Среда, 13 Мај 2015   
Бунт против македонската асимилација!

Пишува: Ефтим ГАШЕВ

Воспоменување на Трајко Попов (1907 - 1946)

"За несреќа на сите нас, дојде и тој смртоносен час кога на Трајко му ја соопштија грозоморната вест. Го забележувавме, кога враќајки се од Управата, се сврте кон нашиот и другите прозорци со кренати и стиснати тупаници, со насмевка и песна на устата".

TRAJKO POPOV OD BERLIN KON LONDON

Трајко Попов херојски падна пред олтарот на Татковината и со сопствената крв се допиша во бескрајниот список на плејадата знајни и незнајни борци за слободна, независна и суверена македонска држава.

На 19 август 1946 година, некаде крај Скопје, извршена е смртната казна над Трајко Попов, осуден на смрт од "судот на народот" оти "... се борел против државното уредување на ФНР Југославија, за Македонија да се отцепи од југословенската братска заедница, за истата да биде самостојна". За атер на вистината, диспозитивот на пресудата продолжува со зборовите: "... на чело со Ванчо Михајлов". Овие последни зборови, не само што се невистински, туку се и бесрамна лага, импутирани од југомакедонската држава и нејзината партиска полиција ОЗН-а/ УДБ-а.

Трајко Попов е роден во с. Раштак, Скопско, кој заедно со Борислав Градишки ја формираат ВМРО-вската (централистичка) организација "Македонско национално движење - Бунт", во Скопје, на 30 мај 1938 година. Ова движење ја пропагира идејата за самостојна, обединета, суверена и парламентарна држава на македонскиот народ, народ дефиниран и издиференциран во сопствената македонска национална индивидуалност, спротивставувајќи се на антимакедонската асимилација спроведувана од српските, грчките, албанските и бугарските окупатори на Македонија. "Бунт" се бунтуваше и против југословенската заблуда во решавањето на македонското прашање, поради што во мај 1945 година во Скопје, беа затворени активисти на организацијата, репресирани и судени.

ПАТ КОН СМРТТА

По повод годишнината од егзекуцијата на Трајко Попов, наведувам откин од мојата книга "Нашата кауза".

"...Тоталитарната држава беше мошне педантна кога е во прашање ликвидацијата на идеолошките противници, па така и во нашиот случај, не требаше многу да се чека, за од Президиумот на Собранието на Југославија да пристигне одговорот за одбивање на молбата за помилување на Трајко Попов. Во тоа време, Никола Попов, Ратко Градишки и јас сме во единаесеттата соба на Централниот затвор и нашите погледи постојано се насочени кон шестнаесеттата смртничка соба, за да забележиме кога Трајко ќе биде повикан во Управата каде ќе му го соопштат резултатот од молбата. За несреќа на сите нас, дојде и тој смртоносен час кога на Трајко му ја соопштија грозоморната вест. Го забележувавме кога враќајки се од Управата се сврте кон нашиот и другите прозорци со кренати и стиснати тупаници, со насмевка и песна на устата. За миг си помисливме дека неговите гестови се резултат на помилување, но горчливо се измамивме штом забележавме како надзирателот влегува заедно со него во собата, откаде Трајко веднаш е префрлен во карцер, откаде се "отвораше" патот кон смртта.

Грозната смрт потчука на неговата судбина, исправувајќи го пред стрелачкиот, за жал, македонски вод. Ние тројцата, неми сведители на сета драматичност, избезумени од ужасот, се прегрнавме во болен грч, оплакувајќи го нашиот лидер и трибунот Трајко Попов, основоположникот и водачот на Македонското национално движење - Бунт.

Истото попладне, кога не` пуштаа во дворниот клозет, слегувајќи и качувајќи се по железните скали крај карцерите, во првиот лев карцер го забележавме низ малото прозорче ликот на Трајко Попов. По скалите одевме бавно за меѓусебното видување да ни трае подолго, макар и миг. Ни се среќаваа погледите, а тој ги креваше рацете со стиснати тупаници. "Главата горе и не се плашете! Само напред!", го слушавме гласот на Трајко, оти од скалите до прозорчето растојанието беше мало. Така умираат хероите и влегуваат во алејата на бесмртните. Брат му Никола не можеше да се додржи на нозете. Каква братска разделба! Целиот затвор сочувствуваше со оваа, една од многуте македонски трагедии. Се разбира, ликуваа само болшевизираните југо-Македонци.

По "правило", пред секоја егзекуција жртвата се изолира во карцер каде останува најмногу ден-два. Трајко беше ликвидиран другата ноќ, така што "имавме" можност погледите да ни се сретнат уште два - три пати. На другиот ден од неговото карцирање на лицето и под очите му забележавме синила од тепање што за "разделба" му ги приреди управителот, познатиот партизан Најдо Стаменин - Орлов. Утредента, го забележавме Трајко кога одеше на чешмата да се "разлади" од летната жега, со упатени погледи кон прозорците од многуте затворенички соби и со кренати раце ги испраќаше последните поздрави.

РАЗДЕЛБА

Во предвечерието на 19 август 1946 година Никола Попов беше повикан на последно предсмртно видување и разделба со постариот брат Трајко. По кажувањето на Никола, на разделбата биле присутни само неколкумина од најтесното семејство на Попови - таткото, стариот комита, вмро-вец и свештеник - Косто, кого Србите го распопиле и средсело џандарите го избричиле на суво. Атмосферата погрозоморна отколку кога се испраќа најмилиот мртовец. Нема поголема трагедија кога се знае дека својот најсакан и најблизок за некој час ќе лежи покосен во сопствената крв. На предсмртниот "ритуал", по службена "должност" беа присутни неколкумина љубопитни "озновци" коишто ја задоволуваа својата крвава патолошка страст, уживајќи во туѓата несреќа. Но, Трајко не им даде шанса на своите џелати да ликуваат, туку напротив уште еднаш неповторливо им погледа во крвјосаните очи. Мигот траурен и погребален, со придушено ридање, кршење на прсти и кубење коси не ги возбудуваше "службеноприсутните". Трајко, тој херој и великан, верен син на Македонија, не падна во емотивно искушение и на најблиските им се обрати: "Ако не престанете со плачењето веднаш ќе се повлечам и цел живот ќе ви биде жал за ваквата разделба. Не плачете! За Македонија гинеле со илјадници, вечерва и Трајко Попов ќе падне за слободата на Македонија!". Со придушени воздишки се кинеа срцата по овој родољубец, а "озновците" како мршојадци го очекуваа својот пир. Трајко, со големо НЕ и овој пат им плукна во суратот.

Никола се врати во собата сиот избезумен, а јас и Ратко безгласно го оплакуваваме својот лидер. Ноќеска ќе падне уште една македонска жртва. Таа ноќ никој не спиеше, иако се преправавме дека спиеме, оти дежурните надзиратели будно шетаа крај прозорците. Неколкумина се засолнивме крај прозорците и во гробна тишина наеднаш чувме како се отвора влезната дворна врата и по осветлениот двор јасно се забележуваше чекорењето на управителот Орлов, секретарот Ратко Пановски од Свети Николе, во придружба на уште двајца ноќни фантоми. Со истенчен усет го чувме отворањето на карцерската врата и за кусо време се повтори тропањето на излезната дворна врата која водеше во надворешниот затворски двор. Кога го слушнавме брмчењето на автомобилскиот мотор што го означуваше изодувањето на последната делница до смртта, наеднаш ја сфативме суровата вистина. Во собата мртва тишина, нарушувана од тешките воздишки.

Утрото, како и сите други досега, само помалку за еден вистински човек којшто ја љубеше Татковината повеќе отколку себеси и затоа и` се жртвуваше. Во тој кошмарен миг, ме измачуваше една грозна мисла: како егзекуторите ја извршуваат смртната казна? Дали "коректно", професионално и службено-џелатски си ја вршат професијата, или политичките полицајци врз жртвата се изживуваат со сета своја заблуда, омраза и одмазда? Ваквите морбидни размислувања и претпоставки не се лишени од вистината кога е во прашање тоталитарниот сталинистичко-титоистички антицивилизациски режим?

Трајко Попов, херојски падна пред олтарот на Татковината и со сопствената крв се допиша во бескрајниот список на плејадата знајни и незнајни борци за слободна, независна и суверена македонска држава. Токму така Трајко Попов си го замислуваше својот животен пат и својата смрт, оти за орлите се само височините, кафезите и куршумот.

Од многуте желби на овој фанатик, две посакувања не му се исполнија. Едната што, како и сите паднати за македонскиот идеал, и тој не ја дочека вистинската Република Македонија, таква каква што ја посакуваше и неговиот народ. Втората неисполнета желба му беше што јавно не го обесија на плоштадот на родното Скопје, така како што во пазувите на судскиот процес неофицијално темните креатури, во тоа време препознатливи по долгите црни кожени мантили, му се закануваа..."

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.