
Виолета АЧКОСКА
Црно-белите слики на историјата насликана низ пожелните политички матрици го фабрикуваат случајот Венко Марковски како случај на парадокси на македонската судбина и на турболенциите на времето од втората половина на XX век. Тоа беа пресвртните мигови во борбата за слобода и државност5, кога по создавањето на Демократска Федерална Македонија, ма ке донскиот народ се најде приклештен помеѓу реалноста и желбите. Од едната страна го реализира правото на државотворност со ограничен суверенитет на дел од етногеографската територија, а од другата сеуште не гуваше надежи за формирање на посебна македонска држава во ет ногеографските граници на Македонија, за кое се бореа и се жртвуваа бројни.
Ма кедонци од трите делови на поделена Македонија6. Во севкупноста на таквите стремежи се одвиваше борба на две концепции околу решавањето на македонското прашање – на спротивствените гледишта на „промакедонската струја” на која припаѓа и Венко Марковски наспроти „пројугословенската струја”. Притоа, припадниците на „промакедонската струја” („автономисти и сепаратисти”) се спротивставија на недемократските методи на владеење на комунистичката партија и не го прифаќаа како дефинитивно југословенското решение на македонското прашање.
Оваа група македонски дејци, воздигнати со идеалот за слободата, заради пројавениот „автономизам и сепаратизам”, беше ставена на осуденичка клупа на 21 март 1945 г., на состанокот на Политбирото на ЦК на КПЈ7. Но, со оглед на тоа што влијанието и авторитетот на овие дејци сред македонскиот народ беше огромно, Лазар Колишевски, како „доверлив” човек на Белград, доби задача да организира добро обмислена тактика за рушење на нивниот углед и нивна политичка дисквалификација. Тоа е моментот кога, по кусото издигање на пиедестал, започна партиската хајка против Венко Марковски заедно со повеќе етикетирани соистомисленици од редовите на КПМ или вонпартиски македонски дејци. Притоа, како што следеа настаните, Венко се удираше по најслабата точка, онаму каде што беше најранлив – по неговото творештво.
По мартовската расправа во Политбирото на ЦК на КПЈ, прашањето за „скршнувањето” во партијата и „фракционерството” во летото истата година го претресува и Пленумот на ЦК на КПМ8. Македонското партиско раководство, спроведувајќи ги директивите на југословенскиот центар, започна со постепено отстранување на интелектуалните кадри, на оние кои не биле подготвени до крај да ги следат директивите на југословенскиот партиски врв, кои немале доволна доза на покорност и кои не ги прифаќале благонаклоно кадровските решенија од Белград, како ни инструкторите во органите на УДБ и во ЈНА.
Во тој период на раѓањето на македонската слобода, исполнет со противречности, Венко Марковски влезе во историјата на создавањето на современата македонската држава како човек овенчан со епитетот на првиот современ македонски поет кој пишувал поезија на македонски јазик, во времето кога не постоела ниту македонска држава ниту кодифициран литературен јазик, азбука и правопис9. Неговото литературно творештво, она највредното, несомнено е дел од македонското културно наследство, така што и покрај годините на молк и покрај обидите да биде избришано, тоа се враќа во антологиите на современата македонска поезија10.
________________________________________________________________________
5 Во борбата за македонската слобода, самостоен национален развој и државност, Венко Марковски се вклучи со целото свое срце. За време на Втората светска војна бил затворен во затворот „Ени Ќој“ во Бугарија, од каде заради ТБЦ, со залагање на Тодор Павлов, е префрлен во санаториумот „Искрец“. Од санаториумот, „преоблечени во молери го спасуваат Кузман Јосифовски Питу и Петре Богданов Кочко и заедно со фамилијата (1943) го префрлаат во Македонија, во партизани“. (Бранислава Радосављевиќ Бојчин, Полицијата одново пак како историски судија, писма, „Утрински весник“, бр. 2948, 28.03.2009). Трпе Дејкоски, учесник во НОВ и еден од Голооточките жртви, се сеќаваше на доаѓањето на Венко во партизаните заедно со неговата сопруга и малечкиот син кој бил облечен во партизанско оделце и носел капа со црвена петокрака. Доаѓањето на Венко имало голема симболика и им дало силен поттик на македонските партизани во антифашистичката национално-ослободителна борба. (Сеќавања на Трпе Дејкоски, разговор воден во Вевчани, 12.07.2001)
6 ДФМ за поголемиот дел од нејзините основополжници претставуваше голема победа и етапа која ќе доведе до целосно решавање на македонското прашање, во една демократски конституирана држава. Ваквата цел на македонското НОД може да се види и од писмото на Ченто до Ј. Чкатров од август 1944. (Методија Андонов Ченто, Документи, ДАРМ, Скопје 2002, док. бр. 42, 115/116).
7 Седница на Политбирото на ЦК на КПЈ од 21. март 1945; Драган Клјакиќ, Совјетизација Балканске зоне. Исповест Лазара Колишевског, Београд 1992, 114-116.
8 ДАРМ, ф: ЦК СКМ, Организационо-инструктивно одделение, к-1, а.е. 65, Записник од состанок на секретарите на окружните комитети, 18.08.1945.
9 На пример, академик Властимир Николовски, раскажуваше за оние скоевски денови во Прилеп 1940/41 г. кога напамет ги учеле патриотските стихови за Илинден напишани од Венко Марковски на македонски јазик. Тие стихови буделе патриотски занес и страст во младите македонски души во предвечерието на Втората Светска Војна. (Сеќавањата на академик Властимир Николовски, Охрид, 23.08.2000 г.).
10 Силјан Петрески од с. Црско, Севда Ристеска од с. Селце, како и повеќе други ученици во средината на педесеттите години на ХХ век, се сеќаваа дека во 1956 г. учителите им наложиле да ја пресвиткаат во своите читанки страницата со поезијата на Венко Марковски и никогаш повеќе ниту да ја отворат, ниту да го споменат името на тој човек. Во антологијата Повоени македонски поети составена од Димитар Митрев и објавена во 1960 г., го нема Венко Марковски кој тогаш сеуште се наоѓал на „општествено превоспитување“ во логорот Голи Оток. (Види: Димитар Митрев, Повоени македонски
поети, антологија, „Кочо Рацин”, Скопје 1960).