Христо Крстевски

Не ретко сум слушал меѓу народот како се споменуваат некакви „џамалџиски гробишта“. Неодамна истата синтагма ја слушнав и од археологот Звонко Белдедовски, кој по потекло е од Малешевијата „Одејќи на терен“, вели тој, „откривме стари гробишта, кои народот ги именува како „џамалџиски“. (Мошне чуден коинцидент, со оглед на тоа што името џамалџии е синоним на џамаларите, бабарите, сурварите, василичарите, кукерите итн.! -заб. моја Х. К.) Всушност, тоа се словенски гробишта, ги среќававме и во виничко, и во беровско. Се зборува дека „таму се сретнале џамалџиите и се испотепале помеѓу себе“. Тоа се гробишта кои потекнуваат од VIII, IX и X век од н.е., што значи, од ранохристијанскиот период. Во Малешевијата, кај с. Русиново и с. Ратево може да се слушне како истите тие гробишта ги нарекуваат и како „русалиски гробишта“. Обично тоа се гробишта надвор од населените места, нема населби во близина и тие тепања и пресметки се случувале во полето, отскраја. (Тоа е опишано во киигата „Малешево и Малешевци“, датирана помеѓу двете светски војни, а подоцна ќе видиме за овој проблем и кај М. Арнаудов). Живо се заинтересирав и за овој проблем на Русалиството и појдов кај прочуениот и речиси легендарен Бач Гоце од с. Секирник, струмичко. Неговото вистинско име е Гоце Данилов Петров и тој е Бежанец, по потекло од кукушкото село Крецело. Тој одлучно, решително, безмалку со жестење ја одби можноста дека постои каква и да е врска помеѓу Русалиите и Џамалџиите. „Џамалџиите“, вели тој, „имаат зли очи“, тие се за пеза, м’жето се преправаат уф жени, жените уф м’же, тава е прекриване, деформиране, с’с сурате и лица с’с маски, а ние немаме маски, ние Русалиите сме отворени!“ Така, џамалџиите, според него, немаат никаква врска со Русалиите. Му ги спомнав гробиштата во виничко и беровско. Тој тврди дека тоа се чисти русалиски гробишта. Ги имало и во Женско и во Грамадна, во кукушко поле, во ѓевгелискиот крај, во Горна Џумаја Колењето помеѓу Русалиите тој го поврзува со турското влијание меѓу народот. Тоа било од турско време. Пред доаѓањето на Турците немало колење. Се играле руски, словенски танци и ора. Има остатоци од носиите и танците и во Црна Гора и во Далмација. Се играло од Божик до Водици. „Убивањето е терор, наметнат од Турците, веројатно со цел да се истребува словенскиот, „ѓаурскиот“ род. Инаку, главната цел на Русалиите била градителска, безмалку ктиторска Тие правеле еден вид идолопоклоние, бидејќи преку играта собирале дарови, а даровите ги положувале во изградба на цркви, манастири, чешми, села, со еден збор: од народот – за народот! „Бач Гоце вели дека русалиската традиција и во овие краишта е богата. Им ги чува носиите и ората и сè уште крепко и умешно ги игра и вие со помладите во с. Секирник! Ми испеа и некои песни. На пример, песната за Мицко Оризарски, кој „сакал четник да стане“. Исто така, и песната за војводата Јован Бабунски, кој „не сакал да се причести, оти Турчинка зел за жена“. Ја испеа и песната за младиот Дино, Русалијата. Тој знае над 30 русалиски песни, за кои ми вети дека во некоја наредна пригода сите ќе ни ги испее во микрофонот.
„Мицко Оризарски по меани седи
Миц-Маро миц Миц-Маро миц
(сабјите штракаат во ритам)
И тој сака четник да стане
четник да стане чета да воде
Неговите деца голи и боси
голи и боси ем като роси
Неговата жена гладна и жедна
гладна и жедна солунска тазија“.
…или онаа за Дино Русалијата:
„Зајде слнце подмрачи се
Млади Дино п’т ќе ода
П ‘т ќе ода Русалија
Русалија у Гуменца…“
ПРОБЛЕМОТ НА РУСАЛИСТВОТО И КАЛУШАРСТВОТО КАЈ АРНАУДОВ
„Во бугарските села околу Солун, помеѓу Ениџе-Вардар и Кукуш и особено во областа Боимија, за време на т.н. „погани денови“ од Коледе до Водици одат дружини русалии, 20-30 момчиња, сè во двојки, предводени од балтаџија и ќесеџија балтаџија – човек со секира; ќесеџија – човек со ќесе). Напомош на последните одат еден „јузбашија“, двајца чауши, 2-4 „слуги“ и 2 „калаузи“ (претпазници, извидници). Сите облечени во нова облека и на градите имаат две црвени шамии, поставени вкрсно, накитени со пари и друг разен накит. Секирџијата во лесната рака носи една секира, а сите останати голи мечеви, подигнати наугоре.
На Божик (првиот ден на Рождество Христово) тие се простуваат со најблиските, небаре ќе одат во војна, се собираат пред црквата. Потоа тргнуваат да обиколуваат по селата, за да се вратат одвај по 12 дни. За сето време тие се придржуваат на следните правила: 1. Помеѓу себе не зборуваат, освен навечер, и тоа сосема тивко; 2. Не се крстат кога јадат, не благословуваат кога пијат, не поздравуваат кога ќе сретнат некого; 3. Одејќи во двојки еден до друг, тие не дозволуваат никому да ја пресече веригата помеѓу нив и секој настапнува врз стапките на својот претходник – само болните можат да го прекинат орото кога играат, и да седнат на средина за да оздрават. 4. Никогаш не газат вода – малите води ги прескокнуваат, а реките ги преминуваат со кола; 5. Ако некој од дружината изостане поради некаква причина, другарот не го напушта ами стои покрај него и мавта со мечот над неговата глава да го пази од зли духови; 6. Кога ќе застанат да ноќеваат, тие не се делат, сите остануваат во една куќа, поширока, за да можат да се собираат и други гости; 7. Ако пристигнат во село, од кое е некој од русалиите, тој не смее да се среќава со роднините; 8. Дружината напред ги испраќа „калаузите“, за да ги предупредат селаните за нивното доаѓање – и така бидуваат пречекани со почести – како и да не се сретнат со некоја друга русалиска чета и да се испотепаат; 9. Ако по пат наидат на кладенец, суво дрво, стари гробишта, крстопат, тие ги обиколуваат три пати и си ги вкрстуваат сабјите, небаре ги опираат од врвот на земјата и извикуваат: „Ехее!“ Секое утро во текот на 12 дни тапанарите ги будат русалиите и секирџијата им прави преглед, поминувајќи брзо со секирата покрај нивните нозе. Потоа двајца свирачи засвируваат, бавно одејќи со тапанарите. Чаушите ја чуваат четата отстрана. По крстопатите и средсело тие играат оро, потоа ги обиколуваат куќите и го прекрстуваат секого со мечовите по челото, „за здравје“. Така бидуваат прекрстени и дуќаните на три места на вратата, на огништето, и на трето место кое е во прав агол со нив. Тие ги поддаваат отворените шаки за собирање помош, велејќи: „Напомош да ви е светиот едикојси“! (името на светецот, за чијшто храм се собира помошта). Домаќините подаруваат пари, брашно, жито, крпи, платно и др., што ги донесуваат слугите. Во куќата, кадешто има леунка, русалиите не влегуваат; таквата жена се смета за нечиста. Кадешто има тешко болен, русалиите одат и го прекрстуваат со сабјите за здравје. Калаузите внимаваат дружината да не се сретне со други русалии, бидејќи тогаш двете дружини се бијат и никоја не отстапува додека не падне крв. Мртвите во такви случаи се погребуваат на лице место, без опело; и сега се среќаваат овде-онде „русалиски гробишта“. Ако дружината е многу послаба, таа се предава без борба на противникот и минува во знак на покорност под две соединети на врвовите сабји од посилната дружина. Пред зајдисонце дружината се прибира секогаш в куќи, за да не ја затекне ноќта под отворено небо. Штом ќе свршат игрите, дружината се враќа спроти Водици во селото и оди право во црквата за да ѝ пее свештеникот; кој не ќе оди да го отпеат, тој ќе полуди. Најпрвин тој им пее (чати) молитва и ги оросува, а тие се без капи на главите и без да се крстат пред архиерејскиот стол во средишното одделение на црквата. Потоа одат на десно, излегуваат од десната врата, но гологлави. Тогаш тие се крстат, палат свеќа, се простуваат меѓусебно и целиваат рака секому кого ќе го сретнат, како новокрстени рисјани. Облеката им ја перат на кладенецот или на реката, надвор од куќата. Рано изутрина, на Водици, колат курбан еден овен и прават општа веселба.
Во Боимија (северно од Ениџе-Вардар, околу Гуменџа) русалиските ора се играат поради собирање пари и други средства во натура со јасна општа цел: градба на училиште, црква, манастир и сл10. На чело на дружината стои прот и балтаџија, како и еден водач, главатар, кому сите му се потчинети. Русалиите се облекуваат во сосема нова облека и нови опинци, вооружени се со сабји, или јатаган. Според верувањата, нив ги следат самовили, затоа секогаш треба да одат по двајца, та едниот да бдее над другиот со гола сабја (затоа и не одат ноќе и ги избегнуваат кладенците, гробиштата и сл. таинствени места кадешто се појавуваат самовилите!) На друго место во Македонија или во Тракија такви русалии не се среќаваат; ги има само во Северна Бугарија под истото име, но во поинаква форма и со друга календарска локализација. Од устието на Тимок и од Силистра, меѓу Дунав и Стара планина, во Видинско, Ломско, Плевенско и Свиштовско, за време на „русалиската недела“ одат дружини русалии и калушари, секогаш во непарен број 3, 5 ,7 итн., најчесто 7 души. На чело стои ватаф итн. Калушарите, всушност, се мошне слични на русалиите, со извесни мали разлики во носијата, ората, обичаите и др. пришто посебно интересен е обичајот на лекување болен со оро, кого го „излекуваат“ со ора и танци, или го умираат доколку не се совземе (кутриот). Калушарите се од подунавските краишта, тоа се Власите од Молдавија и Трансилванија…
10 Срв. „Махедонски преглед“, VI (1930), кн I, 101 нт.; К. Шапкарев, Русалии, Пловдив (1884), стр. 7 нт. Види и новото издание на Шапкарев. „Блгарски народни умотворенија“, т. I (1968), стр. 686 нт.