|
|
Апел на албанско-македонската револуционерна лига (1887 година) |
„Браќа По многуте обиди, што ги презедовме, за да и помогнеме на нашата татковина Албанија, разбравме дека само со едно средство се добива слободата. Тоа средство е - обединувањето со нашите блиски Македонци и со заедниички акции ослободување на нашата стара и напатена татковина. На Македонците кои денес се наоѓаат во Бугарското кнежевство и на оние што живеат во Македонија, бог им помогнал што им пратил човек што се вика Паница, (К. Паница, бугарски мајор, учествувал во Српско-бугарската војна. Незадоволен од изборот на Фердинант за кнез ја побунил војската против него, за што бил откриен и стрелан во 1890 г., н.б.) кој се прославил како херој, исто онака како што бил познат некогаш нашиот голем херој Ѓорѓи Кастриот (Скендербег, борец против Турците во XV век за независноста на Албанија, н.б.). Овој човек е предаден на ова свето дело и поради тоа сите војводи на Македонија се обединиле околу него и едногласно го признале за свој командант. И ние, штом разбравме за тоа се израдувавме и се проникнавме со почит кон овој брат, втор Скендер-бег, и под негово раководство го започнавме нашето свето дело. Бог му помага нему, неговото срце е полно со благородни идеали, а ние обединувајќи се братски со Македонците се зафативме за општото дело. Под командата на мајор Паница ние ќе се бориме за ослободување на татковината на Македонците и на нашата Татковина без разлика на верата, бидејќи сите сме браќа на една земја и сврзани со една идеја. За нашата цел беше создадена овде “Албанско-македонската револуционерна лига”, беше составен устав и програма. Ние ќе ви го пратиме уставот само кога ќе добиеме поволен одзив на ова писмо. Ако ја знаете географијата на Македонија и Албанија нивната мината историја, нивната блискост, обичаи и нивните општи политички интереси, и ако ни верувате нам, одобрете ги нашите дела и во брзо време придружете ни се и дајте ни ја вашата помош. Сметаме за нужно да ви кажеме дека создавањето овде на “Албанско-македонската револуционерна лига” под лозинката “Слобода или смрт” е единствен пат за да се помогне нашето дело. Ние многупати сме зборувале за тоа, но не сме го исполнувале а сега, на крајот го исполнивме ова дело. Нашето дело за ослободување ќе го извршуваат Албанците заедно со Македонците, работејќи сложно, без разногласија, според еден устав, под едно знаме и ќе се бориме за да добиеме самоуправа во нашите две области... Работејќи во братско единство, ние брзо ќе успееме да го застрашиме Стамболскиот управувач и да го добиеме она на што Европа ќе биде кон нас расположена и ќе ги признае нашите права. Затоа можеме да веруваме дека нашата цивилизираност ќе стане позната и нам ќе ни помогнат, повеќе нема да не држат во ропство, во кое се наоѓаме веќе неколку века... Известувајќи ве за се, ве повикуваме да ни се придружите и да застанете под гордото знаме на Албанија и Македонија. Пред се, ве известуваме дека ние не бараме многу: нам не ни треба ни кралство ни кнежевство. Ние не сакаме Албанија и Македонија да паднат под власта на Бугарија, ни на Србија, ни на Грција. Ние сакаме на Македонија и на Албанија да им се даде автономија дури тогаш иако останат и под власта на Султанот. Со еден збор, ние сакаме да си имаме наш суд и наша управа. Во Албанија нека заповедуваат Албанците, во Македонија Македонците, па макар се запазила и врховната власт на Султанот. Од името на “клетвата за верноста на Албанија” ви се колнеме во вистинитоста на сето изложено во овој документ. Бидете претпазливи и не му го покажувајте овој документ на несигурни луѓе, а само на верни Албанци. Ние очекуваме од вас љубов кон татковината и кон нашиот народ, кон нашето свето дело. Чекаме брз поволен одговор. Ваши срдечни браќа по крв и клетва”. I. Г. Сенкјевич, Нови материјали од архивата на М.А.Хитрово, Гласник на ИНИ, IX, 2 (1965); Љ. Лапе, Одбрани текстови..., II, стр 284-286; |