|
|
Кој бил предавникот Јован Бабунски? |
Јован Стојковиќ попознат како Јован Бабунски (1878, Мартолци - 1920, Велес) е србомански четнички војвода и борец против македонското национално ослободување. Прекарот Бабунски го добил по местата во коишто делувал: планината Бабуна (особено селото Богомила) и реката Бабуна. Основното образование го завршува во град Велес. По завршување на четирилетката, емигрира со семејството во Србија, во градот Белград, каде што една година учи гимназија, а потоа се префрла во богословско-учителско училиште наменето за Срби од Турција. Потоа образованието го продолжува во градот Валево, каде што завршува нижа гимназија, па учителска школа во Ниш. По завршувањето на учителската школа, преку српската националистичка организација “Свети Сава“ е испратен како учител во Тетово. Како агент на српската пропаганда во Тетово, а подоцна во градот Велес, Стојковиќ ги поттикнувал граѓаните да вршат клевети и предавства над активистите на ВМОРО пред турските власти. Заради едно такво предавство извршено од страна на брат му, Георги Сугарев го ликвидира брат му, а после и татко му. После оваа казна на ВМОРО, Бабунски станал војвода на србоманска чета, и дејствувал во Поречието и Велешко. Соработувајќи со турските власти, Бабунски успеал да создаде многу силна србоманска мрежа во областите во коишто е активен. Најблиски соработници му се Глигор Соколовиќ и Јован Долгачот. Води серија битки против четите на Иван Алабакот, Биринчето, Стефан Димитров, Панчо Константинов и Георги Сугарев. Кога во Турција бил извршен преврат во 1908 од страна на Младотурците, кои донеле Устав и општ мир, Бабунски прекинал со четништвото на определено време. Но, откако извршува убиство на еден член на ВМОРО, Бабунски пак станува нелегален и успева да пребегне во Србија, од каде што во 1912 на чело на српската војска составена од елитни четници ја поминал балканската војна од Куманово до Битола. Името на Јован Бабунски е сврзано со задушувањето на македонското Тиквешко востание, кога заедно со својата србоманска чета, и со војници од редовната српска армија на најѕверски начин прави масакар на невиното население во Тиквешијата. Бабунски масакрирал петнаесетина попови во Разловци. Убиствата ги извршила четата на Јован Бабунски со помош на српски џандари, под обвинување за соработка на поповите со комитите и поддржување на младинците од тие места да не одат војници во српската војска. „Убиените попови и клисари прво биле измачувани во училишната зграда до црквата, а потоа закопани во црковниот двор“. „Во тој масакр настрадале поп Ѓорѓи Чепарков, Петре Попѓоргиев и поп Атанас Пантев од Митрашинци, под Димитри и поп Ефтим од Мачево. Од Разловци бил убиен стариот поп Костадин, а биле убиени и Костадин Жежовски на 60 години, Иван Ристов на 30, Коле Ристов на 35, Илија Ѓоргиев на 40, Стојан Митев на 42 и Спиро Митев на 45 години“, пишува Драган Арсовски во „Теророт и отпорот во Пијанец“. Тој подвлекува дека на удар на српските окупаторски власти биле токму поповите. Од масакрот се спасиле само двајца попови. Поп Костадин некако измолил милост за својот претепан син поп Манасија, а поп Јован успеал да побегне, преоблекувајќи се во женски алишта. Во тоа време од с. Истевник биле заклани и поп Ефтим и Маноил Ѓоргиев. Умрел во 1920 година во Велес. |