Виолета АЧКОСКА

Во 1945 г., Венко Марковски го објавил својот автобиографски роман во стихови „Климе”, кој поминал речиси незабележливо во македонската јавност. Иако на делото му припишувале слаб уметнички квалитет, земајќи ги предвид околностите (на првите покрупни чекори во македонската литература и иделошко-партиските критериуми – соцреализмот) станува сосема јасно, дека квалитетот на делото бил ирелевантен во однос на политичката позиција на авторот. Со ваквиот однос кон неговото дело, (како некогашниот партиски бојкот над Рацин – со молк, за кој интервенирал кај Кузман Јосифовски и самиот Венко во одбрана на Рацин), започнала отворената дисквалификација на Венко Марковски на македонската политичка и културна сцена16. Тука започнува убивањето на творецот, репресиран на најтешкиот духовен начин – со крајно омаловажување на неговото дело. Но, секако дека до ваквиот акт на репресија можеби, барем до судирот со ИБ, немаше воопшто да дојде доколку не настанеше судирот помеѓу Венко Марковски и Александар Ранковиќ, еден од водечките југословенски и српски политичари до 1966 г.
Во 1946 г., Венко ја објавил и драмската пиеса „За родниот кат” која по првата изведба била забранета за прикажување. Основниот аргумент што го исфрлил главниот критичар на пиесата, Димитар Митрев, според оцен ките на Александар Алексиев, „наместо нејзината очигледна неиздржаност”, беше обвинувањето дека Венко Марковски ја омаловажува бор бата на српскиот народ и неговиот придонес во Втората Светска Војна, „што патем не беше точно”17. Со тоа беше обелоденето дека нешто не е во ред помеѓу државниот врв и Венко Марковски.
И следните дела на Марковски наишле на крајно лоши оценки од тогашната критика, особено од страната Димитар Митрев. Дел од овие критики биле реални, но, би биле добронамерни единствено кога би биле напишани во друго време, во време кога македонската книжевност далеку зад себе го оставила социјалистичкиот реализам. Критиките на Д. Митрев, според Алексиев, „пресуетниот” Венко Марковски ги сфатил како „затскриен напад на македонскиот политички врв врз неговиот творечки интегритет. А и имаше причини вака да се резонира. Никој тогаш не знаеше дека тој во меѓувреме бил партиски казнет, а наскоро и исклучен од КПМ, со исклучок, се разбира, на партискиот и државниот естаблишмент”18. Затоа се поставува прашањето дали Димитар Митрев ги изразувал сопствените уверувања и оценки или тоа бил партиски налог. Секако дека повеќе се работи за партиски налог, со оглед на тоа што, во истиот период и Митрев и Марковски застапувале исти гледишта кон литературата.
Без да се разбранува јавноста, во 1946 г., без примена на статутарна процедура, Венко Марковски е исклучен од членството на Комунистичката партија19. Причина за исклучувањето наводно било откривањето на партиски тајни при средбата помеѓу помеѓу Венко Марковски, Павел Шатев И Димитар Влахов со бугарската делегација (В’лко Червенков и Тодор Павлов) во рамките на Сесловенскиот конгрес што се одржувал во Белград20. Александар Ранковиќ најгрубо се нафрлил врз Венко, сметајќи дека за „предавањето” на „интерните партиски работи”, следува не само исклучување од Партијата, туку и судење21. Ваквата реакција на Ранковиќ, сигурно не била заради средбата помеѓу македонските и бугарските делегати на конгресот, туку токму заради фактот што тројцата македонски делегати биле етикетирани како автономисти и сепаратисти. Службата за државна безбедност имаше задача да ги компромитира и селективно политички да ги дисквалификува овие личности.
Случајот бил расчистен неколку дена потоа, по враќањето на Љупчо Арсов, од Белград на состанокот на Политбирото на ЦК КПМ.22 Притоа, без да се сослуша, донесена е одлука за исклучување на Марковски од Партијата, додека Павел Шатев е отстранет од должноста прв потпретседател на Президиумот на АСНОМ23. Венко Марковски ја прифаќа одлуката без приговор, во очекување дека со тоа ќе се поштеди од натамошни притисоци, па и прогони и дека ќе може, како неполитичка личност, да се посвети на литературното творештво и да го даде својот натамошен придонес во македонската национална култура24. И покрај наводите на Лазар Колишевски дека Марковски рамнодушно се однесувал кон објавата за исклучувањето и не поднел жалба25, сепак тоа во никој случај не може да биде реално прикажување на духовната состојба во која се нашол Марковски. Вистински, сето тоа било голем удар за еден поет, правоверен комунист и патриот кој бил деградиран во сопствената држава и од својата партија.
Кампањата против политички дисквалификуваниот и партиски казне тиот поет продолжила со крајно омаловажување на неговата поезија, во една добро обмислена режија со цел да се убие до крај поетот (односно личноста). Во тој контекст, на пример, во делото „За темата на народноослободителната борба во македонската литература” (1947 г.) тогаш водечкиот критичар, Димитар Митрев, од вкупно 50 страници, речиси 33 стра ници посветува на поезијата на Марковски26.
16 Сосема свесен за поетската ранливост на Венко Марковски, за да ја зацврсне неговата самодоверба, Тодор Павлов, како што самиот кажува се изразувал крајно пофално за неговата поезија. Притоа, сметајќи дека неправилно во НРМ се запоставува овој поет, Тодор Павлов ќе запише: Венко „е Македонец и македонски поет, тој пишува на македонски, го афирмира и развива македонскиот јазик, и придонесува на македонската култура, му дава оружје на македонскиот народ“. („Борба“, 11 јули 1945, Интервју на Тодор Павлов).
17 А. Алексиев, исто, 20; Види: Димитар Митрев, В. Марковски „За родниот кат“, „Нова Македонија“, 6 октомври 1946.
18 А. Алексиев, исто.
19 ДАРМ, ф.ЦК КПМ, книга 2, стр. 123 (искучувањето на Венко од КПМ); исто, к-7, 1947 (1.427.7.119/305).
20 Пецо Триков, Национализмет на скопските реководители, Софиа, 1949, 38-39.
21 Просторијата во која се одвивала средбата, во хотелот „Мажестик“ наводно била озвучена, па Ранковиќ бил информиран за тие разговори. Притоа Венко тврдел дека разговорите се движеле само во рамките на проблемите за кои се дискутира помеѓу две братски партии.
22 На состанокот на потесното раководство на ЦК КПМ, на 27 декември 1946 г. на кој присуствувале: Лазар Колишевски, Видое Смилевски, Страхил Гигов, Борко Темелковски и Љупчо Арсов, бил поднесен извештај до највисокото партиско раководство на КПЈ за исклучување од партиските редови на Венко Марковски и за отстранување од функциите на Павел Шатев (ДАРМ, ф: ЦК КПМ, к. 7, а.е. 119, 27.12.1946).
23 Димче Аџи Митрески, Сеќавања за настани и за личности од македонското револуционерно движење, ИНИ, ММ, Скопје 1997, 182.
24 Михајло Миноски, Авнојска Југославија и македонското национално прашање (1943-1946), „Менора“, Скопје 2000, 334-335.
25 На едно место Колишевски наведува дека Венко Марковски „рамнодушно го примил соопштувањето на одлуката за неговото исклучување од партијата#, а за †својата постапка, поради која што е казнет, не сакал да дава објаснување“. (ДАРМ, ф. ЦК КПЈ, Комисија за меѓународни врски, к-1, 889, ЦК КПМ, 312/11.01.1947).
26 Димитар Митрев, За темата на народноослободителната борба во македонската литература,
„Нов ден“, год. 3, бр. 8-9, 1947.