Христо Крстевски
„Од сите живи суштества, само на човекот му е дадена смеата“
Аристотел
(За душата, книга II, глава 10)
Ние, кои струмичкиот карневал го паметиме уште од боси нозе8, знаеме: за нас тој секогаш бил една голема свеченост неразделен дел од животот, макар каде, како и колку тој останал во видокругот, или избегал од дофатот на Троглавата ламја под Царевите кули. Тие три дена во кои се одржува струмичкиот карневал, сиот град живее ЗА и СО карневалот. Тој секогаш паѓа на ТРИМЕРИ, на големиот предвелигденски пост, т.е., на запостувањето. Зборот доаѓа од грчкото Тru merec (три дена). Во поново време, карневалот е обновен некаде кон крајот шестото десетлетие по заложба на неколку ентузијасти, кои сториле сè да ја истргнат од канџите на заборавот таа прекрасна древна манифестација.
Се претпоставува дека струмичкиот карневал потекнува уште од далечните пагански времиња, но пишувани документи за тоа, за жал, нема. Најстариот пишуван документ, кој би можел да фрли малку (макар и сосема скржава и мижуркава) светлина нè упатува на краткиот запис и патемен осврт, поточно речено, забелешка на славниот турски патеписец од XVII-от век Евлија Челебија, кој минувајќи низ Струмица, запишал: „Дојдов до еден град, расположен во полите на еден висок баир, и видов како таа ноќ маскирани луѓе претрчуваа од куќа во куќа, низ смеа, писоци и песна“, што јасно укажува на можноста дека се работи за Тримерските карневалски свечености во Струмица. Друго нешто што се наложува во свеста со особена тежина за древноста на овој карневал е фактот дека многу белези на маските, носиите и предметите кои останале во употреба (облеки од кожа, рогови од разни животни, бик, прч, овен), како и алузијата на многуте сакатници со патерици што се појавуваат на самиот карневал (истерување на злите духови, желбата за здравје, плодност итн.), би можеле да се земат како еден указателен и мошне веројатен податок и симбол за древноста и старината во овој карневал.
Но она што најјарко свети, се оцртува со сета таа шареноликост и блескава панорама на струмичкиот карневал, како најблизок реликт до древноста, сепак спаѓа во делот и доменот на јазикот, на чисто усната традиција, во логосот, имено, во песните кои се пеат и кои низ вековите можеби троа и се менувале, но останало она најважното: наследството на бројните еротски елементи, песни набиени со еротски мотиви, содржини и зборови, кои јасно означуваат и укажуваат на еден определен орфичко – бахантски корен („тие тоа го имаат во наследство од јазичкото време“ – М. Арнаудов во „Очерци по блгарскија фолклор“, Софија, 1969). Некои етнололози (Илија Сувариев), на пример, повеќе инклинираат кон тезата дека таквите песни се еден вид дидактичко-утилитарен материјал, безмалку канонски упатства и небаре дидаскалии наменети за армасницата, која во наредните денови на пролетта ја очекуваат должностите на брачниот живот.
„Насели се село на момино чело
путето му мамино тука село не бива
понадоле бива
Насели се село на момини гради
путето му мамино тука село не бива
понадоле бива
Насели се село на момино путе
путето му мамино тука село
бива оти извор има“.
(Песната ја пее Живка Танушева од Струмица)
Другите напори што се вложуваат во истражувањето за корените и почетоците на струмичкиот карневал остануваат сè уште во сферата на претпоставките и нагодувањата барем засега) и како такви тие се беспредметни за темава што е во центарот на нашево интересирање.
Она што е важно да се каже уште на самиот почеток е фактот дека карневалот, паѓајќи на христијанскиот празник Тримери, сепак како датум не е определен, бидејќи тие секоја година паѓаат на различни датуми, но едно е секогаш исто: тоа се деновите понеделник, вторник и среда. И тоа најчесто е некаде кон крајот на февруари и почетокот на март. Всушност, пред Прочка и пред големите Велигденски пости. Притоа, вмешувањето на црквата во карневалот се смета за појава од релативно поново време и тоа сега претставува една неделива целост. Мислењата тука се аподиктички: „Тримерите се христијански обичај, а карневалот е реликт на пагански култ!“
Првиот ден на карневалот е обележан како ЧИСТ ПОНЕДЕЛНИК, кога всушност, започнува запостувањето со белиот грав, потоа следува вторникот, денот кога на зајдисонце за почнува КАРНЕВАЛОТ и третиот ден, средата, се армасарските свечености, или СИНИИТЕ, како што ги викаат во Струмица (Да се присетиме во овој контекст на големата европска карневалска традиција за Покладниот Вторник (Mardi Grass) и Пепелавата Среда).
„Во карневалот“, вели Михаил Бахтин, „игра самиот живот, а играта привремено станува самиот живот“. Во тоа е специфичната природа на карневалот, посебноста на неговото суштество. Карневалот е другиот живот на народот, организиран врз принципите на смеата. Тоа е неговиот празничен живот. Празничноста е суштинското својство на сите средновековни обредни претстави во форма на смеа. Сите тие форми однадвор беа врзани за црковните празници. Дури и карневалот, кој временски не се совпаѓаше со ниту еден настан од црковната историја, ниту се врзуваше за кој и да е светец паѓаше во последните денови пред големиот пост (затоа во Франција се наречуваше Mardi Grass или „caremprenant“, а во германските земји „Fastnacht“). Уште посуштествена е генетичката врска на овие форми со древните многубожни празници од аграрен тип, кои во својот ритуал го вклучуваат и смешниот елемент“.
(Михаил Бахтин: „Творештвото на Франсоа Рабле и народната култура на Средниот век и Ренесансата“, Нолит, Белград 1978 година)
На чист понеделник, најмногу еснафот, големиот круг на занаетчиите, заедно со семејствата, се искачуваат на Цареви кули, или Сомораница и еден случаен минувач или намерник кој во тој момент би можел да гледа одоздола, од перспектива на градот, би можел да види една чудесна глетка: небаре како низ некоја мистична илуминација започнуваат да се палат огновите, да се вари посниот грав во котлиња, зачинет со буковец, за подоцна да се пие со расолница – тоа е еден огромен простор, еден невиден огномет под пазувите на градот во првите мигови на квечерината – насекаде се чадат баирите од огновите над струмичката котлина. Сега, во поново време, тоа за жал како да се „пресели“ во градот. Пред дуќаните и околу чаршијата.
Што се однесува до карневалот, би се рекло дека маските како да се земени од некои таинствени, вонвременски и пагански суштества, во што како да е содржана желбата да се истераат злите духови, а истите, во една поширока смисла, овозможуваат една поголема, ако не и целосна слобода на човекот кој тргнал да се пресметува со сите свои тајни непријатели, да ги премостува границите на возможното и невозможното, на допуштеното и недопуштеното, на тајното и таинственото, задавајќи му го својот решителен удар на тој Зол Дух што волнува потајум и од заседа, од сигурната засолнина на маската, било да се работи за жив човек, во неговото изворно лице, или персонификација на некое олицетворение на злото. Оттаму, веројатно, оној шегаџиски и мајтапџиски тон, онаа зајадливост, потсмев и урнебесен смев кај карневалџиите што се задржал и до денот денешен. На карневалот СÈ Е ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ОГЛЕДАЛОТО. Тука сè е можно. Тој ден може да се лудува, но и да се одмаздува на непријателот. Се разбира, во поново време тоа зема дневни, актуелни, па дури и општествено-политички и светско-цивилизациски димензии и конотации. Човекот со маската има сокриено лице, но сосема отворена и широка душа. Всушност, кога ќе падне мракот, тогаш КАРНЕВАЛОТ ПОЧНУВА ДА ЖИВЕЕ.
„Карневалот го славеше привременото ослободување од владеачката вистина за постојниот поредок, привременото укинување на сите хиерархиски односи, привилегии, норми, забрани. Тоа беше вистински празник на времето, празник на постанокот, смената и обновата. Тој беше против секакво овековечување, завршеток и крај. Беше свртен кон иднината која не завршува.
Затоа и Франсоа Рабле пееше:
„Dieu, qui soubz l’ homme a la monde soumis,
А l’ homme seul, le seul rire a permis
Рour s’ esgayer et non pas a la beste,
Qui n’a raison ny esprit en la teste.“
„Бог, кој на човека му го потчини цел свет
Единствено на човека му даде смеа
За да се весели, а не на животното
Лишено од разум и дух свет“.
(Михаил Бахтин: „Франсоа Рабле…“)
Надежта во спасението и истерувањето на злите духови безмалку, претставува општо место во европската и светската традиција на сите карневалски свечености. Се разбира од тоа не е поштеден ниту струмичкиот карневал. Да се присетиме само на големите карневалски церемонии во Јужна Франција, во Прованса, во Италија, во Германија, Шлезија, Русија и другите земји на сите континенти, дури и кај најпримитивните племиња од Австралија и Океанија, за изнесувањето на смртта, за донесувањето на летото, за битката помеѓу летото и зимата, за смртта и оживувањето на билките и растенијата, за големиот мит на плодноста, за Деметра и Персефона, за Изида и Озирис за Дијана и Артемида, за големите магиски и религиозни обредни движења, за божествената контрола на времето, за истерувачите на ѓаволите, за големите свештеници и шамани кои лекуваат, за големите тапани што татнат и ги предизвикуваат боговите и чудата, за култот кон светото дрво, за ѓурѓовденските и додолските реликти, за големиот Амонов храм во Луксор и таинствената Сумерска цивилизација, за табуите и за стравот од умрените, што е во корените на сите религии, магии и празноверија, за Ескимите кои земаат нови имиња откако ќе остарат верувајќи во својата бесмртност, за Изида која го спасува Ра од змискиот отров, откако ќе го открие неговото име, за амајлиите што штитат од уроци, за баењето против злите очи за црниот гулаб на оџакот, за таинствениот запис на портата во Охрид што штити од џинови, за обесената облека на дрво од болниот со цел болеста да премине на друг итн. Што е сето тоа ако не еден голем и занесен циркулус витиосус, еден вовременски и постојан вител и метеж на времињата, епохите и цивилизациите, една голема и блескава синтеза на Човековиот Дух.
„Согледан во сета своја животност“, вели Бранислав Малиновски, „митот не е толкување наменето да го задоволи научниот куриозитет, туку расказ кој оживува една оригинална реалност и кој одговара на една длабока религиозна потреба, на моралните стремежи, на стегите и императивите на општествениот ред, па дури и на практичните барања. Во примитивните цивилизации митот игра неопходна улога: тој го изразува, истакнува и утврдува верувањето: тој ги чува и наметнува моралните принципи; тој ја осигурува делотворноста на ритуалните обреди и на човекот му дава практични правила. Значи, митот е суштествен елемент на човечката култура; далеку од тоа да биде празно дрдорење, тој, напротив, е жива стварност кон која непрестајно се прибегнува“.
(В. Маlinowski „Magic, Ѕcience and Religion, New York, р. 101 и во истата книга, во студијата „Муth in Primitive Psychology“, тој продолжува:
„Митот, пред сè, е културна снага, но тој не е само тоа. Очигледно, тој е и приказна и така има и свој книжевен аспект, кој повеќемина од научниците претерано го нагласуваат, но кој сепак не треба целосно да се занемарува“. Малиновски смета дека „само оној антрополог кој долго и трпеливо, на лице место, го изучува општествениот контекст на духовните творби, има изгледи за успех – сето друго е обична конструкција и празно мудрување“. Така тој ги удира темелите на една од своите основни доктрини: холизмот.
Мене, сепак, ме зачуди тоа што во струмичкиот карневал, на пример, сарказмот за сметка на поповите е мошне изразен, присутен и придружун елемент на поворката. И тука има различни мислења и толкувања. Некои сосема децидирано тврдат дека тоа се понови влијанија од долгогодишното траење на атеистичките политички инфлуенци. Ставањето на поповите во таков лош, пежоративен и карикатурален контекст, значи, му се припишува на идеолошкиот курс на одминатите режимски определби. Сепак, за волја на вистината, поповите на ова поднебје биле земани на мајтап од народот. Честа е сликата и на сечачи на дрва. Во поново време, струмичкиот карневал се одржува под две тематски целини: во изворна и модерна димензија. Се исмеваат сопствените слабости, општествените и најпосле и светските. Во Струмица денес е присутен еден жив карневалски дух, една свест за карневалот. Цел месец пред почетокот на свеченостите, градот живее за тој празник. Сè е раздвижено, во секој поглед. ТРОГЛАВАТА ЛАМЈА уште многу порано од вистинскиот почеток на карневалот и ТРИМЕРИТЕ веќе го подава својот врат над највисокото опкружување, дури таму од Топчевото кафеанче, обидувајќи се да ја лапне и да ја проголта младата невина девојка, облечена во бела невестинска облека, во својот девствен фустан, небаре вистински пандан на весталинка, а алузијата на Македонија – склештена во канџите и челуста на троглавата ламја – персонификацијата на соседните Грција, Србија и Бугарија, е повеќе од јасна, недвојбена, очигледна.
Третиот ден од карневалот се одржуваат собирите и смотрата на армасарските свечености, таканаречените СИНИИ. Карневалот е на прагот на пролетта. А што е попролетно, попоетично, подевствено, поневино и поблизу до раѓањето на Цветници, од „белите извори на убавината“, од армасот?! Тоа е вистинско посветување на пролетта на самиот праг од нејзиното доаѓање. Тогаш, при собирот на СИНИИТЕ, има некоја невиност и непорочност и покрај блискиот шум од бројните машки задевки што останале тука од претходната вечер на преправени те момчиња, и покрај многуте слободни песни, што ги пеат постарите жени, носејќи ги подароците од страната на мажот. Тоа е еден цел ритуал во кој се слави животот, плодноста и раѓањето. Тука младите моми се собрани на едно место, во куќата на некоја армасаница (свршеница) уште од неделата (на Прочка) заедно ги минуваат тримерските пости сè до средата, до т.н. СИНИИ. Додека тие се собрани тука, минувајќи ги своите занесни мигови со својата друшка, која наскоро ќе замине во куќа: на својот иден маж, во нов живот, расприкажани, весели и омае ни од среќа (иако мораат жестоко да гладуваат), тие се среќни поради тоа што во тие и такви конзервативни услови какви што во минатото владеале во овие наши краишта, ќе можат да си ги видат своите сакани (иако преправени и престорени карневалџии, скриени зад своите маски), да дојдат до толку сонуваната и мечтаена блиска средба со своите момчиња, можеби потајум да се држат за раце и да си ги кажуваат своите први нежности. А околу нив се орат шегите, песната и смеата. Можеби ќе се за пее и онаа веќе толку сакана и често слушана песна:
„Ја грабиле мома Катерина
ја грабиле мангусарите
ја одвеле мома Катерина
ја одвеле на просија
на просија во нејно село
во нејно село кај нејна мајка
мајка и вели ем говори
мајни се оттука ти црна Ѓупко
црна ѓупко мангусарко
јас не сум мангусарка
тук сам твојта ќерка
а кога се прегрнаа душа си дадеа…
(Ја пее Перо Танушев од Струмица)
Исто така, во неделата, во очи на карневалот, се одржува и ДЕТСКИ КАРНЕВАЛ. Тоа е „претходницата“ на вистинскиот карневал. И детскиот, а особено, оној главниот карневал, се полни со смеа и она што е основен белег и на едниот и на другиот: тоа што МАШКОТО секогаш и задолжително е преправено во ЖЕНСКО. Тоа е правило без отстапка. На струмичкиот карневал сè е распеано, весело, шумно и замајтапено. Мажите облечени во фустани со своите влакнести нозе пеат „мрсни“ и „разблудни“ песни, се задеваат, се штипкаат, се исмејуваат, се подбиваат, си кажуваат досетки. Тоа е еден жив тридневен џумбус, вистински карневал, полн со најразновидни ујдурми, непредвидени и невидени нешта, општ калабалак.
Последниот ден од ТРИМЕРИ се служи леблебија и боза за млечност и плодност на невестата. Од црквата невестата зема ајазмо (крстена вода од Водици), а девојките, нејзините придружнички, кои го минале тешкиот пост без вода и леб, исто така земаат ајазмо и најпосле свекрвата им носи посно јадење на СИНИИТЕ како награда за нивната упорност, чистота и непорочност.
ЕДНА НУЖНА ЗАБЕЛЕШКА И МОЈ ЛИЧЕН СТАВ: Нема сомнение дека во случајот со струмичкиот карневал, како што видовме, се работи за остаток од типична пролетна дионизија, т.е., антестерија. Сигурен сум дека големиот балканолог Михаил Арнаудов немал доволно податоци за ова. Во спротивно тој бездруго немало да пропушти и на македонска почва да ги лоцира пролетните дионизии. Се разбира, отсуството „на некои елементи“ и на овој карневал се резултат само на фактот дека струмичкиот карневал е изразито градска дионизија и дека елементите на аграрниот култ (заорувањето, фалогогијата и сл.) се нешто што не би можело да се поврзува со таа манифестација.