Фељтон

Будимпешта – Метрополата на младоста и успесите на Лефтер Манче (14)

Славе Катин

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

Островот е богат со зеленило и има само три згради – националниот базен и хотелите „Гранд“ и „Термал“. Каде и да продупчиш длабока дупка во Будимпешта, и на многу места во Унгарија, ќе најдеш топла минерална вода. Тоа го знаеле и Турците, кои иако биле таму само 150 години, изградиле бањи од кои некои дури и денес се во употреба.

Дунав тече покрај Виена, Братислава, Белград, но во Будимпешта поминува низ срцето на градот. Не можам да си претставам поубаво место на кое е изграден град отколку што е тоа Будимпешта; дури лежи и на поповолно место од Рио де Жанеиро. Тоа е причината што од 1982 година сè повеќе време престојувам во Будимпешта, а во последните 10 години во убавиот хотел „Мариот“, кој е на брегот на Дунав. Секоја соба има поглед кон реката и кон царската палата на другата страна.

До хотелот е изграден и мостот на Кларк. Ако човек погледне од ексклузивниот хотел „Мариот“ кон реката и Будим – ќе види невидена убавина, особено навечер, кога мостовите и палатите на Будим се осветлени. Будим и Пешта биле одделни градови сé до Австроунгарската Империја, а споени се во 1873 година и оттогаш го носат заедничкото име Будимпешта. На многу пријатели им имам кажано дека пред да умрат, задолжително треба да ја посетат Будимпешта.

Еден ден, возејќи се со трамвај од работа до домот, поради турканицата, висев на вратата од трамвајот, кога удрив во столб и почна да ми тече крв од мојата глава. Со амбулантна кола веднаш ме префрлија во големата унгарска травматолошка клиника.

Таму, со неколку конци ми го закрпија резот и следниот ден во нашата болничка соба дојде многу голема група лекари составена од хирурзи, кои беа предводени од познатиот советски хирург професор д-р Петровски, кој решил една година да работи во Будимпешта и да ги обучува унгарските колеги. Подоцна, Петровски стана министер за здравство на СССР во времето на Никита Хрушчов и тој го оперираше пионерот на советските ракети академик Королјев во 1966 год. поради болки во желудникот.

Но тој неочекувано почина, непосредно по операцијата. Професорот Петровски ја виде мојата лузна и рече дека можам да си одам дома. Така, брзо се вратив во населбата „Захаријадис“.

Но, во пролетта на 1950 година, нè преселија во работничкиот дом „Килијан“, кој беше сместен многу поблиску до фабриката и таму се грижеше за нас нашиот голем македонски патриот Лазо Мангов, кој беше дошол во Будимпешта да се лекува по загубата на едната нога во борбите на ДАГ.

Тој почна да ни кажува дека ние сме Македонци и дека треба да се гордееме со тоа име. Подоцна, кога односите меѓу Унгарија и поранешна Југославија, во која Република Македонија беше една од шесте рамноправни федерални единици–републики, се подобрија, по влошените односи поради Резолуцијата на Информбирото во 1948 година, Лазо Мангов побара во 1966 година и доби македонски учебници од Скопје, Македонците почнаа да учат на македонски литературен јазик.

Но, Грците во емиграција кои ја раководеа Грчката комунистичка партија во Будимпешта, не можеа да го трпат тоа и почнаа да му вршат притисок, така што Лазо со семејството мораше да се пресели во Скопје. Кога јас се иселив во Канада, а потоа по многу години го посетив Скопје, посакав да се видам со него, но ми рекоа дека големиот македонски борец и патриот веќе не е меѓу живите. Тоа беше голема тага за мене, зашто тој беше првиот кој ми го всади во душата македонскиот патриотизам.

Будимпешта

На 25 јуни 1950 година прочитавме на табелите пред влезот во фабриката дека тој ден капиталистичка Јужна Кореја ја нападнала демократска Северна Кореја. Секој ден на мапи ни покажуваа како демократската армија на Народна република Северна Кореја напредува и се доближува до Сеул, престолнината на Јужна Кореја. Во есента истата година, не знам од какви причини, пак нè преселија во домот „Захаријадис“.

Оттаму ни беше потешко да одиме на работа во фабриката. Тогаш секоја недела нè носеа да гледаме филмови во киносалата која беше блиску до домот, а редовно гледаме советски филмови, но и филмови дури и за Тарзан. Ние не знаевме дека тоа се играни филмови, туку мислевме дека се автентични, документарни. Многу пати во неделите кога не работевме, одевме да го посетиме домот „Маркос“, каде што беа сместени повозрасните деца.

Тоа беше многу убав дом, а пред војната бил амбасада на Шпанија. Ние одевме таму пешки, иако беше околу 3 km оддалечен од домот „Захаријадис“, пеејќи партизански песни, построени во строј, по главната улица на Будимпешта и многу Унгарци викаа против нас, зашто го попречувавме сообраќајот. Но, и народот од големите згради не знаеше за што се овие песни и кој ги пее, па затоа и тој негодуваше и се чудеше.

Читајќи во македонскиот весник „Непокорен“,којшто излегуваше во слободна Грција, тогаш дознав дека на 3 мај 1949 година фашистите ги изгореле куќите во нашето село, а селаните, заедно со баба Тана, мајка Јана и мајка ми Цана и сестра ми Цилја биле префрлени во соседното село Горенци.

Тогаш не знаев дека мајка ми Цана, со други 16 лица била однесена во Костур и стрелана, а мајка Јана, пак, заедно со сестра ми Тана, по 2 до 3 месеци, исто така, била однесена и заточена на еден остров во ексорија-заточеништво. Подоцна, во домот „Захаријадис“ дознав дека моите тројца браќа Мити, Стефо и Харила и мајка ми Цана не се живи, туку паднале како жртви на монархофашистичкиот режим на Грција. Татко ми Методи тогаш беше в затвор, осуден на доживотна робија, а татко Стефо Манче умрел во селото во февруари 1949 год.

Сознанието дека сум загубил најблиските, мојата вистинска мајка, а особено тројцата постари браќа, ужасно ме потресе, многу ме депримира и за миг исчезнаа сите радости на овој свет. Одеднаш ги снема веселите соништа, сета надеж и верба дека ќе заврши проклетата војна и дека ќе се вратиме во селото и целокупното семејство за да бидеме среќни.

Се почувствував целосно сам, беспомошен, со голема празнина во душата. Порано, во селото им се восхитував на другите деца кои имаа браќа и сестри, а јас немав, затоа што бев единствено дете на мајка Јана и на татко Стефо. Тоа чувство на осаменост ми го надополнуваше вниманието и блискоста, како што тогаш знаев, на моите братучеди Мити, Стефо, Харила и братучетките Тана и Цилја, односно на семејстото Џидрови.

Кога овде во Унгарија, веќе пораснат како адолесцент, дознав дека моите вистински родители се Цана и Методи Џидрови, а ДимитарМити, Стефо, Харила и Тана и Цилја се, всушност, мои браќа и сестри, наеднаш се почувствував пресреќен, горд и со исполнето срце. По таа трагична вест за загубата на најблиските, почувствував како да тонам во понор во бесконечна празнина.

Големата загуба и таа празнина во мојата душа и битие, подоцна потсвесно почнав да ги надополнувам со нови знаења, активности, пријателства, со желба да стекнувам нови успеси во професијата кои не ме задоволија со завршувањето на еден факултет – Факултетот за физичка култура, туку запишав и медицина, каде што навреме завршив со црвена диплома, а тоа значеше со врвен успех, потоа специјализирав општа хирургија, и естетска хирургија и патував на многу конгреси, семинари и советувања од областа на естетската хирургија и така посетив и видов многу градови, метрополи на многу земји, прекрасни места на сите пет континенти, но огромната празнина и болката во душата од загубата на моите најблиски останаа, никогаш не исчезнаа.

Загубата на мајка ми Цана и на браќата Харила, Стефо и Димитар никогаш не ја преболев и денес, по близу осумдесет години, болката не е намалена, а празнината во душата, тагата и огорченоста ќе ме следат до крајот на животот.

Во училиштето во Будимпешта, еден ден, кога имавме час по физичко воспитание, му реков на учителот дека имам мала топка на десната страна до долниот дел од мевот. Тој ме виде и ме прати кај фабричкиот лекар, кој ми рече дека имам кила и дека морам да се оперирам. По неколку недели, во февруари 1951 год., ме однесоа в болница, каде што ме оперираа со локална анестезија.

Во салата бевме сместени 16 пациенти и јас по операцијата имав доста тешкотии, не можев да мочам и тоа го правев преку катетер, кој ми го стави една медицинска сестра. Заедно со катетерот, кој изгледа не бил добро дезинфициран, медицинската сестра не сакајќи ми го инфицирала урогениталниот систем и со тоа ми го смени животот, како што следеа настаните, на подобро.

Продолжува

Најново од: Фељтон

To top