Фељтон

Истражувања: Македонија во Балканските војни (шести дел)

Борбени акции низ цела Македонија

Прилепските чети, на пример, на 20 октомври го ослободиле селото Тополчани, а на 23 октомври 1912 година влегле во Прилеп како ослободители.-Ослободена голема територија и во реонот Костур-Лерин-Воден.-Македонските борци, сепак, беа изложени на големи понижувања, навреди, па и отворени закани од страна на сојузничките команданти

Во котлината на реката Струмешница се организирало месното македонско население. Се формирала селска милиција од околу 700 души, кои на 19 октомври 1912 година успеале да ги ослободат селата Иловица и Сушица. Потоа пристигнале четите на Лефтеров и на Иван Смоларски, па со заеднички сили на 20 декември разбиле еден турски одред. Во прилепскиот реон се борела четата на Крсто Гермов, која била наречена Прилепски летечки одред. Во неа, главно, влегувало месно население и содејствувало со четата на ВМРО на војводата Милан Ѓурлуков. Во Прилепско, на повикот за војна, населението масовно се пријавувало и се формирала месна милиција од повеќе чети. Војводите Мирче и Аргир мобилизирале околу 1.000 милиционери и на 15 октомври 1912 година разбиле еден турски коњанички одред на просторот меѓу Прилеп и Плетвар. На 20 октомври го ослободиле селото Тополчани, а на 23 октомври 1912 година влегле во Прилеп како ослободители. Во меѓувреме содејствувале со српските воени формации.

На Селечка Планина кај Студенчица прилепската месна милиција, дејствувајќи во тилот на турската војска, успеала да заплени големи количества храна и воен материјал. На планината Бабуна прилепските чети овозможиле српската војска да ги пробие турските позиции на Присад, поради што војводата Ѓурлуков добил лично благодарност од српскиот престолонаследник кнезот Александар. Меѓутоа, за кратко време српските власти ја заборавиле помошта од македонското население. Сите чети, без разлика, ги нарекувале бугарски, а војводата Ѓурлуков го прогласиле за штетен за српската политика, па го затвориле.

МОЌТА НА ЧЕТИТЕ НА ВМРО

На планината Плачковица уште пред објавувањето на војната се појавиле повеќе доброволни селски чети. Пристигнале и неколку партизански водови на ВМРО. Овде се нашле и војводите Георги Поп Христов, Марко Иванов, Павел Христов, Васил Чакаларов, Иван Попов и Христо Силјанов. Оттука се префрлувале кон Тиквеш, кон Гевгелија и за Костурско. Насекаде на четите им се приклучувало месното население, а се воделе и активни борбени дејства. За кратко време биле ослободени повеќе села, а на 20 октомври бил ослободен градот Воден, каде што била воспоставена власт од месното население.

Војводите Васил Чакаларов, Иван Попов и Христо Силјанов, кои уживале силен авторитет уште од Илинденското востание, масовно го привлекувале населението, па за кратко време била ослободена голема територија на просторот Костур-Лерин-Воден. Во ноември 1912 година, турската војска презела противофанзива кон ослободената територија. Меѓутоа, многубројната селска милиција и партизанските чети на ВМРО во содејство со сојузничките сили (српската и грчката војска) успеале да ја одбијат турската офанзива. Сепак, по завршувањето на Првата балканска војна на 12 декември 1912 година, четите на ВМРО се повлекле кон Бугарија, четите на месната милиција биле распуштени, а српските и грчките власти паралелно воспоставувале своја власт и воделе преговори за поделба на Македонија.

Активноста на месната селска милиција особено била значајна во реонот на Куманово, каде што речиси секое село имало своја чета. Во овој реон, селската милиција имала неколку илјади души. Во времето на движењето на турската војска, милициските чети од зад грб ги напаѓале турските позиции. На 10 и 11 октомври 1912 година, кај село Орашец селската милиција ги нападнала позициите на турската тешка артилерија и запленила повеќе орудија. Потоа пристигнала четата на ВМРО со војводата Крсто Лазаров, па во содејство ги нападнале турските сили и на тој начин дале голем придонес во брзиот пробив на српската војска. Во Скопскиот округ дејствувале четите на ВМРО со кои раководел Тодор Александров. Во скопските села била мошне активна селската милиција, која содејствувала како со четите на ВМРО, но и со српските чети и со српската војска.

Во реоните на Штип и на Кочани четите ги предводеле војводите Ефрем Чучков, Симеон Ѓорѓиев, Оровчанов и други. Во Солунскиот реон најголема чета имал војводата Ичко Димитров. Се појавиле и други партизански водови и чети на ВМРО, на кои им се приклучувале месните селски чети.

УБИСТВОТО НА ВОЈВОДАТА ВАНЧО БЕЛУВЧЕТО

Настаните во Крушево во Балканските војни даваат најдобра слика за состојбата во цела Македонија. Без оглед на верската и национална припадност, народот, поучен од илинденските настани што с уште му биле во свежи сеќавања, избрал војводи од својата средина, Ванчо Делев-Џонето и Ванчо Белувчето. По формирањето на месните чети пристигнал и партизанскиот вод на ВМРО со војводата Методи Стојчев. Месните чети во содејство со српската војска учествувале во битките на Обедник, во Облаково, во Снегово и во Битола.

На 24 октомври селската милиција го зазела Крушево и веднаш организирала месна народна власт по принципот на Крушевската република, во која имало припадници на сите народности што живееле во Крушево. Месната власт обезбедувала храна и друга помош за српската војска. Месната власт во Крушево била составена од постари и познати луѓе, меѓу кои биле Тодор Спасев, Велко Ќурчијата и други претставници избрани од народот. Оваа власт траела 20 дена. Во меѓувреме пристигнал капетанот Велко со една чета српска војска. Така, во исто време во градот се нашле месни македонски чети и чети на српската војска. Со оглед на тоа дека српската војска била посилна, била воспоставена српска државна власт. На четата на Ванчо Џонето било наредено да го предаде оружјето и ако сакаат можела да остане во Крушево, а ако не, со редовни документи нејзините борци можеле да заминат за Бугарија. Четата на Ванчо Џонето го предала оружјето, но четите на Ванчо Белувчето и на Ставре Димитровски одбиле да го предадат и пак заминале во планините.

Српската власт организирала потера по овие чети, во кои учествувале и српски чети, кои по Илинденското востание дејствувале во Порече. По неколку дена Белувчето бил убиен, а неговата глава отсечена ја носеле по Крушево за да го заплашат народот. Со тоа веднаш била демаскирана ослободителната улога на српската војска. По тие настани се состанала Крушевската револуционерна организација и, меѓу другото, констатирала: “… Ние што можевме сторивме, дури и над нашите можности, прогласивме и република. Но, кога од едно ропство одиме во друго, тогаш ќе мораме да почекаме да заврши војната и веруваме дека мирот ќе донесе нешто ново”. “И така”, вели Борјар (мајсторот на црешовите топчиња) “сите со наведнати глави, како во смрт да одевме, го напуштивме првиот и последен состанок, одржан во време на новата окупација”. На тој начин престанала да функционира крушевската револуционерна организација, што повеќе од една ипол деценија ги раководела националноослободителните борби на угнетениот народ и била доследен претставник на сите, без оглед на верата и националноста, кои сакале мирен, рамноправен и слободен живот.

Пишува: Ванче Стојчев
(крај)

Најново од: Фељтон

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

To top