Христо Крстевски
Според мислењето на некои етнолози (И. Сувариев), исто така, треба да се прави реска дистинкција помеѓу сурварите, бабарите, василичарите, џамаларите и кукерите (како што ги нарекуваат во Бугарија) и карневалот што се одржува на Тримери во Струмица. Сурварите се пандани на бабарите, василичарите, џамаларите. Тие одат, исто така, маскирани во големи групи, напати преправени во мечки, напати во волци и слично, а позната е сликата на Циганот кој оди со Циганката, со задолжителното бебе. Тие одат по куќите за да добијат пари и храна и да благословат, со цел од куќата на домаќинот да ги истераат „злите духови“, бидејќи во некрстените денови низ куќата волнуваат лошите духови. Тие притоа маваат со стапови, викаат, креваат голем шум, палат огнови и рипаат преку нив (малата и големата Ората-копата и сл.). Освен тоа, тие и временски не се совпаѓаат: едните се на Василица, а другите на Тримери. Една можна дилема за тоа е дека Евлија Челебија при поминувањето низ Струмица, некаде кон втората половина на XVII век, можел, да речеме, да наиде на Сурвари наместо на карневалџиите на Тримери, можеби засекогаш ќе остане отворена, но нема сомнение дека дистинкција помеѓу сурварите и тримерските свечености постојано мора да се прави. Што се однесува до името Тримери, кај Стеван Тановиќ и неговите „Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази“ од 1927 година постои едно предание според кое Евреите сакале да им напакостат на христијаните кои со голема ревност и верност го почитувале големиот Велигденски пост и бидејќи биле фурнаџии тој ден им ставиле крв во лебот. Христијаните некако разбрале за тоа и не им го купиле лебот. Оттогаш останало ТРИМЕРИ. Се разбира, корелацијата за симболот на троглавата ламја и ТРИМЕРИ е можна, но тоа е сепак само хипотетичко прашање. Она што, меѓутоа, е заедничко на сите би можело да се бара и истражува во носиите, во маските, во црвената боја која насекаде доминира итн. Во таа смисла, би можеле за миг да се присетиме и на мистот, посветеникот од ТРЕСКЕЈАТА, кој преку космичките начела, врзувајќи го црвениот колан, ја изговара својата таинствена заклетва.
ЗБОР-ДВА ЗА ЕТИМОЛОШКАТА СТРАНА НА ПРОБЛЕМОТ
Атанас Вангелов, еден од најзначајните структуралисти на поновата македонска книжевна сцена, го елаборира овој проблем низ еден поливалентен компаративистички засек, сртувајќи го својот интерес особено врз примерите на Михаил Арнаудов, Михаил Д. Петрушевски, Г. Даничкиќ, Петар Скок, Макс Фасмер, Р. Гревз итн. Тој вели: „Во речникот на македонскиот јазик за глаголот набабари (се) се даваат следните појасненија: надути се, отећи (од болести), обући се много. Речникот на Ѓ. Даничкиќ (ЈАЗУ, Загреб 1880-82) за коренот баб дава појаснение: надути се, напети се. Бабун е човек со набрчкано лице, односно еретик, богомил – во Македонија олоним, хидроним и топоним. (Сп. Български етимологически речник БАН, 1962), Петар Скок во хрватско-српскиот етимолошки речник укажува на двојното потекло на баба на Балканот преку редупликација на коренот ба и како заемка од турскиот. Бабр во рускиот е заемка од персискиот со посредство на турскиот и значи тигар. (Макс Фасмер: Єтимологический словаръ русского яазика, Москва, 1962. Така, доколку му се даде предност на коренот ба, името ќе се поврзе со преправеноста на бабарот; доколку пак се даде предност на коренот баб, тогаш во прв ред ќе се согледува: снага, сила, напнување. Арнаудов тоа го бара во грчко-турскиот корен на баба со значење дедо, старец, калуѓер. Михаил Д. Петрушевски името бабар го поврзува со глаголот набабари (се), пришто го апострофира значењето на преправањето. Етимолошката страна на проблемот околу Дионис и дионизиите, особено кај Милан Будимир, во неговиот есеј „Потеклото на европската сцена“ од брилјантната книга „Са балканских источника“, СКЗ, Белград, 1969 г., стр. 92-142, е исцрпно обработена.