Фељтон

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Македонска Нација

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни истражување, Трајчев го прифатил поставениот услов.

Поради тоа, при читањето на книгата треба да се имаат предвид политичките околности во кои таа била објавена, како и притисоците под кои авторот морал да го приспособи својот ракопис. И покрај наметнатите измени, делото останува вредно сведоштво во историското и културното наследство на Македонија.

Георги Трајчев (1869–1945), познат и под псевдонимите Вестителов и Мајков, бил просветен деец, револуционер и припадник на Македонската револуционерна организација. Роден е во Прилеп. По завршувањето на Солунската гимназија работел како учител во Дебарскиот инспекторат. Во есента 1896 година станал член на ТМОРО, а во 1908 година бил претседател на Околискиот револуционерен комитет во Прилеп. По Втората балканска војна српските власти го протерале во Бугарија, каде што продолжил да работи како учител.

Во август и септември 1916 година Трајчев го придружувал Љубомир Милетич во рамките на Научната експедиција во Македонија и Поморавјето. Подоцна објавил спомени и повеќе книги со македонска тематика, меѓу кои: „Мариово“ (Македонска библиотека, бр. 1, Софија, 1923), „Дојран и неговото езеро“ (бр. 2, Софија, 1923), „Преспанско Езеро“ (бр. 4, Софија, 1924) и „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933).

Во 1941 година ја издал „Книга за Мијаците“ (Македонска библиотека, бр. 12, Софија). На оваа тема претходно одржал реферат: на 2 февруари 1939 година, по иницијатива на Географското друштво при Универзитетот, а потоа повторно на 26 март, во салонот на киното „Македонија“.

Во продолжение пренесуваме уредени извадоци од неговиот историски осврт. Старите етнички називи и оценките за населението се ставови и терминологија на авторот и се дадени во историски контекст.

Мијаците се племе за кое малку се знае. А тие се споменуваат уште во времето на цар Самуил, кога од оваа средина се појавува првиот охридски архиепископ Јован во 1018 година, како и многу други видни дејци во подоцнежно време, па сѐ до денес. За нивната таинственост придонесува фактот што ги населуваат најзападните македонски краишта, изолирани и тешко достапни за странците и посетителите, во пазувите на Шар Планина, Бистра, Стогово и Кораб. За нивната затвореност придонесувал и сточарскиот начин на живот. Со своите многубројни стада овци и коњи, Мијаците тивко го минувале својот самобитен и патријархален живот — напролет и налето во родните места, а наесен и назима на југ, кон Вардар и Солунското Поле.

Оваа изолирана област останала зачувана и затоа што не била сцена на војни и странски упади. Дури во поново време на нив потсетуваат Стеван Верковиќ, Иречек, Григорович и Шафарик. Иако дале истакнати просветни дејци, тие, строги и скромни кон себе и кон своето племе, а конзервативни во начинот на живот, речиси ништо не кажале за себе. Мијаците, пак, се разликуваат од другите племиња по духовните вредности, јазикот, карактерот, обичаите и носијата.

Реканската област и мијачките населби

Опишувајќи го просторот во кој живееле Мијаците, Трајчев пишува:

Дебарската област се состои од околиите Дебарска — Горни и Долни Дебар — и Реканска. Последната се дели на два дела: Горна, односно Голема Река, и Долна, односно Мала Река.

Реканската околија го добила името од големата река Радика, десна притока на Дрим, по чие течение се простираат населбите од двете страни на брегот. Реканската каза се наоѓа североисточно од Дебар и е затворена меѓу планините Љуботен, Шар, Кораб, Бистра и Стогово.

Реканско граничи: на североисток со Гостиварско, на исток со Кичевско, на југ со Охридско, а на запад со Дебарско.

Реканската околија нема централна населба што го носи името Река, како што другите околии го носат името на градот — Скопска, Прилепска, Кичевска. Во турско време околиски центар било селото Жировница, кое се наоѓа во Мала Река, а сега околиски центар е гратчето Галичник. Токму оваа околија ја населуваат Мијаците. Таа брои 47 населби, од кои 24 во Мала Река и 23 во Голема Река.

Во списокот на населени места авторот ги наведува следниве села. Во Мала, односно Долна Река: Жировница, Видуше, Болетин, Требиште, Битуше, Велебрдо, Ростуше, Хаџиевци, Присојница, Скудриње, Горно Косоврасти, Долно Косоврасти, Долно Мелничани, Горно Мелничани, Могорче, Осој, Гари, Лазарополе, Тресонче, Селце, Росоки, Сушица, Галичник и Јанче.

Во Голема, односно Горна Река, ги наведува: Киченица, Беличица, Волковија, Сенце, Врбен, Трница, Богдево, Ничпур, Нивица, Бибоње, Жужње, Грекање, Рибница, Реч, Стрезимир, Шировица, Танушане, Џ’бово, Нистрово, Залвајско, Кракорница и Стројче. Во табелата од книгата, покрај имињата на местата, Трајчев изнесува и податоци за бројноста и етничкиот состав на населението.

Сведоштво за исламизацијата и албанизацијата

Трајчев се осврнува и на присилната исламизација и албанизација на која, според него, било изложено населението во претходните 150 до 200 години — период што приближно го лоцира од крајот на XVIII и почетокот на XIX век. Тој пишува:

Населбите во Голема Река се албанизирани — жителите говорат албански; едни сѐ уште се христијани, а други се муслимани. Селата во Мала Река се чисто „бугарски“ [н. з.: македонски]; едни се христијански, а други муслимански. Целото население на Реканската околија брои 25.559 души: 12.015 христијани [н. з.: Македонци], 6.565 муслимани [н. з.: Македонци], 3.221 христијани Арнаути и 3.738 муслимани Арнаути. Мијаци има и надвор од оваа област: во Смилево, Битолско; Папрадиште и Ореше, Велешко; Еловец, Кичевско; во Крушево, како и во Солун, Битола, Скопје и во повеќе места во Бугарија — Лом, Видин, Свиштов, Софија и други. Сите бројат околу 5.000 души, а се иселиле од родните огништа уште пред 150 до 200 години поради арнаутските зулуми и стравот од потурчување.

Целото население на Долна Река, христијанско и исламизирано, говори чисто „бугарски“ [н. з.: македонски]. Во Горна Река населението, и христијанско и муслиманско, говори албански. Само во Селце, Волковија и Киченица има стари жители што говорат „бугарски“ [н. з.: македонски]. Исламизирањето на населението во Реканскиот Крај започнало уште пред 150 години. Потоа почнал поход и против јазикот на населението — против „бугарскиот јазик“ [н. з.: македонскиот јазик]. Со катастрофалните упади на албанските разбојници, за да се спасат барем делумно од опустошувањата, жителите почнале да се служат со јазикот на напаѓачите. На тој начин, преку албанскиот јазик, мислеле дека ќе ја сочуваат христијанската вера.

Според Трајчев, промените ги зафатиле и носиите: исламизираното население постепено ја заменувало мијачката со албанска носија, настојувајќи преку јазикот и облеката да се заштити од разбојничките напади. Тој додава дека и дел од христијаните, иако ја зачувале верата, го прифатиле албанскиот јазик и ја смениле носијата.

Тоа било пред околу сто години. За ова сведочи фактот што по куќните тавани се наоѓала отфрлена мијачка облека, а при ископувањето на старите гробови биле забележани остатоци од мијачка облека и сребрени украси.

Кон Мијаците авторот ги вбројува и жителите на Маврово — 800 лица, Леуново — 600 и Никифорово — 1.000. Овие села се соседни со Горна Река, но припаѓале на Гостиварската околија. И тие, пишува Трајчев, „од страв пред албанската инвазија ја смениле носијата, од мијачка во албанска, но ги задржале јазикот и христијанската вера“.

Потурчувањето и егзодусот

За тешкотиите со кои се соочувале Мијаците — потурчувањето на дел од населението и иселувањето од родните огништа во други македонски краишта — Трајчев ги обвинува турската политика и теророт на албанските разбојнички групи. Во тој контекст пишува:

Потурчувањето започнало пред 150 до 200 години. Ретки се чисто исламизираните села; повеќето се мешани — исламизирани Македонци и Македонци христијани. Потурчувањето го извршил познатиот Синан-паша, миленик и везир на султанот. Се говори дека бил владика од Призрен, кој се потурчил и си зел за задача да ги потурчи Мијаците од Реканско. Тој го разурнал и манастирот „Св. Архангел“.

Трајчев го наведува и францускиот патописец Гијом Лежан, според кого беговите настојувале да престане потурчувањето, бидејќи немало кој да ја обработува земјата. Авторот додава дека тогаш бил разурнат и манастирот „Св. Јован Бигорски“.

За егзодусот на Мијаците од родните огништа Трајчев повторно наведува временска рамка од 150 до 200 години. За преселбите пишува:

Некои од избеганите Мијаци основале нови населби, поблиску или подалеку од родните огништа, а други се населиле во постојните населби. Половина од населението на гратчето Крушево се Мијаци. Селото Еловец, во Кичевско, е чисто мијачко — брои 80 куќи и е населено во непосредното соседство на Реканско. Историското село Смилево е подалечна мијачка колонија и се наоѓа во Битолско, во Демир Хисар. Најоддалечени мијачки колонии се селата Папрадиште и Ореше, во велешката област Азот. Освен овие иселувања, имало и други — поединечни или групни — кон Битола, Солун и Скопје, каде што луѓето ги повикувала егзистенцијата. Не е мал бројот ниту на иселените Мијаци во Бугарија, населени во Софија, Лом, Видин, Свиштов и во други места. Мијаци има и во Романија и Србија.

Во овој дел Трајчев остава слика за историските процеси на исламизација, албанизација и преселување во западна Македонија. Неговото сведоштво треба да се чита во контекстот на времето во кое е создадено, како извор што ги пренесува и фактите и тогашните толкувања на авторот.

Продолжува

Најново од: Фељтон

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

Дел од патувањата на Лефтер и Мара на Балканот (25)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Една недела пред 26 јули 1963 год. со воз отидовме во Опатија. Кога излеговме од автобусот, зашто од Риека до Опатија патувавме со автобус, цела Опатија сјаеше од светилки. Секаде по улиците се движеа западни коли – од мерцедес до бе-ем-ве – а во Унгарија […]

Дел од животната сторија на Лефтер и Мара (24)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче По третата година од студии мораше да одиме еден месец на обука во болници по интерна медицина. Јас решив да одам во туристичкото село на северниот брег на Балатон, кое се вика Балатонфуред. Селото Фуред има значење како Охрид и Охридското Езеро за Македонија. Таму, […]

МЕДЕНИОТ МЕСЕЦ НА ЛЕФТЕР И МАРА МАНЧЕ (23)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче Во летото 1960 година, кога повторно бев преведувач на една бугарска група на Балатон, таму на одмор престојуваше и Мара со своите родители и со Ева. Ја поканив да дојде со мене со брод до Бадацон, каде што требаше да ручаме со групата составена од […]

ЛЕФТЕР МАНЧЕ ДИПЛОМИРА НА МЕДИЦИНСКИ ФАКУЛТЕТ ВО ДЕБРЕЦЕН (22)

ЛЕФТЕР МАНЧЕ ДИПЛОМИРА  НА МЕДИЦИНСКИ ФАКУЛТЕТ ВО ДЕБРЕЦЕН (22) ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Градот Дебрецен е вториот по големина град во Унгарија и е оддалечен 220 km од Будимпешта, а распослан е во големото унгарско поле што опфаќа повеќе од половина од државата. Во градот нема ниту планина ниту […]

Дел од студиите на Лефтер Манче на Факултетот за физичко воспитание (21)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Новата 1958 година ја дочекавме во станот на Илдико со другите пријатели на Мара. Тогаш мислев, ако не успеам да станам лекар, пак е добро, зашто имам убава девојка и почнав да чувствувам самодоверба, зашто знаев дека ако завршам за професор по физичка култура пред […]

To top