше до зголемување на христијанската јасност и единство, туку пред сè, до духовна „борба на сите против сите”. Тие кои најсилно нагласуваа дека се потпираат „само на Библијата” беа склони да станат најизвештачени, најсклони кон поделби, најкавгаџии меѓу христијаните – можеби ненамерно. Навистина, ми изгледаше дека некој колку повеќе се држи до Библијата, како единствен извор на духовен авторитет, тој сè повеќе станува извештачен и склон кон секташење. Вообичаено ни беше жестоко да се караме дури и околу стиховите за љубовта!
Во рамките на мојот кружок на другари кои веруваат во Библијата, бев сведок на мини експлозии на секти и шизматички движења, од кои секој тврдеше дека е „верен единствено на Библијата” и секој беше во огорчен судир со сите други. Сериозни судири се јавуваа околу било што, што може да се замисли: харизматичните дарови, пророштвата и исправниот начин на богослужење, причестувањето, управувањето со Црквата, учењето, црковната дисциплина, моралот, одговорноста, евангелизирањето, општественото делување, односите меѓу верата и делата, улогата на жената, екуменизмот. Списокот е бескраен. Било кое прашање можеше, и сè уште ги доведува христијаните до поделби. Плод на секташкиот дух е јавувањето на илјадници независни цркви и деноминации.
Кога во најголема мерка ме завладеа секташкиот дух, мојот радикализам се зголеми, и почнав да верувам дека сите цркви се небиблиски: да се стане член на било која црква би значело да се издаде верата. За мене, „црквата” значеше: „Библијата, Бог и јас!”
Непријателството кон црквите добро се совпаѓаше со моето еврејско потекло. По природа бев недоверлив кон црквите, бидејќи чувствував дека го издале Христовото учење, учествувајќи или пасивно превидувајќи го прогонот на Евреите низ историјата. Но, колку повеќе бев секташки настроен – до таа мера што станав неподнослив и антисоцијален – сè повеќе сфаќав дека нешто длабоко не е во ред со мојот пристап кон христијанството. Мојот духовен живот не функционираше.
Очигледно, моето лично држење до верувањето во Библијата и тоа што таа учи ме одведуваше од љубовта и заедницата со моите ближни христијани, а со тоа, ме одведуваше од Христа. Како што пишува свети Јован Евангелистот: „Кој не го љуби братот свој кој го гледа, како може да го љуби Бога, кој не го видел?” (1. Јов. 4, 20). Поделбата и непријателството не беа тие што ме приведоа до Христа. Знаев дека одговорот не е во негација на Верата или во отфрлањето на Писмото. Нешто мора да се менува. Можеби треба јас да се променам.
Се свртев кон изучување на историјата на Црквата и Новиот Завет, надевајќи се дека тоа малку ќе го осветли начинот на кој би требало да им пристапам на Црквата и Библијата. Резултатите воопшто не беа онакви како што очекував
Апостолска Библија
Моето почетно расположение беше – дека сè што било добро за апоостолите, тоа беше доволно добро и за мене лично. Тогаш прв пат се изненадив. Како што пред малку споменав, знаев дека апостол Павле Светото Писмо го сметал Боговдахновено (2. Тим. 3, 16). Но, јас секогаш сметав дека „Писмото” за кое тој тука говори ја подразбира целата Библија – и Стариот и Новиот Завет. Во реалноста немало „Нов Завет” кога тој тоа го изјавил. Дури и Стариот Завет уште бил во фаза на формирање, бидејќи Евреите уште не се определиле за конечен список или канон од старозаветни книги, сè до подемот на христијанството.
Колку понатаму проучував, открив дека раните христијани го употребувале грчкиот превод на Стариот Завет наречен Септуагинта. Овој превод што е започнат во египетска Александрија три века пред Христа, содржел проширен канон, кој во себе вклучил извесен број таканаречени „девтероканонски” книги. Макар што на почетокот имало расправи околу овие книги, христијаните на крајот ги вклучиле во старозаветниот канон.
Реагирајќи на подемот на христијанството, Евреите го стесниле својот канон и на крајот од него ги исклучиле девтероканонските книги иако и понатаму ги сметале за свети. Современиот еврејски канон не бил строго фиксиран сè до третиот век по Христа. Интересно е што таа подоцнежна верзија на еврејскиот канон на Стариот Завет ја усвојуваат мнозина современи протестанти наместо законите на раното христијанство.
Кога апостолите живееле и поучувале немало Нов Завет и Стариот Завет сè уште не бил довршен. Концептот на „Писмото” бил многу помалку дефиниран отколку што го замислував јас.
Ранохристијански дела (документи, акти)
Второто големо изненадување ми беше кога сфатив дека првиот комплетен список на новозаветни книги, какви што имаме денес, се појавил по повеќе од триста години од смртта и воскресението Христово. (Првиот комплетен список го составил свети Атанасиј Велики во Воскресенското послание 367 година по Христа.) Замислете! Пишувањето на Новиот Завет ако започнало во исто време кога се појавил и уставот на САД, не ќе се видеше конечната верзија до 2076 година!
Четирите Евангелија се напишани од триесет до шеесет години по Христовата смрт и воскресение. Во меѓувреме, Црквата се потпирала на усното предание – сведочење на очевидците, како и на расфрлени предевангелски документи (какви што се наведуваат во 1. Тим. 3, 16 и 2. Тим. 2, 11-13) и пишани преданија. Повеќето цркви го имаа само оној дел од она што ќе стане Нов Завет.
Кога сведоците на Христовиот живот и учење почнале да умираат, апостолите, водени од Светиот Дух, пишувале за да ги сочуваат и зацврстат расфрлените пишани и усни преданија. Бидејќи апостолите очекувале дека Христос наскоро ќе се врати, изгледа немале на ум дека овие евангелски извештаи и апостолски писма, своевремено ќе бидат собрани во нова Библија.
Во текот на првите четири века по Христа имало суштинско несогласување околу тоа, која книга треба да се вклучи во канонот на Писмото. Првата личност за која е забележано дека сакала да го востанови новозаветниот канон бил еретикот од вториот век Маркион. Тој сакал Црквата да го исфрли своето еврејско наследство и затоа сосема го отфрлил Стариот Завет. Маркионовиот канон вклучил само едно евангелие, кое тој самиот го издал и десет Павлови посланија. Тажно е, но вистинито, дека првиот обид за Новиот Завет бил еретички.
Многу научници сметаат дека раната црква решила да создаде свој јасно одреден канон делумно заради реакцијата на искривениот Маркионов канон. Разрушувањето на Ерусалим, 70 години по Христа, исчезнувањето на еврејската христијанска заедница во тој град, и заканата дека ќе се изгуби континуитетот на усното предание можеби, исто така, придонеле за неодложната потреба Црквата да го стандардизира списокот на книгите на кои христијаните можат да се повикуваат.
Во текот на еволуцијата на канонот, како што веќе спомнавме, на повеќето цркви им бил достапен само мал број апостолски документи, а можеби некои од нив немале ниту еден. Книгите на Библијата со напор рачно се препишувале, што барало многу време и труд. Исто така, бидејќи повеќето биле неписмени, можеле да ги читаат само оние малкумина привилегирани. Запознаеноста на повеќето христијани со Писмото се сведувала само на она што се читало во црквите – Законот, Пророците, Псалмите, некои од апостолските сеќавања. Прогонствата на христијаните од Римската империја и постоењето на многу документи со неапостолско потекло дополнително ја комплицирале започнатата работа.
Тоа беше моето трето изненадување. На некој начин јас наивно си замислував дека секоја куќа и секоја парохија ги имале во целост Стариот и Новиот Завет уште од појавувањето на Црквата! Мене ми беше тешко да замислам дека Црквата опстојувала и напредувала без комплетниот Нов Завет. Можеби тоа беше мојот вистински клуч за одгатнување на фактот дека севкупниот живот на Црквата е многу поширок отколку само напишаните зборови.