ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ
Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното:
Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, кој годинава о осумдесет години од својот макотрпен, но полн со успеси животен пат, реши да напише своја „Автобиографија“ која почнува со зборовите „Јас сум Македонец“ и со тоа ја става рамката на своите возбудливи мемоари: тој ин медијас рес се декларира како фанатичен пријател на Македонија и пријател на цела армада личности од целиот свет.
Тој е и мој пријател, еден од најголемите мои пријатели. Но неговите вистински пријатели знаат дека доктор Лефтер Манче на пријателството му дава приоритетно значење во меѓучовечките односи. Да се биде негов пријател значи, пред сè, да се биде искрен, самопрегорен и посветен без резерва на големите човечки идеали, а особено на идеалите на Македонија, во минатото, во сегашноста и во иднината.
Тоа е неговиот голем животен сон, неговиот незгаслив порив и негова судбина. Таа е суштината и големата инспирација и болка на оваа мемоарска проза, која сигурно ќе биде неодминлив прилог на нашата литература од тој вид.
Нашето пријателство започна многу одамна. Метафорично кажано, ние бевме пријатели уште пред физички да се запознаеме, зашто имаме иста судбина и приближно иста орисија: ние сме Егејци, во онаа смисла како што тој го акцентира овој збор, под што подразбира цела галерија од историски личности: Александар, Гоце Делчев, Мисирков, Чакаларов… – како што гласно изјави на собирот на децата бегалци во салата „Борис Трајковски“.
Нашите села Загоричани (неговото) и Сетома (моето), се оддалечени дваесетина-триесетина километри. Но, нашето вистинско пријателство де факто почна и е поврз името на големиот унгарски поет Шандор Петефи, кој ни беше, покрај нашите преродбеници, спиритус мовенс во совладувањето на нашата индивидуална и национална несреќа, но и во нашиот натамошен животен пат и кариера.
Иако Лефтер, за разлика од мене, не се оддаде на литературата и уметноста, сепак, во него уметничкото пламенче тлеело отсекогаш, можеби уште од неговото овчарење во детските години, по идиличните ливади и скрки загоричански. Тој страсно се посвети на медицината и стана навистина уметник на оваа човечка хумана дејност, верен приврзаник на Ескулап, синот Аполонов, па често пати сум помислил, да не се определеше за лекар, тој сигурно со истиот жар и порив, ќе станеше одличен поет или сликар, а можеби и композитор или филмски режисер.
И Фројд бил човек на една медицинска област, но никогаш не ги раскинал нишките со уметноста и творештвото, барем на планот на уметничката психоанализа.
Имагинацијата на доктор Манче е бујна и разновидна. Тој негов широк дијапазон на деликатна љубопитност многу пати го забележував при нашите средби во Скопје, Охрид, во Будимпешта, во Отава (негова полувековна дестинација), во Кан итн., особено кога влегувавме во некој музеј, во некоја книжарница или на некоја литературна приредба. Тој афинитет спрема културата, можам да кажам дека го имаат безмалу сите Егејчиња, растени во детските домови во Унгарија, Романија, Чехија и Словачка, Полска, поранешниот Советски Сојуз.
Се разбира, заедно со жарот на патриотизмот. Особено тоа. Речиси нема ниедно дете- бегалец од божествените егејски предели, кое не негувало специфичен однос спрема сите видови творештво. Тоа ни е, така да кажам, во генот. Повеќето од нас сме родени под вечно белите врвови на Олимп, тоа славно седиште на боговите и Музите, во питорескните и плодородни пространства спрема североисток, до Костур и Лерин, Воден, Солун, Серез, Драма, Кавала.
А ние со Лефтер, згора на тоа, сме родени на само десетина километри од првото македонско кралство на Пердика и на неговите потомци Аргеадите (име што од дамнина го носеа и моите дедовци), сè до Филип Втори, татко му на Александар, кој, пак, во далечните, великолепни, но „студени“ и „пусти“ детски домови каде што го минувавме детството, ни беше меѓу најомилените, ако не и најомилената историска личност. Идол. И прв знак на идентитет. Мерило на човечките вредности.
Токму во вревата или во унгарската низинска тишина, читајќи ги притоа и патриотските песни од Петефи, ние научивме, пред сè, да ја сакаме нашата татковина и, ако биде потребно,
ано да се жртвуваме за неа, но паралелно со тоа, во нас природно, слободно растеше и љубовта и почитта кон нашата втора татковина, Унгарија, и кон унгарскиот народ, доживотно поврзувајќи се со неговата историја и судбина, најпосле, чувствувајќи се дома во туѓина.
И сега, во последниве години, кога со Лефтер, како двајца само привремено разделени близнаци, шетаме по будимпештанските улици и восхитувачки булевари, патем застанувајќи да се нагледаме на статуата или бистата на некој унгарски јунак од славното минато, или кога мекамлиски седиме на пространата тераса на деветтиот кат од неговиот омилен хотел „Мариот“ од каде што го гледаме отаде Дунав раскошното архитектонско чудо на кралскиот Будим, или од перспектива на луксузниот ресторан „Гундел“, мечтите ни летаат кон нашите ранети, осакатени и сè уште незаздравени села и предели, но ние не се чувствуваме туѓинци во туѓина, туку како домородци, особено кога до нас седат богати туристи од сите континенти кои зборуваат туѓи јазици, за разлика од нас двајцата, што го зборуваме како мајчин јазик унгарскиот, но често во разговорот спонтано ги употребуваме (и ги мешаме) и македонскиот, со костурски елементи, а и грчкиот што го учевме во детските домови, како „наш“ јазик, бидејќи формално, бевме емигранти и речиси во сите официјални документи фигуриравме како Грци.
Но нам, за чудо, ни во детството, во строгата дисциплина на бегалските домови, ни сега не ни е хендикеп да ги зборуваме трите јазици, туку богатство, предност, а во последно време, збогатени и со по уште два-три други јазици, Лефтер со англискиот и шпанскиот, а јас со францускиот и српскиот, како и другите словенски јазици. Така што, заедно двајцата ние зборуваме две третини од вкупната лингвистика на светот.
Истовремено, ние така станавме (или бевме воспитани да станеме) големи патриоти, но и космополити, иако долги години, речиси за цело време на нашиот егзодус, нè третираа како апатриди. Доктор Лефтер Манче, за жал, фактички засекогаш остана апатрид, но тоа не му пречеше да биде и еден од најголемите и најчесните Македонци во светот (и во матичната татковина). Доктор Лефтер Манче има две татковини: туѓината и Македонија.
И цел живот прави неверојатни ахиловски напори (иако најчесто сизифовски) да постигне хармонија меѓу двете категории, со други зборови, да и го најде вистинското достојно место на Македонија во националната хиерархија на светот. Така тој физички (телесно) се определи да живее во туѓина, а духовно, со срцето и душата во Македонија. Таа егзистенцијална двојност, тој интимен дуализам, го прави единството на неговото битие.
Годишно неколку пати фуриозно, налик на некаков митолошки феномен или на некаков модерен пророк, патешественик пар екселанс, го крстосува светот (главно авионски): од Отава за неколку часа е во Будимпешта, па во Скопје, па назад, надлетувајќи неколку земји, над кои воздивнува, зашто и таму долу има заталкани македонски души, но истовремено од него добиваме разгледници или електронска пошта, па и некој подолг телефонски повик од сите меридијани, од Азија, Австралија, Куба, Бразил, Палма де Мајорка, со куфери полни со книги, весници и документи за Македонија, за да може (и таму горе) да дебатира и со патниците и со боговите.
Секој човек му е соговорник. Со стотина луѓе во светот, со актуелни и бивши министри, претседатели на држави, со политичари, писатели, новинари, лекари, професори, амбасадори, секојдневно комуницира, се допишува, се слуша, чека, иницира, забревтано дејствува. Честопати разочаран, сепнат, а најчесто полн со оптимизам.
Од Исток до Запад, од Север до Југ, слично на некаков нов, македонски Ахасвер, Ахасвер на добриот дух, кому му е судено да го обиколува светот со имагинарниот пасош на македонската идеја. Личната драма и семејната (и националната) трагедија сака да ги претвори во капитал за својот народ, за идните генерации, за да ги заборават траумите на трагичното минато, што нам ни се всадиле во коските уште во неврсните години на детскиот егзодус.
Тој небаре сака, како сестран интелектуалец, да направи еден универзален хируршки рез на болното ткиво на историјата, а пред сè на балканскиот бришан простор. Негова животна девиза е: да знаеме дека е далеку од нас, а да чувствуваме дека е секогаш близу до нас. Тој вечно пристигнува и заминува, заминува и пристигнува. Тој е доктор Лефтер Манче од Загоричани, стои во воведот на автобиографијата на Лефтер Манчр „Патот до врвот“.
Крај