Фељтон

Унгарија – Земјата на младоста на Лефтер Манче (12)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

Во септември 1948 година со воз нè преселија во селото Фот, кое се наоѓа на 20 километри североисточно од Будимпешта. Нè сместија во една палата на еден кат, изградена во барокен стил. Пред огромната порта имаше голема и убаво уредена градина.

Во мал стан на зградата, живееше сопственикот на палатата, која му била национализирана. Нас нè сместија во двокатни кревети по шест до десет деца во соба. Имаше еден голем хол, каде што јадевме и еден друг, каде што претпладне учевме. Во истиот објект беа сместени и други деца како нас од други села.

Неколку повозрасни девојки-„мајки“ беа пратени во Романија, на курс за македонски јазик. Кога се вратија тие „учителки“, нè учеа да читаме и да пишуваме на мајчин македонски јазик. Цела година не учевме ниту на грчки, ниту на унгарски, туку само на македонски јазик. Наставата беше организирана претпладне, а попладне често одевме по околните фарми, каде што ако најдевме некаков зеленчук – моркови, грашок или друго – без размислување го земавме и го јадевме, бидејќи храната во домот не ни беше доволна.

Таму научив да читам и да пишувам на мајчин македонски јазик. Учителите и одговорните ни велеа дека ДАГ ќе победи и дека брзо ќе се вратиме дома. Нашата одговорна на групата девојка-„мајка“ како што ја викавме, Тана Сугарчева, еден ден ми кажа дека јас не сум син на Стефо и на Јана Манчеви кои ме пораснаа, туку сум син на Методи и на Цана Џидрова, која јас ја викав Нана.

Тоа многу ме изненади и ме збуни, затоа што од една страна бев многу радосен и среќен што не сум сам, туку имам тројца големи и прекрасни браќа и две сестри, а од друга страна ми беше жал за мајка Јана и за татко Стефо, кои ме пораснаа и ме сакаа како нивни син. Мајка Јана никогаш не ме искара како што другите деца ги караа нивните родители.

Тогаш сфатив зошто со толку љубов ме гледаа Нана, баба Тана, тетин Методи, како и нивните деца, всушност, мои браќа. Многупати јас спиев кај нив затоа што само еден трап нè делеше од Џидровата куќа. Ми навираат сеќавањата дека кога Нана одеше на пазар во Костур, секогаш и за мене носеше по еден портокал или нешто друго, како и за другите мои браќа.

Тогаш разбрав зошто кога ќе се скарав со некое дете во селото ме викаа копиле, што многу ме лутеше. Никој во селото ми немаше кажано кои се моите вистински родители.

Многу подоцна, од мојата повозрасна сестра Тана дознав дека јас сум бил посвоен од Јана и Стефо кога сум имал само четири недели. Јана и Нана беа сестри од фамилијата Петличкови, а Јана беше постара и со Стефо немале деца и по големо инсистирање на баба ми Тана, моите биолошки родители – Цана, која јас ја викав Нана, и Методи, се сложиле да ме дадат на посвојување.

Кога заминав од селото, најстариот брат Димитар уште беше во селото, додека брат ми Стефо веќе две години беше партизан, а најмладиот Харила, кој беше партизан и имаше 17 години, веќе бил заробен од грчката војска и се наоѓал во затворот во Солун пред да го стрелаат.

Сестра ми Тана, која беше три години постара од мене, и сестра ми Цилја, која беше пет години помлада, останаа во селото со Нана и со баба ми Тана. Тогаш татко ми Методи бил повеќе од три години в затвор на камените острови во Егејот.

Татко Стефо умрел во февруари 1949 година во селото и бил погребан без свештеник, затоа што селото веќе било ослободено од фашистите.

Во селото Фот во Унгарија, првпат во животот, видовме фудбал. Кога на игралиштето селската фудбалска екипа играше фудбал, понекогаш и нас нè носеа да го гледаме натпреварот. Во летото на 1949 година, со воз нè префрлија во селото Диг и повторно нè сместија во една голема и многу убава куќа, која личеше на палата.

Селото Диг се наоѓа на околу 25 километри јужно од големото унгарско езеро Балатон. Деца од многу села бевме сместени во една голема палата, која со својот убав изглед доминираше во околината.

Во многу унгарски села има такви раскошни куќи, еден вид палати, во кои живееле богати земјопоседници кои пред Првата светска војна имале големи имоти на обработливо земјиште. Во паркот на палатата имаше базен и многу пати одевме да се капеме таму. Малкумина од нас знаеја да пливаат, а другите упорно ја учевме таа вештина.

Во селото Диг дојде да нè види тета Софка од Загоричани, сопруга на познатиот партизан Васил Чулев – Цилјангата.

Таа, со други две жени, била пратена од Привремената демократска влада на Грција да ги посети децата евакуирани во т.н. народни демократски републики. Во Диг стигнале кон крајот на летото и тета Софка останала со помалите деца од загоричанската група.

Посетата на тета Софка беше голема радост за нас и тогаш кога сите деца од загоричанската група бевме заедно, се фотографиравме прв и последен пат. Во Диг на тетка Софка и´ дадоа група деца да им биде „мајка“ и со неа останаа и двајцата помали браќа на Тана Сугарчева.

Тогаш не знаевме дека се ближи крајот на Граѓанската војна и дека тета Софка, како и сите ние, не ќе можеме да се вратиме назад, во нашиот роден крај. Во август, ние поголемите деца, со нашата „мајка“ Тана Сугарчева, повторно се вративме во Будимпешта

Продолжува

    

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Фељтон

НА ЛЕКУВАЊЕ ВО БОЛНИЦИТЕ ВО БУДИМПЕШТА (15)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ По операцијата, откако се почувствував подобро по неколку денови, ми ги извадија конците и ме вратија назад во домот „Захаријадис“. Но, вториот ден ми се јави висока температура од 41ºС и ме сместија во медицинската соба, која имаше само четири легла. Тука само јас бев […]

Будимпешта – Метрополата на младоста и успесите на Лефтер Манче (14)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Островот е богат со зеленило и има само три згради – националниот базен и хотелите „Гранд“ и „Термал“. Каде и да продупчиш длабока дупка во Будимпешта, и на многу места во Унгарија, ќе најдеш топла минерална вода. Тоа го знаеле и Турците, кои иако биле […]

Будимпешта – Метрополата на животот и иднината на Лефтер Манче (13)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ  Од селото Диг со воз допатувавме во Будимпешта и нè сместија во една голема стара зграда на два ката, што се наоѓаше на левата страна од реката Дунав. Тука бевме сместени над двeсте деца, собрани и донесени од разни села од Егејска Македонија.  Во големите […]

To top