Христо Крстевски
Во забелешките кон својот јуначки еп „Горскиот патник“ од 1857 г. револуционерниот фолклорист Г. Раковски дава некои митолошки податоци за старите Бугари, пришто се задржува и на денешните карневали (карневални) игри кај простиот народ. Тој бележи: „Во Бугарија играат по некои села кукури (кукери); игри сосема диви. Рипаат без цел, се облекуваат во ветви партали и пеат глупави песни. Во Котел стари баби уште го празнуваат куковден, тоа е првиот понеделник на Великиот пост. „Дали кукот не е бог на дивотијата“?- се прашува Раковски, без да може да си даде задоволителен одговор на прашањето за потеклото на името и значењето на обредната древност. Подоцна други запишувачи и набљудувачи дојдоа да го збогатат значително значењето на кукерскиот карневал, распространет, главно, јужно од Стара планина, во насока кон Источна Тракија. Истражувањето дојде до потврда дека и тука, како и при толку други остатоци од „диви“ обичаи и „глупави“ претстави, ние имаме нешто од онаа „душа на вистината“, за којашто ни зборуваше социологот Спенсер во своите објаснувања за митот и магиите кај првобитните народи.
Во селата околу Бургас, обичајот се прави вака:
Се собираат преку неделата пред Месни Поклади (Сирни Заговезни) 10-15 момчиња и помеѓу себе си ги распоредуваат улогите за смешната маскарада на кукерите (бабарите). Еден избираат за аџибаба и тој се маскира со маска од козја кожа, брада од перјата на пепел, црни мустаќи и неколку овчи ѕвонци на крстот, преку кожените гашти, со волната од надворешната страна. Една од неговите важни одлики е носењето дрвен фалос, бојосан со црвена боја. Вооружен со дрвена сабја, тој ја чува момата (невестата), т.е., некое помладо момче, облечено како невеста. Другите момчиња од дружината се исто така, облечени во кожи од овца или коза, а 4 од нив се наречени харачари (собирачи на данокот-харачот) и тие се облечени како Турци. Еден дедо ги настегнал гаштите со сено, за да не го боли кога ќе го тепаат; неговата баба носи дете од дрво, завиено во детска облека, која често ја крадат за бебето да плаче. А двајца други носат обесена на прачка мрежа со едно јајце од кокошка, тие одвај чекорат поради тежината на јајцето! Целата дружина оди низ село, свири со гајда и ги обидува сите куќи по ред и додека едни играат оро и прават смешна пантомима, други од домашните собираат разни подароци: пари, брашно, жито, јајце, сирење, лук и сè што ќе им дадат.
Истовремено, селаните надвор од кукерската дружина избираат еден цар, му прават брада од бела волна што му паѓа до појасот, му го обелуваат лицето со брашно, му ставаат на градите ордени од тенекија, на главата му вијат чалма, му поддаваат да пуши чибук долг до еден метар, го завиваат со бела ленена черга, му даваат една прачка долга неколку метри со камшик и партал на крајот и го качуваат на колесница со две тркала и поставуваат покрај него двајца гавази. За „цар“ се избира помлад човек од 25-30 години, здрав и јак, за да може да бега кога ќе затреба. Штом ќе го прошетаат селото кукерите навечер – тоа се прави за бериќет – се собираат во куќата на „царот“. Таму тие го дигаат во чергата и го качуваат во колата, потоа сите се впрегнуваат во неа за да ја теглат и така одат на мегдан, кадешто ги чека целото село. Му ја редат на „царот“ трпезата за да јаде – пржени јајца и вино. Гавазите му ги подаваат залаците на „царот“, му ги туркаат во устата, небаре тој не може самиот да јаде. Уште додека јаде, му протнуваат преку крстот едно јаже, за кое што е закачено рало за орање. Му подаваат кошница со жито, јачмен, царевица и друга храна, за да сее. И додека тој сее и пие од чашата, благословува: „На здравје, војско! Да даде Господ многу бериќет! Да има мамули по 10 лева, жито 15 лева… Да има деца повеќе за помош на царот!“
Но кукерите, впрегнати во ралото, ненадејно тргнуваат и тој паѓа, расејувајќи го семето од кошницата. Така тој паѓа и станува три пати, откако ќе ора и сее од собраната храна, а исто така и удира со стапот кој кого ќе стигне. Најнакрај, „царот“ ќе го одведат дома, кадешто тој прави гоштевка за кукерите.
Така се прави обичајот во Одринско, Визенско, Јамболско, Средна гора, откако се пренесени таму од постарите преселници од Тракија и на север од Балканот, кон Силистра и Тутракан.
Дружината, крајно разновидна, по составот на разни места обично опфаќа: кукер, облечен во козји, овчи или срнешки кожи и со поцрнето од саѓи лице (сличноста со опишаното кај Миладиновци и Шапкарев е повеќе од очигледна!-забел. моја – Х. К.); (помеѓу другото, тој со дрвениот фалос врши една дрска пантомим, која никого не го зачудува); кукерица, или баба, со кошница преѓа, фурка, поцрнето лице и живо бебе (откраднати од некоја куќа), кое таа го „раѓа“, спуштајќи го од дрво небаре харачари или пуфкари, т.е. даночни чиновници или полицајци или, ловци, коишто „пуфкаат“ со лакови и стрели пепел во очите на минувачите и луѓето, разни бербери, доктори, јаничари, кадии (судии), Цигани и други улоги, престорени така за да ги насмејат гледачите. Откако ќе се обиколи селото, доаѓа другиот дел на обредот: заорувањето и засејувањето на неколку бразди среде село со благослов од избраниот за случајот цар, кој носи круна од картони на главата и други царски одличија. Кога царот сее, секогаш паѓа или полегнува, за да полегнат и нивите од тешкото зрно. А по некои места „грмат“ со пушки одозгора и божем го убиваат и него, а бабата, царицата, го оплакува, редејќи го. Но тој рипа, бие кого ќе стигне, по што се преоблекува и зема учество во општата гоштевка на кукерите.
Обичајот денес се празнува и осмислува како магиско воведување на плодноста пред годината што настапува, пришто запазувањето се должи како на тоа стопанско означување, така и на сообразната драмско-миметичка игра со нејзините комични елементи. Легнувањето на царот, како и легнувањето на житните класја, или фалологијата, како имитација на оплодувањето, се трпи поради врската со најживотните материјални интереси на едно земјоделско население. Но ако се прашуваме за потеклото и првобитната смисла на годишниот обред, ние треба да го земеме предвид како неверојатно сличниот, новогрчкиот карневал на Месни поклади, така и древните грчки мистерии на Дионизиј. Кај денешните Грци во Тракија кукерската игра се врши на истиот начин, пришто т.н. „калугери“, „дедо“, „баба“, „цар“ итн. наполно се совпаѓаат со бугарските улоги. Се работи и тука за обичај којшто се прави за „бериќет“. Го позајмуваат ли Бугарите карневалскиот празник од Грците? Тие пак го имаат по наследство од јазичкото време. Зашто христијанството, така победоносно како државна религија, и како природен закон, се покажа бессилно да ја отстрани естетиката и магијата, сврзани со економскиот живот на простиот народ. Уште VI-от вселенски собор во Цариград (680 г.) реско ги осуди спомените на богот Дионис со тие шумни маскаради и тие срамни песни и танци, но никакви порекнувања и проповеди на духовенството не можат да го искорнат длабоко всадениот светоглед и обред на месното селско население. Датата на празникот, поворката на кукерите, преоблеката, учеството на „царот“, свеченото заорување и благословијата за изобилие – се приспомнува на атинскиот празник на Дионис во формата на т.н. АНТЕСТЕРИИ. Ненапразно еден руски црковен собор од XIII в. ги отфрли со лутина „бесрамните“ и „осквернителни“ танци на мажите и жените преку денот на светото Воскресение, што ги вршеа тие, „Ако Дионисов празник празнуваат нечестивите Елини“. Се покажа дека древната култура на култната магија и древните обичаи не се исчезнати наполно: тие продолжуваат да се држат како обредни чинодејствија и суеверна претстава до ден денешен, без нивниот кукер да се идентификува со богот на плод носта и плодородието и земјоделието, кое доаѓа напролет, предводен од сатири и нимфи; без селскиот „цар“ да знае дека во најскромна форма ја продолжува улогата на архонтот-василевс, државната глава на Атина, пред кого некогаш обредно се вршело заорувањето за плодородие и свештеното бракосплоту вање помеѓу царицата и Дионис…“
И на крајот, Арнаудов дава неколку забелешки од етимолошки карактер, пришто вели дека „означувањето кукер, по старо кук, доаѓа од обредниот обичај на танчерот и стои во врска со зборот кукла и куклинден. Поради тоа, на други места во Бугарија кукерите се наречуваат според својот вид во „старци“ или „камилари“, „арапи“,“мечкаре“, „мечкадари“, „џамали“ итн.