Виолета АЧКОСКА

По 1948 г., по судбинската Резолуција на ИБ, во безмилосната пресметка на режимот со сите оние кои носеле некаков атрибут на советски или сталинови симпатизери, приврзеници и сл., речиси секој можел да биде прогласен за непријател и информбировец. А човек како Венко Марковски, со таква биографија, во таквата политичка клима, уште побрзо и полесно можел да биде ставен во врвот на „државните непријатели”. Фактот што имал посветено стихозбирка на Сталин и што имал пријатели помеѓу бугарските комунисти, само го надополнувало неговиот „непријателски” профил. Сето ова Венко тешко го преживувал. Иако повеќе месеци бил во молк и во некаква самоизолација, сепак не бил поштеден од притисок
и омаловажување. Во 1949 г., следи првото апсење на Венко Марковски. На судењето се држел храбро, не покажувајќи ниту колебливост, ниту страв, можеби не верувајќи во она што му се случува. Во 1950 г. бил затворен како „предавник на македонскиот народ” и „државен непријател”. Во неговиот случај, УДБ применила најрафиниран психолошки терор: ги затвориле не само членовите на неговото најтесно семејство, туку и поголем број (повеќе од дваесет) негови блиски и подалечни роднини. Притоа се изживувале на тој начин што му раскажувале за маките што членовите на неговото семејство и роднините ги трпат поради неговата „тврдокорност”27. Така, Венко Марковски, покрај физичкото малтретирање, ги доживеал и страотиите на психолошкиот терор и заканите за животите и сигурноста
на неговото семејство кое било интернирано во Кичевско28.
Се кренала голема прашина. Неговиот случај стигнал и до ООН и така, заради надворешнополитичкиот притисок бил ослободен. Но, ослободувањето немало да следи доколку Венко не поднесол „покајничка изјава”, која на 25 февруари 1951 г, била објавена во весникот „Нова Македонија”29. „Покајничката изјава”, напишана под принуда, им била неопходна на органите на прогонот за „неспорно” докажување на вината заради која бил осуден30.
Веројатно заради големата популарност на случајот, властите установиле дека е најдобро овој човек да се удира не физички, туку онаму каде е неговото најболно место, во неговото творештво. Драмата „Гоце” напишана практично во затворот била изведена пред целиот политички врв. Се барале најкрупните „крунски сведоци” за да се деградира делото на Венко, зашто драмата доживеала целосно фијаско. Во критиките и полемиките за драмата во весниците, покрај Димитар Митрев, се вклучиле и Митко Зафировски, Бранко Заревски и Лилјана Чаловска. Митко Зафировски дури го обвинил Венко дека го сквернави ликот и делото на Гоце Делчев. Сосема е јасно дека целта на севкупната критика била да се исполитизира овој културен настан и да се деградира авторовиот труд. На тој начин низ една невидена маскарада било уништено и ова дело на Венко Марковски. Венко бил најсурово компромитиран, убиен во душата. Државниот критичар број еден, од тој момент престанал да се интересира за творештвото на Венко. Тоа било систематски убиено, најпрво со груби критики, а потоа со молк. Молкот исто така бил политички став, еден од методите на репресија кој можеби бил најтежок за творците.
Во овој период Венко работи како драматург во Македонскиот народен театар. Иако речиси уништен и деградиран, тој прави обиди и натаму да пишува и ги објавува делата „Сказна за резбарот” и „Над пламени бездни”. Но и овие трудови ја доживеале истата судбина, иако македонската литература била жедна за било какво дело во нејзините први чекори на создавање на националната култура.
Критиката на растечкиот бирократизам во Југослоавија, во првите педесетти години, Милован Ѓилас (по неговиот пресврт од догматизам кон либерализам) ја започнал со повик до писателите на „големо распремање на нашиот живот”31, при што целата работа, на крајот завршила со неговото затворање. Затоа, во клима на притаен молк, страв и неснаоѓање на повеќето творци, крајно смело делувале согледбите за целокупниот апсурд на дикататурата во годините на судирот со ИБ и недопирливиот култ на Јосип Броз, што во 1955 г., Венко Марковски ги објавува низ страниците на
својот труд „Современи парадокси”, пишуван на на српско-хрватски јазик32. Шиканиран, бришан, држен во изолација, тој меѓу првите се осмелил да ја симне политичката маска на Јосип Броз Тито, обвинувајќи ги врвните југословенски раководители за нивните репресивни методи на владеење и за предавството на социјализмот33.
27 За Венко Марковски, „Голооточки сведоштва“, книга прва, редакција и коментари Димче Најчески, „Менора”, Скопје 1999, 57.
28 Според спомените на Фима Џабирска-Јаниќ, во Кичевско биле интернирани најмногу семејства од Делчевска околија, а од Скопје била фамилијата на Венко Марковски. Од семејството на Венко, таму се наоѓале: „мајката на Венко, баба Љуба, на 70 години, сопругата на Венко, Филимена, синот Миле, десет години, посвоената ќерка Љупка, единаесет години, ќерката Султана, две години, како и родителите на Филимена Марковска, баба Кона и дедо Владо. (Фима Џабирска Јаниќ, Од пеколот во пекол, „Дело”, септември 1993). Внуката на Венко Марковски од сестрата Евдокија (Дока), Бранислава Радосављевиќ-Бојчин, наведува дека нејзината мајка, приватен стоматолог, преку свои двајца пациенти Турци (Шабан и Селим), им праќала пари на семејството на Венко за да преживеат. Во Кичево, мајката на Венко, баба Љуба продавала грнчарија на пазарот, сопругата Филимена работела во некоја книжара, а синот Миле ја метел книжарницата.
29 Венко Марковски, „Изјава“, „Нова Македонија“, г.VIII, бр. 1910, 25 февруари 1951, Скопје.
30 Покајничката изјава, според исказите на Александра Марковска, снаа од синот Миле, Венко Марковски ја напишал со вперен пиштол во главата (Разговор воден со А. Марковска на 25.04.2006). Тоа го потврдуваат и други блиски на В. Марковски.
31 Тој изнел и осуда за нивниот молк и пасивност во моментот кога „догматизмот и дека денцијата цветаат насекаде околу нас“, објавувајќи го во весникот „Борба“ текстот „Размислување за разни прашања“. Со овој текст, Ѓилас бара од писателите да влезат во „отворена дискусија“, во борбата за социјалистичка демократија. Тука тој тврди дека има многу полтронство, самоволие и неправда, навредливи за револуцијата, а писателите не се снаоѓаат и не гледаат што треба да прават „во прашањата кои инаку им се многу јасни“ (Мило Глигоријевиќ, Дозвољене и недозвољене слободе, НИН, 28 август 1988, 31).
32 Како дипломиран филолог кој познавал повеќе словенски јазици, покрај на македонски, Венко Марковски пишувал на бугарски, руски и српскохрватски јазик.
33 Во оваа поема, меѓу другото стои: „… Да живее Револуцијата што си ги сотрува своите
чеда“. „…Човекот си ја изгубил верата, и молчи и стега тупаница“. „…Болува земјата.
Гние семето. Д е м о к р а т и ј а. Насекаде беда. Ама затоа – Чест на партијата Над се“.
„…Лицитација на социјализмот. Апсења – Земјата е во опасност. Интернација – Народот е во опасност. Убиства – Слободата е во опасност“. „…Прашуваме ние, Децата на логорите и затворите?…Проституција и комунизам. Во лимузини. И гробови на паднатите. Покрај патот. Во траурот на банкетите. Коегзистенција…“. (Види: Венко Марковски, Современи парадокси, „Синтези“, 14, Скопје 2009, 36-38).