Христо Крстевски
Според досега кажаното, ни се наметнуваат неколку основни и завршни одредби и заклучоци:
1. Нема сомнение дека струмичкиот карневал е еден убав и очигледен доказ дека и на почвата од Македонија пролетниот култен обред што паѓа точно на т.н. Антестерии (Цветници) се одржува во нагласено подолг временски континиум и дека, според тоа, тврдењето на Михаил Арнаудов дека во Македонија „кукерската маскарада е исклучително зимски празник и дека игрите се случуваат само од Коледе до Иванден, најчесто на Нова Година и на Водици“, не е точно;
2. Споредувањата помеѓу вевчанскиот и тракискиот карневал ни покажуваат дека и во двата случаи се работи за изразит аграрен култ и дека фактот што во вевчанскиот карневал веќе не се присушти некои елементи за кои зборува Арнаудов, апострофирајќи ги како битни во случајот со тракискиот карневал (фалологијата, заорувањето, пантомимата и сл.) не зборува за евентуалната поголема древност или изворност во едниот или другиот случај, ами само за нешто што тој правилно го именува како „различни културни струи…со основна тенденција кон народен карневал, потпрен врз древните дионизии“. (Студии врху блгарските обреди и легенди, Софија, 1972);
3. Отсуството на некои обредни елементи во нашите василичарски и бабарски празнувања би требало да се третираат како доказ и пример за мошне карактеристичната сакрализација на празникот и силната црковна инфлуенца, особено во охридскиот крај, лулката на нашата црква и седиштето на македонската архиепископија;
4. Дуалноста на сакралното и паганското во случајот на струмичкиот тримерски карневал, со присуството на снажниот еротски наплив во песните и другиот обреден материјал, јасно зборува во полза на фактот дека тоа е еден од најстарите карневали во Македонија;
5. Нагласено честата употреба на црвената боја во облеката и другите придружни елементи (маските, украсите и сл.) зборува, исто така, во прилог на тезата дека карневалите во Македонија содржат во себе траги од мошне стари, пагански, дионизиски елементи и реликти;
6. Според многу знаци и укажувања, не би требало да се подвлекува црта на идентичност помеѓу т.н. русалиство и бабарската (василичарската, сурварската, џамаларската, кукерската) маскарада;
7. Елементот на жртвата и курбанот во карневалските празнувања и појавата на човековата саможртва во русалискиот обичај би требало да се подвргне на понатамошна продлабочена научна анализа.
Воин Матиќ во „Заборавените божества“, пишувајќи за карневалските свечености во Дубровник зборува за Турица, Чорој и Вила, за змејот на Апендини од Кнежевскиот двор, за пукањето на св. Влах од старинските пушки, за познатите маскерати и Јеѓуптите на Решетар и најпосле стигнува до Баба Јага и митот на Дионис, до Бадник и Поклади, па сè до Костромата и Јарило во Русија и до Кумпаниите на Корчула и Русалиите во Македонија.
Тој вели: „Карневали има речиси во сите европски земји. Она старо, локално-народно, претхристијанско предание се вмешало во тој популарен празник, кој молчешкум ги обединил соодветните пагански празиици и од нив создало некој вид примирје и компромис помеѓу паганизмот и христијанството“. Лудувањето на простиот свет пред големиот пост, било нешто на кое црквата мижела со едното око. Откако ќе настапи агонијата на Исус Христос, тогаш со играта ќе мора да се прекине. Она што е во врска со жртвениот вол уште од тракиската трескеја, ние го наоѓаме и до ден-денес и во некои краишта на Корчула, Вис и Македонија. Се уште се негува борбена игра и танц на младите Русалии кај нас (го видовме тоа во с. Секирник, струмичко), а В. Матиќ зборува и за Словенска Далмација, кадешто се памти дека во тие заеднички игри понекогаш „течела и крв“. Зачудува речиси тоталната идентичност со тие длабокоумни и софистицирани научници во ликовите на Михаил Арнаудов и Воин Матиќ од една страна, и речиси одвај писмениот, но бескрајно длабок и умен селанец каков што е Бач Гоце, од друга, кога е во прашање толкувањето за меѓусебните убиства на Русалиите, односно Кумпаниите, или Калушарите, пришто едните се жртви на турската инфлуенца, а пак другите на италијанската и наполеонската. Единствена, и се чини, занемарлива разлика е тоа што Воин Матиќ смета дека Русалиите потекнуваат од фригискиот мит на кралот Мидас, а Бач Гоце тврди дека нивното потекло единствено треба и мора да се бара „некаде таму далеку зад Карпатите, во лулката на големата словенска мајка Русија“ и дека „Грците ионака нас жестоко нè крадат, па дури и оние нивни наперчени Евзони се превземени од нас, ако се изземе пафката на чорапите и капата писќулија“. Исто така, смета В. Матиќ, местото Смоквица е мошне карактеристичен и заеднички детал, хомолог и за едните и за другите игри, ора и танци, и оние од Македонија и оние од Корчула. Потекнуваат, значи, од истоимено место.
Што се однесува до митот за жртвениот вол, Воин Матиќ вели дека „не е случајно што во Македонија се наоѓа градот Велес, кој без сомнение е поврзан со истото словенско божество од крупниот добиток. Освен наведените сличности што се пробивале низ цел милениум и толку културни влијанија, постојат и такви одлики кои укажуваат на сродност со другите словенски племиња и обичаи, како во рамките на Јужните Словени, така и на оние на запад и Исток. Таков е случајот и со Чесите. „Во сите ритуали на иницијација на момчиња – во матријархатот кај девојките – тие се изложувани на разни испити на издржливост, повреди и убиства. Спомените на слични битки помеѓу момчињата познати се насекаде кадешто постојат коледарите. И името коледари, кое е од латинско потекло, накалемено е на стариот словенски обичај кој има свои специфики, иако потекнува од фантазмите на сличните оние од кои настанаа истоимените обичаи ширум Европа. Па така, и т.н. стеќци, кои се наредени два по два, се остатоци од помеѓу себе убиени сватови. И чороичарските игри, сродни на коледарските, се спомени на старите меѓусебни борби и често се наречуваат како ИГРИ НА СВАТОВИТЕ.
Денес тешко може да се утврди зошто од некој ритуал настанале хумористични, а од некои јуначки игри и танци. Денес се знае дека и БУФОНИИТЕ се сврзани со убиството на бикот, што од глетка која некогаш предизвикувала грозоморен страв кај сите присутни и учесници, денес претставува само една обична панаѓурска шега. И ете не пак кај Аристотел и неговата дихотомија – tragedos-trugodos .
„Во многу обреди, вели Рене Жирард, „жртвувањето се врши на два различни начина. Некаде како една „мошне света работа“ од која не треба да се откажуваме без видлива тешкотија, а некаде напротив како од еден вид злостор, кој не може да се прави без да биде изложен на ризик исто толку тежок. Сметајќи на овој двоен аспект, легитимен и нелегитимен, јавен и речиси таен за обредното саможртвување, Хуберт и Мос во својот Есеј за природата и функцијата на жртвувањето се повикуваат на светиот карактер на жртвата. Криминално е да се убие жртвата, бидејќи таа е света… но жртвата не ќе биде света ако не биде убиена. Има тука нешто притаено што ќе си го дочува до нашите дни своето звучно име на амбиваленцијата. Можеби сега, во ХХ-от век е време да фрлиме малку светлина и да го исправиме тоа што не ни дава вистинско објаснување“. (Рене Жирард, „La violence et le ѕасrе“)
„Секоја верзија на митот, вели Клод Леви-Строс, „е предмет на двојно влијание, пришто нивото на надградбата и нивото на основата се наоѓаат во некој вид на престабилизирана хармонија“ („Митологика“I). Откривајќи го својот „генетички код“, тој значително се охрабри, и инаку склон кон далекусежни воопштувања, и на самата природа да ѝ ја припише онаа иста геометриска логика според која, наводно, функционира и човечкиот дух. Како што вели Строс, природата „не се двоумела“ кога пред повеќе милијарди години, трагајќи по моделот „позајмен по принципот на антиципацијата“ да го избере оној за кој ние ги врзуваме имињата на Трубецкој и Јакобсон (во структуралната фонетика – под. мое) „Дивата мисла е“, вели тој, „исто така, облик на научното мислење“. Модерната и магиска мисла се само два начина на сознанието, нееднакви по своите теориски и практични резултати… но еднакви според видот на духовните активности, кои обете ги претпоставуваат и кои помалку се разликуваат по својата природа, а повеќе по типовите на феномените со кои се бават.“ (К. Л.Строс „Дива мисла“) Овде тој се занимава со проблемот на универзалното барање за копнежот по редот, велејќи „дури и во примитивниот менталитет владее истата геометриска правилност каква што, наводно, владее и во областа на сите други манифестации на човековиот дух“. Всушност, тоа е неговиот „геометриски идеал“, кој за волја на вистината, секогаш не поседува доволно цврсти и потпирни точки. На тоа познатиот руски формалистички теоретичар Владимир Ј. Проп вака реагира: „Областа на природата и областа на човековото творештво не се раздвоени. Постои нешто што ги обединува, постојат некои за нив заеднички закони, кои можат да се изучуваат со слични методи“ („Фолклор и деиствителности, Наука, Москва, 1976, стр. 133).
Во секој случај, човековата жед по сознанието и епистемолошкиот стремеж кон временските координати од бездните на митот, како се уште да се кревка фиданка. Или како што ќе рече Ален, „мечтата трае колку сенката на една ластовица“.
И така, пак се вртиме околу бунарот на Времето, во вечниот круг на Митот. Во мугрите на современото општество „потеклото“, смета Елијаде, имаше магично значење и влијание. Во желбата сите да имаат своја света историја и „благородно потекло“, стигнаа до својот културен провинцијализам. Човекот станува современик на подвизите што Боговите ги извеле in illo tempore. Револтот спрема неповратноста на Времето му помага на Човекот да ја „создаде стварноста“, а од друга страна, го ослободува товарот на Мртвото Време, го уверува дека е способен да го урне минатото, да го започне својот живот и одново да го создаде својот свет.
-Што се карневалите?- на крајот од краиштата. Блесок, миг, општ занес, сенароден вознес, заборав, забава, екстаза на толпата? Облик на фалогогична дионизија, или атичка, коринтска, или римска сатурналија збрана врз конкавниот лак на древната етрурска ваза. Слика на Гаргантуа и Пантагруел, или пргавиот Панургие во вечната и бесмртна замајтапеност на Рабле, небаре како на сликите од напати гладните и страдните, а напати ошумоглавените веселницн на Бројгел илл Хиеронимус Бош. Дали во таа шарена поворка на смеата, во тој шарен и луд паноптикум, во тој сесветски пандемониум, не ги забележуваме однекаде и Силјан Штркот и Троглавата ламја под Цареви кули?!
„Светот повеќе не е нејасна маса со случајно расфрлени предмети, туку жив, подвижен и значаен космос. Во крајна анализа, светот се открива како јазик“, вели Големиот Маг на Митот, Мирча Елијаде.