Ангелина Маркус
Во времето на Хипократ медицината сèуште беше привилегија на одредени познати медицински фамилии и сèуште ја одразуваше врската со филозофијата. Лекарот е филозоф како Хипократ, а филозофот е лекар како Аристотел. И двајцата припаѓаа на лекарски фамилии со генерации. Во IV в. пр. Хр. И филозофијата и медицината беа посветени тајни школи што знаењата ги откривале на тесен круг роднини и со заклетва се обврзуваа да ги кријат тајните од непосветените. Мистериите и тајните од Питагорината школа се прифатија и се спроведоа во медицината и во Асклепијадите. Како што содржината на космолошката филозофија се протна во медицината исто така етичката проблематика си најде примена во заклетвата. Целиот тој систем на лечење и лекарската филозофија како привилегирана професија, немаше да има таков ефект ако не беше ставена под заштита на македонските царски фамилии. Царската династија застапуваше лекарски династии со именување на царски лекар. Можеме да ги посочиме, по име и род сите лекари по македонските градови на државата од Александрија до Рим. И ќе го сториме тоа.
Ако се запрашаме кога и каде е пишувана медицинската заклетва, одговорот ќе го пронајдеме испишуван во биографијата на самиот Хипократ. Од Беломорските острови Кос и Книд патувал насекаде низ Македонија. Одбил да оди во Персија.
Атина по Пелопонеските војни и тиранијата на триесетмината не била место ни за живеење, а камо ли за научна работа. Особено откако биле убиени и протерани многу негови лични пријатели Сократ, Тукидит, Анаксагора…
Хипократ како и Ѓорѓија се населил во Лариса, во близина на Македонските престолнини, од каде што и како царски и како патувачки лекари вршеле работа низ многу широки области. Тесалија, во тоа време, била македонска област. До каде што оделе и живееле Македонците до таму стасувала и науката и медицината. Искуствата низ војната и ранетите го зголемувале и медицинското искуство. Разновидното и комплетно живеење во Македонија е главната подлога за севкупното творештво па и медицинското. Влијанијата едни на други луѓе било друг вид предизвик за соработка. Хипократ го познавал етичкото учење на Сократ и бил воодушевен од неговите морални доблести, што Атина ги губела со убивање на толку учени луѓе, дојдени да ја просветуваат. Набрзо во Македонија се собрале голем број од тие што биле протерани. Архелај им дал и заштита и услови за работа. Кај Архелај дошол Хипократ со сета лекарска фамилија, со синот Тесал и Дракон, зетот Полиб и другите. Дошол и останал повеќе од половина од својот живот во најплодните творечки години, да живее по Македонските престолнини, да ги лечи Македонските цареви сè до Аминта таткото на Филип. Тука е напишана Заклетвата за потребите на царската македонска фамилија. Тука се спроведувала терапија во болнички услови и тука се пишувани сите медицински книги. Тука, во Македонија, густо се збиени Асклепијадите и светилиштата каде што била најсилна и присутна древната традиција на секој вид школи. Податоците зборуваат дека и пред Архелај, Хипократ го лечел и Пердика II.
По Аминта синовите покрај Аристотел ја продолжиле професијата царски лекари кај Филип II и Александар. Особено Тесал во придружба на фалангата патувал до Индија и се вратил во Пела. По тоа уште долго медицината со Хипократовата заклетва се движела по светот до денешни денови како основно кредо за медицинскиот морал. Значи изворот за заклетвата е македонската традиција и царство. Македонската филозофија на моралните норми и соработката на луѓе од сите профили што допринеле за сите форми на свеста да се развијат на највисоко ниво. Филозофијата, медицината, сите науки во уметничкото творештво, општествените настани, сè тоа поединечно и воопштено, остави траги како трајни сведоштва за Македонците. Сепак фармацевтскиот знак со змија и Медицинската заклетва ги прифати цел свет како симболи на хуманост од Македонија. Не е случајно тоа што во секој откопан град откопуваме статуи на Асклепие.
Заклетвата, таква каква што ја имаме сега по ѕидовите на амбулантите не е онаа истата. Промени претрпела и медицината и текстот и моралната зрелост на лекарите. Хипократовата заклетва се негува по светот повеќе како морална обврска, како свечен чин, а за нас Македонците има историско значење на филозофското архе или прапочеток во медицината.
Содржината на Заклетвата ја изговара секој лекар кога ја почнува медицинската практика. За да ја знаат сите ја приложуваме.

ХИПОКРАТОВА ЗАКЛЕТВА
Во часот кога стапувам меѓу членовите
на лекарската професија свечено
се обврзувам дека својот живот
ќе го ставам во служба на хуманоста.
Кон своите учители ќе покажувам должна
благодарност и почитување.
Својата професија ќе ја извршувам
совесно и достоинствено.
Најголема грижа ќе ми биде здравјето
на мојот пациент.
Ќе ги почитувам тајните на тие
што ќе ми се доверат.
Со сета своја сила ќе ги одржувам честа и
благородните традиции на лекарската професија.
Моите колеги ќе бидат мои браќа.
Во вршењето на должностите кон болните
на мене нема да делуваат никакви обзири, вера,
националност, раса, политичка или класна припадност.
Од почетокот апсолутно ќе го почитувам
човечкиот живот.
И под закана нема да дозволам моите
медицински знаења да се искористат
спротивно на законите за хуманоста.
Ова го ветувам свечено,
повикувајќи се на својата чест.
Една варијанта на заклетвата ни зборува токму за нашето образложение. Се работи за заклетвата поместена во книгата „Божествена медицина” од д-р Петар Станковиќ, пишувана 1941 година, издадена 1988 година во „Култура” Белград.