Фељтон

Песната на Орфеј (1 дел)

orfej

Христо Крстевски

orfej
„Орфеј кај Елините дошол од Тракија и Македонија“ –
М. Ѓуриќ.

Отсекогаш сум се прашувал каква била песната на Орфеј.

Се разбира, не во смисла на тоа дали таа била, да речеме, повеќе или помалку етерична, или дури можеби и божествена – тоа воопшто не било спорно во мојата свест, ниту предмет на каков и да е сомнеж во идеалот на митот. Едноставно, се работи само за едно благо двоумење помеѓу мислата дека песната на Орфеј била, пред сè, песна без зборови, то ест, дека таа била само вокална, гласовна делница, без придружба (или во корелација) со речта – можеби само со некој инструмент за придружба, на пример, лира, аула, или сиринга (впрочем, како што стои и во митологијата на Старите Грци – со култот на богот Аполон лира и китара, со култот на богот Дионис аулос и диаулос – иако е недвојбено: нашата речиси закоравена претстава од сите древни споменици за Орфеј со лира е најсилна и највпечатлива слика во свеста, небаре пренесена од древниот асиро – вавилонски мозаик од 227-8 г. од н.е., пронајден во Едеса, каде што тој свири на лира, а околу него група птици и животни го слушаат во занес.

Или тоа сепак била песна со зборови, небаре излеани од златниот дождец на богот Зевс, на преливот помеѓу времињата. Та Орфеј бил сепак син на Аполон и Калиопа, нели така?

Но ако било така, тогаш пред нас допрва се испречуваат стотици и стотици нови прашања. Иако јас не би бил склон да се определам за ниедна таква можност, сметајќи ја за многу поневеројатна варијанта од онаа првата, напати и не ретко си ги поставувам истите хипотетички и хипостазирани прашања, кои тој бесмртен мит ги буди во мојата (и веројатно не само во мојата, туку и во колективната) свест:

– Ако песната на Орфеј била песна со зборови тогаш какви биле тие зборови? Биле ли тоа стихови? Ако биле стихови, тогаш дали биле слични, да речеме, на Пиндаровите оди-епиникии, или слични на некоја алкејска строфа или химна на Сапфа, или разуздана еротско-симпотичка анакреонтика?

– Што е прво: речта, сликата, или звукот (мелодијата)?

– Дали тие нешта стојат во безвремено, непоматено и спокојно единство?

– Дали сите тие праелементи се раѓаат едновремено, како единствен и цврст архетип?

– Зар сепак не е несомнено дека речта е послаба од звук и сликата, кои можат да ги разберат сите луѓе на земјината топка и кои се, условно земено, општи, универзални семантички кодови, наспроти проколнатата и скудна реч?

Јас не би сакал песната на Орфеј макар и оддалеку да личи на онаа позната Песна за Правдата, што нему му се припишува и што тој ја пее на бродот „Арго“ пред поаѓањето во чест на својот стар учител Кентаур:

„Правдата е прочуена ќерка на Зевс
и многу уважувана од олимписките богови.
И ако се случи некој да ја навреди
таа пред Зевс, синот на Крон, веднаш се јавува
и му кажува за неправедните дела на смртниците,
за да ги казни народите заради царевите,
што со зла мисла кршнуваат од правиот пат
и кога судат ги нарушуваат законите.
Меѓу себе се јадат само ѕверовите, рибите
и птиците грабливки
и не ја почитуваат Правдата“…1

Навистина би сакал таа да биде нешто поинаква. Макар и онака сосема необврзана и таинствена како во СЕЈКИЛОВИОТ СКОЛИОН2, најстариот пронајден и дешифриран нотен запис во Грција.

Се разбира, во оваа занесна и безвремена тема не би можело да се навлезе, не би можеле дури ни портите на уметноста да се помрднат и подотворат без длабочинските и пронижувачки спекулации на платоновската и ничевската естетска проекција. Платон во дијалогот „Сократ“ вели:

„Ништо така не продира во душата како ритамот и мелодијата, ниту било што толку ја обзема како тие. Тие создаваа убава форма и ја прават душата убава, ако е правилно воспитана, а ако не е, тогаш грда. Музиката поради тоа е највисокото воспитување…“

Тој во продолжение зборува за добрината и благородноста како цврста музичка суштина и еманација на човекот, опредметувајќи ја низ чистата свест за убавината.

Во својот познат спис „Раѓањето на трагедијата“, Ниче ја поставува тезата за аполонското и дионизиското сфаќање на уметноста на древниот елински идеал, при што аполоновски принцип, бездруго, најасоцијативно ни се наложува преку сонот, онеиричкиот принцип (Аполон, богот и толкувачот на соништата) и Дионизиј, орфичкиот принцип, како бог на виното лозјето, пијанството, екстатичниот занес – музиката; значи: ние човекот можеме да си го замислуваме како аполонски уметник на соништата, или дионизиски уметник на пијанството соништата истовремено – во дионизиската опиеност и мистичкото самоодречување, осамен и надвор од занесените хорови, каде паѓа ничкум и тогаш, под влијание на аполонските соништа, неговата сопствена состојба, т.е. неговото единство со најдлабоката основа се открива во едно алегорично сновидение.

Аница Савиќ-Ребац, познатиот елинист, на ова вака реагира: „Значи, принципот на уметноста во елинските визии Ниче низ дихотомијата Аполон – Дионис се сликарството и музиката“. Таа на тоа останува зачудувачки обесхрабрена и речиси оставена во немоќна екскламација пред претпоставеното прашање:

– Каде е тука поезисот? Каде е тука Орфеј, синот на Аполон и Калиопа?

Музата на музиката – жената, која секогаш ќе инклинира, кон Дионизиј, веќе и поради самата своја суштина на музичкиот дух што го носи длабоко во себе – и не само поради Аристотела и неговата „Аrѕ рoetica“ и не само поради неговиот основен принцип за „поддржувањето на природата“.

– Каде е тука прапочетокот? Хомер, или Архилох, првиот елински лиричар, кој исто како и Пиндар порано и Шилер многу подоцна, својата лирска вокација ќе ја реализира и аплицира во она претходно „музичко расположение“, што целосно се надоврзува на феноменот на вкупната античка лирика, она насекаде сосема природно соединување, истородност дури на лиричарот и музичарот. Лиричарот, според тоа, е доинизиски уметник, наполно изедначен и внесен во Пра-Едното, со неговиот бол и неговата противречност и ја создава сликата на тоа Пра-Едно во форма на музика, која инаку со право е наречена како „РЕПРОДУКЦИЈА НА СВЕТОТ И НЕГОВ ВТОР ОДЛИВОК“ (Ниче, во „Раѓањето на трагедијата“).

Народниот гуслар пее рамно еден ист тон во различни динамички определби, една иста, речиси здодевна и монотона, мелодија, но кај него логосот е сè. Тој е целта. Музиката е тука само средство.

„Јазикот“, вели Ниче, „како орган и симбол на појавите, никогаш, ниту довека не ќе може да ја открие и да ја покаже најдлабоката суштина на музиката, останува само во надворешен допир со неа, а нејзината најдлабока смисла не може ниту со помошта на целокупната лирска речитост да биде макар за чекор приближена до нашето поимање“. Според него, трагедијата се раѓа од хорот, а „хорот“, ќе рече Шлегел, „е оној идеален гледач-народот“.


1) Песна за Правдата- „Богови и херои“, Мисла, Скопје 1988. год.

2) Старите Грци употребувале нотно писмо кое се состоело од знаци на јонската азбука чии букви се пишувани во разни положби: исправено, косо, положено, наопаку. Со тие знаци Грците ја обележувале висината на тоновите, додека ритамот на песната бил условен со ритамот на текстот, то ест, со должината на слоговите во него. Вкупно се откриени 12 фрагменти, од кои најпознат е СЕЈКИЛОВИОТ СКОЛИОН (Сејкиловата наливачка), пронајден на еден гроб во Мала Азија. Позната е и камената плоча со првите делфиски химни.

Најново од: Фељтон

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

To top