
Ристо Поповски и Ангелина Маркус
Бугарите преку своите агенти ја користеле секоја прилика за да ги придобијат Македонците за реализирање на своите планови. Бугарите завојувачи секогаш се обидувале да го разбијат националното единсво на македонскиот народ, а неговото револуционерно движење да го свртат на пробугарски колосек. Бугарите тоа го правеле пред и после Илинденското востание, за време на Балканските војни, меѓу двете светски војни и пред се` за време на Втората Светска Војна. Но не успеале. Тоа се должи пред се` на високата национална свест на Македонците, кои и покрај прогонувањата од страна на грчкиот режим во минатото и за време на Втората Светска Војна и покрај пропагандите на бугарските, германските, италијанските, грчките и српските емисари и нивните обиди да ги искористат за свои интереси и покрај единствената можност што им се даваше да се ослободат од прогонувањата од страна на грчките реакционерни влади, не само што не потклекнале на искушенијата и не минале во фашистичкиот табор, туку напротив се бореле во првите редови на антифашистичкиот фронт.
Тогаш бугарската разурнувачка служба преку своите илегални известувачки пунктови, почнала да ги инфилтрира своите агенти на теренот на Вардарска и Егејска Македонија. Користејќи ја тешката национална, општествено – политичка и економска положба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија меѓу двете светски војни, националното угнетување забрани да се употребува мајчиниот јазик. Човек може да види „неми пазари“ на кои што илјадници селани се обидуваа да разговараат со мимики како глувонеми, бидејќи не го знаеа грчкиот јазик, а се плашеа да проговорат на македонски од кодошот, стражарот, џандарот, од пресудата и терористичките оргии кои се вршени врз македонскиот народ само за еден прозборен македонски збор.
Во Македонија 1941 година со одобрување на Хитлер, бугарската влада отворила во Солун (Бугарски Клуб) со цел да ја шири големобугарската пропаганда, а со тоа во иднина да ја прошири и својата бугарска окупациона власт низ цела територија на Егејска Македонија и со тоа да го оствари својот сон од договорот на Сан Стефано. За постигнување на ваквата цел неговите организатори дејствувале со разни средства и методи.
Со политичката и разурнувачката дејност раководеле бугарските офицери, испратени од Бугарија во Солун, и тоа: генералите Иванов и Марков, мајорот на бугарската армија Митков, неговиот аџутант поручникот Цанев кој што добро го владеел германскиот јазик, бидејќи студирал во Виена, а неговата жена била Австријка. Клубот располагал со канцеларии, приемни салони, бесплатен ресторан и други простории за потребите на многубројниот персонал, за членовите и соработниците на Клубот итн. Овие бугарски мисионари ги посетиле и сите оние села во кои престојувале преживеаните Илинденци како и семејствата на загинатите илинденски востаници. Тие на Македонците им велеле дека дошол големиот историски момент, Македонија да биде целосно “ослободена“ од грчкото ропство и да се присоедини кон “мајка Бугарија“. Тие постојано повторувале дека Бугарија секогаш “мислела“ и се “грижела“ за своите поробени браќа за нивната тешка судбина и за нивното конечно “ослободување“. Во своите јавни истапувања пред Македонците ти гласно викале дека Македонија секогаш била “бугарска земја“ и дека во неа живеат само “Бугари“ кои со векови се бореле за своето ослободување и соединување со Бугарија, а тоа го “потврдиле“ за време на Илинденското востание.
Бугарската влада големо значење и придавала на своите агенти и емисари во Македонија. Кај македонското население таа ги прикажувала како Мисионари на слободата, како наследници на славните Илинденци и дека тие со својата активност го продолжувале големото ослободително дело на Македонија за нејзиното соединување со Бугарија.
Најзасилена пропаганда бугарската влада водела против народно-ослободителната борба на македонскиот народ, бидејќи Македонците решително се определиле и тргнале по патот на народно-ослободителната борба за ослободување на својот народ. Таа револуционерна определба на македонскиот народ, тешко ги погодувала окупаторските завојувачки планови. Поради тоа, германско-италијанските окупатори, со помошта на бугарските агенти и во тесна соработка со грчката влада, а пред се` со помошта на грчките агенти и националисти, презеле најригорозни мерки против народно-ослободителното движење на македонскиот народ, а пред се` против комунистите.
Во својата пропаганда бугарските емисари заедно со домашните истомисленици ни за момент не престанувале најпофално да се изразуваат за “големите“ успеси на Хитлеровските војски против Црвената Армија и војските на антифашистичката коалиција, за непобедливоста на фашистичката оска и за прокламираниот „нов ред“ во Европа и светот од страна на Хитлер и Гебелс. Агентите на бугарската пропаганда со помошта на своите курири растурале фашистички весници, книги и списанија по македонските села и градови во овој дел на Егејска Македонија за да можат преку печатот да ја шират својата пробугарска пропаганда. Настојувајќи успешно да го постигнат бугарското влијание во овој дел на Егејска Македонија, бугрските агенти и емисари спроведувале низа конкретни мерки со кој што сметале дека ќе успеат лесно да го бугаризираат македонското население.
Уште од првите денови од окупацијата на Егејска Македонија, во замјата настана страотен глад. Окупаторот се` што нашол ограбил за свои потреби. Од пазарот изчезнала секаква стока. Дуќаните биле празни. Скоро сите трговци се претвориле во вистински шпекуланти. Соработниците на окупаторот вршеле отворен грабеж, особено на селските земјоделски производи. Се разбира, сето тоа бугарските емисари не пропуштиле да го искористат. Тие се понудиле да му “помогнат“ на гладното население со храна.
Членовите на Бугарскиот Клуб и другите пропагандисти вешто ја искористиле тешката ситуација и гласно изјавувале дека тие не можат да дозволат нивниот „Бугрски народ“ да гладува и дека веднаш ќе донесат храна. И навистина, од Бугарија пристигна храна. Маѓутоа, право на добивање храна имале само оние лица што имале членски карти издадени во бугарскиот Клуб во Солун, документ, кој што значел дека неговите сопственици по потекло се Бугари, а германските власти признавале вакви карти. Се разбира, бугарските власти им давале лични карти не само на оние лица кои што живееле во областите на Солунско, Костурско и во други места. Со еден збор, на сите оние лица кои што поради гладот што владееше биле принудени, ако сакале да го спасат својот живот. Затоа што во тие услови на окупација, терор, грабежи и сиромаштија кога гладот одземаше човечки животи, а се закануваше да го зголеми бројот на свите жртви – добиената помош, и покрај нејзината последна цел, претставуваше спас за македонското население.
