Фељтон

Песната на Орфеј (4 дел)

orfej

Христо Крстевски

orfej

И сега, имајќи ги предвид сите историски релации и координати, кои бездруго прават еден длабок и широк опфат засек низ времето и културата на цивилизациите кои овде така судбински се испреплеле во своите взаемни и меѓусебни влијанија, и ако и ние се согласиме да тргнеме по патот на аналогиите и компаративистичките пристапи на сер Џејмс Џорџ Фрејзер, на пример, тогаш не би можеле да го одбегнеме фактот дека карневалите кои овде очигледно се зачувале и до денот денешен, се најверојатно онаа црвена нишка што нè поврзува со култовите од паганските времиња, со старите антички Дионизии, со оние „чудесни поворки од млади девојки canephores кои носат тирсеви и вазни полни со вино, круни од лозови прачки со гроздови, а на главите златни кошници полни со овошје од кои ползат припитомени змии, што ги застрашуваат гледачите, но не и замајтапените Силени, Панови и Сатири, кои правеа неброени чудни движења и скокања, изигрувајќи опијанетост и улавштина“, (како што пишува во Комленовата – Митологија“), со митот за Големата Божица Мајка, која како стожер стои во самиот центар на вечното враќање и обнова на светот. Нема сомнение дека во сите пишувани документи и во огромната литература за култот на богот Дионис и мистериите на орфичките секти, стои една општа определба дека свеченостите во чест на „врвното божество“ по потекло од Тракија и Македонија траеле од доцната есен до раната пролет. Тие започнувале со т.н. мали или полски Дионизии во месец декември, а во јануари доаѓаат Ленеите. Во февруари паѓаат т.н. АНТЕСТЕРИИ (ЦВЕТНИЦИ). Сепак, она што е важно за уметноста воопшто, а посебно за драмската во овој контекст, е тоа што т.н. големи, или градски Дионизии се одржуваат во месец март, кога во текот на три дена, без прекин, секој ден се изведувани по една трилогија со сатирска игра, а покрај тоа и уште по една комедија.

Мислам дека нема место за двоумење дека, како реликт на големите Дионизии би можеле да го сметаме струмичкиот карневал, кој се одржува на прагот од предвелигденските пости на ТРИМЕРИ, а во рамките на овие првите, бездруго, најкарактеристично ни се наложува вевчанскиот карневал.

Сепак не би можеле да се впуштиме во разработка на КАРНЕВАЛИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА ако претходно не ги изложиме накусо погледите и мислењата по овие прашања на еден од најзначајните балканолози во светската наука, познатиот бугарски научник Михаил Арнаудов.

Посветувајќи ѝ една репрезентативна и темелна студија на оваа проблематика, тој зборува за кукерските, бабугерските и бабарските обреди во врска со вршењето на бабарскиот ритуал, апострофирајќи го притоа зимскиот период. Тој вели:

„Во Македонија кукерската маскарада е исклучително зимски празник: игрите се случуваат само од Коледе до Иванден, најчесто на Нова Година и на Водици“7. Тој има и различни имиња според топономијата. Така, бабари (Битолско), василичари (Охридско), бабугери (Серско и Драмско), сурваскаре, (Горноџумајско), џамалари (Скопско). „Според Арнаудов кукерскиот ритуал е типичен за Тракија, додека бабарскиот за Македонија. Тој забележува дека македонското бабарство се разликува од тракиското кукерство по тоа што кај последното се присутни церемонијални елементи (подоцна ќе дадеме опис на целиот церемонијал!) кои исчезнале од првото: така, бабарскиот ритуал не подразбира носење извесни симболични фигури, како и обредно сеење и орање. Кукерите празнуваат во пролетниот период, додека бабарите во зимскиот. Очигледно, двата обичаја издаваат две различни културни струи макар и се согласувале во нивната основна тенденција како народен карневал, потпрен врз древните дионизии“.

7 Михаил Арнаудов, „Студии верху балгарските обреди и легенди“ Софија, 1972, 73.

Најново од: Фељтон

Карактерот и семејните вредности на Мијаците

Воздржаност, достоинство и добронамерност Во својата книга за Мијаците, Георги Трајчев го опишува Мијакот како воздржан, молчелив, добронамерен и благ човек, подготвен да помогне некому во неволја. Во неговиот опис, особено место заземаат чесноста, почитувањето на дадениот збор и грижата за семејниот углед. Воздржаноста не подразбирала отсуство на чувства. Тие најчесто се изразувале во семејниот […]

КРИМИНАЛЦИ ВО РЕКАНСКО И ВЛИЈАНИЕТО ВРЗ МИЈАЦИТЕ

Георги Трајчев во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, продолжува да ги опишува несигурноста и насилствата што во одредени периоди го нарушувале животот во Мијачијата и во поширокиот Рекански Крај. Разбојничките напади, кражбите, грабежите и уцените не претставувале само поединечни трагични настани. Нивното повторување постепено влијаело врз секојдневието, стопанството и движењето […]

РАЗБОЈНИШТВОТО ВО РЕКАНСКО И НЕГОВОТО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ МИЈАЦИТЕ

Во „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев пишува и за беззаконието, разбојничките напади и насилствата врз населението во Реканскиот крај во последните векови од османлиското владеење. Во услови на ослабена државна власт, особено во планинските и пограничните области, се појавувале вооружени групи што ги ограбувале селата, ги пресретнувале трговците и печалбарите и барале откуп од побогатите […]

МИЈАЦИТЕ СО ЧЕТКАТА И ДЛЕТОТО ОСТАВИЈА МАКЕДОНСКИ ПЕЧАТ НА БАЛКАНОТ

Во својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев посветува особено внимание на уметничката и градителската дарба на Мијаците. Од малите планински села во Реканскиот крај произлегле бројни зографи, копаничари, иконописци, архитекти и мајстори-градители. Организирани во семејни тајфи, тие работеле низ Македонија и во многу други краишта на Балканот. Со четката, која во мијачкиот говор се нарекувала […]

ИСТОРИСКИ БЕЛЕШКИ ЗА МИЈАЦИТЕ, БИГОРСКИОТ МАНАСТИР НИЗ ВЕКОВИТЕ

ИСТОРИСКИ БЕЛЕШКИ ЗА МИЈАЦИТЕ, БИГОРСКИОТ МАНАСТИР НИЗ ВЕКОВИТЕ Во продолжение на петтото поглавје од „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се задржува на историјата на Бигорскиот манастир „Свети Јован Претеча“. Подигнат во 1020 година, Бигорскиот манастир „Свети Јован Претеча“ бил нем сведок на византиското, српското и османлиското владеење во Македонија. Во текот на своето повеќевековно постоење […]

БИГОРСКИОТ МАНАСТИР – ДУХОВНОТО СРЦЕ НА МИЈАЧКИОТ КРАЈ

Во „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев пишува за Бигорскиот манастир „Свети Јован Претеча“, едно од најзначајните духовни и културни светилишта во Македонија. Сместен над долината на Радика, меѓу планинските ограноци на Бистра, Дешат и Кораб, манастирот со векови бил средиште на верскиот, просветниот и културниот живот во Реканскиот крај. За Мијаците Бигорскиот манастир не бил […]

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

To top