Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче
Во летото 1960 година, кога повторно бев преведувач на една бугарска група на Балатон, таму на одмор престојуваше и Мара со своите родители и со Ева. Ја поканив да дојде со мене со брод до Бадацон, каде што требаше да ручаме со групата составена од луѓе од Пиринскиот дел на Македонија.
За жал, целиот ден врнеше, па дождот ја засени нашата радост. Групата, во која имаше меѓу 25 и 30 лица, ја пречекав на Западната железничка станица во Будимпешта. Со себе донесоа голема кутија полна со праски. Толку големи и слатки праски дотогаш немав видено. Ми рекоа дека се од Петрич.
Со групата беше дојден и еден студент од Софискиот универзитет, со кого постојано расправав. Му велев дека луѓето во групата не се Бугари, туку Македонци, што го покажал и пописот од 1956 година.
Со него разговаравме и за книжевноста. Му реков дека делото на Максим Горки не е социјалистички реализам, туку обичен реализам, бидејќи Горки го пишувал она што го видел и го доживеал. Му велев дека во светот не постои социјалистички реализам и дека таа идеја веројатно потекнува од Сталин. Студентот, пак, секоја вечер го гледав во шаторот како нешто запишува.
Од членовите на неколку групи сменив форинти за левови, затоа што тогаш Унгарија за нив беше како Запад. Ги сменив речиси сите форинти што ги имав за да соберам доволно левови, бидејќи следната година планирав да се оженам, а по свадбата сакавме медениот месец да го поминеме во Варна, кај моите роднини.
На мајката на Мара ѝ реков дека свадба ќе направиме во текот на летото само доколку успешно ги положам испитите. Во спротивно, ќе настојувам да ги завршам најдоцна до септември.
Кога се вратив во Дебрецен, ја најдов Мара во болница, сместена во двокреветна соба, со многу потечено колено. Дијагнозата сè уште не беше позната, а дури се зборуваше и за можноста да ѝ биде ампутирана ногата.
За среќа, дојде консултант од Интерната клиника, кој врз основа на лабораториските резултати утврди дека станува збор за ревматски артритис и дека Мара треба да биде пренесена во Втората интерна клиника. Пред да ја префрлат, со пункција ѝ извадија големо количество течност од коленото.
И двајцата бевме многу загрижени, како и нејзините родители. Веднаш отидов во големата библиотека и почнав да читам што значи таа дијагноза. Силно се молев болеста да не ги зафати срцето и бубрезите. За наша голема радост, тоа не се случи.
Втората година од студиите, која беше и најтешка, ја завршив со одличен успех по сите предмети. Поради моето знаење по анатомија, хистологија и ембриологија, на крајот од испитот познатиот професор Кромпехер ми рече дека, кога ќе бидам шеста година, ќе ми понуди да им предавам анатомија на студентите од прва година.
Но, најважно од сè беше што решивме свадбата да ја направиме на 29 јули 1961 година – токму на денот кога се запознавме на Балатон.
Свадбата и планот за меден месец
Пред свадбата бев преведувач и раководител на младинска група од Дебрецен, со која престојувавме на Високите Татри во Словачка. Бевме сместени во шатори, а еден ден со автобус заминавме во посета на Прага.
На Вацлавскиот плоштад ѝ купив на Мара спортска торба, на која многу се израдува. И двајцата бевме атлетичари на Универзитетот „Кошут“ и на Медицинскиот факултет. Јас се натпреварував во скок со стап, а Мара во скок во височина. Учествувавме на многу натпревари во Будимпешта.
Додека бев на Татрите, една девојка што работеше како келнерка во кафеана во Дебрецен и живееше во близина на Мара, ми раскажа нешто необично. Кога еднаш излеговме од кафеаната, ми рече дека некој таен полицаец ја прашувал дали Мара и јас често доаѓаме таму на кафе.
Се чудев и си велев дека очигледно ни во мене немаат доверба. Можеби мислеле дека работам за некоја западна земја.
Од Татрите се вратив на 28 јули 1961 година. Веќе следниот ден, заедно со родителите, роднините и пријателите, отидовме во судот, каде што со Мара официјално се регистриравме и станавме законски сопружници.
По церемонијата отидовме во домот на Мара, каде што нејзината мајка подготви прекрасен ручек за сите нас. Потоа го напуштивме Дебрецен и заминавме во Ноградвероце.
Местото се наоѓа на левиот брег на Дунав, на околу 30 километри од Будимпешта, во правец кон туристичкиот град Вишеград, кој е оддалечен околу 35 километри северно од унгарската престолнина.

Дебрецен
Нашиот план беше медениот месец да го поминеме во Варна. Поради тоа претходно имав сменето многу форинти за бугарски левови. Знаев и дека од јануари 1962 година во Бугарија старите левови требаше да бидат заменети со нови.
Уште пред да заминам со групата на Татрите, отидов во бугарската амбасада за да побарам виза, но ме одбија. Се надевав дека од Вероце повторно ќе се обидам да добијам виза, со помош на мојот пријател Благој Шклифов, кој имаше добри врски во бугарската амбасада.
„Никогаш нема да добиеш бугарска виза“
Заедно со Благој отидовме во амбасадата. Јас останав надвор, а тој влезе и успеа да се сретне со амбасадорот Крсто Стојчев, еден од првите левичари од Пиринскиот дел на Македонија. По службувањето во Будимпешта, Стојчев станал директор на Славјанскиот комитет во Софија.
Кога Благој излезе од амбасадата, ми рече дека има лоши вести. Амбасадорот му кажал дека од Софија пристигнала порака според која мене никогаш нема да ми биде издадена бугарска виза, затоа што сум бил македонски националист и затоа што, наводно, „од Бугарите сум сакал да правам Македонци“.
Во Ноградвероце бевме сместени во мала дрвена барака со две легла, каде што останавме само неколку дена. За среќа, во одморалиштето имаше и базен.
Еден ден, додека јас не бев покрај базенот, дошол млад човек и на Мара ѝ покажал документ дека е фотограф за единствениот младински неделник „Маѓар ифјушаг“. Побарал да направи неколку фотографии од неа за весникот.
Мара му рекла да ја остави спокојно да се сонча, по што тој си заминал.
Бидејќи јас не можев да добијам виза, решивме во Будимпешта да купиме билети и Мара сама, преку Букурешт, да отпатува на неколку дена кај моите роднини Дукови во Варна. Така и направивме, а јас сам се вратив дома.
Родителите на Мара имаа трисобен стан во центарот на Дебрецен. Во едната соба спиеја тие, во втората Ева, а третата беше наша. За нас купија и нов мебел.
По неколку дена Мара се врати од Варна и ми раскажа дека нашите роднини Дукови ја пречекале со голема радост.
Иако економската положба во Бугарија беше полоша од онаа во Унгарија, Мара оттаму донесе бел леб и многу вкусно грозје.
Ново поглавје во студиите
Во третата година почнав да ги изучувам областите што најмногу ме интересираа во медицината. Хирургијата и интерната медицина ги изучувавме во текот на четири години.
На почетокот од септември им реков на колегите да изберат друг студент што ќе биде одговорен за спортот. Предложив тоа да биде некој што живее во Студентскиот дом.
Кон крајот на септември, Младинската организација предложи по еден студент од секоја студиска година, од трета до шеста, да стане кандидат за член на Унгарската социјалистичка работничка партија. Од студентите во трета година бев предложен јас.
Бев радосен, бидејќи мислев дека за тие идеи своите животи ги дало целото мое семејство.
На свеченоста, на која беа собрани сите членови на Партијата, зборуваше асистентот по хирургија. За мене го кажа најдоброто што можеше да се каже, иако само кратко време беше раководител на нашата група за практична настава по хирургија.
Во ноември ѝ напишав писмо на министерката за образование Валерија Бенке, која во тоа време беше единствената жена член на Политбирото на Партијата.
Во писмото ѝ објаснив дека втората година ја завршив со одличен успех и дека Младинската организација само мене, од студентите во трета година, ме предложила да станам кандидат за член на Партијата.
Таа мошне брзо ми одговори позитивно. Така, по двегодишна пауза, повторно почнав да добивам стипендија наменета за странски студенти.
Во тоа време ние, странските студенти, формиравме сопствена организација и мене ме избраа за нејзин претседател. Во неа членуваа студенти од Етиопија, Боливија, Јемен и Индонезија, како и Македонецот Крсто Шопов од леринското село Долно Котори.
За следната година предложив Крсто да биде претседател на Организацијата. Многу од странските студенти, меѓутоа, не успеаја да ја завршат втората година од студиите.
Продолжува