|
|
Писмо старо 111 години - напишано на, 18.06.1898 година во Женева |
Драги Костадине, Одамна не ти бев пишал, па не знам како ти на тоа гледаш. Сега, кога се подготвувам да си дојдам дома, сметам дека нашите врски ќе позајакнат и ќе можеме нешто повеќе да дадеме на таа наша многустрадална земја што не открмила. Писмото го праќам по сигурен човек, во кого имам полна доверба, па можам да пишувам послободно за сенешто. Кога ќе го добиеш проучи го добро и веднаш уништи го, за да не падне во рацете на османлиите или нашите “пријатели и браќа“, кои навлегоа во нашата земја како волци, облечени во попска раса или со моливи во раце, па инспекторуваат и директоруваат “за чест и слава на нивната држава“. Далеку позагрижувачко е поведението на Европа, таа вавилонска блудница, која за сметка на своите сомнителни интереси го заборава својот долг спрема еден мал народ во срцето на светот. Ропството наше можеби немаше да биде толку тешко ако во нашите работи не се заплеткаа секакви пропаганди, кои под името на „браќа” и „доброжелатели” го разединуваат брат од брат и ги предизвикуваат Турците да вршат најголеми злосторства. Тие наши „браќа” прават се’ да го оневозможат единството на нашите слободољубиви сили. Наместо да ги здружат силите во корист на својот народ и заеднички да се борат да го ослободат од ропство, тие не можат да се спогодат на кого треба да му служат. Кај нас има Македонци, Грци, Власи, Турци, Евреи, Албанци, па и по некој Ерменец, а за Циганите да не зборуваме. Затоа ние ќе мораме да водиме сметка за тој факт и нашата борба да ја усогласиме со интересите на сите тие народности. Во турската држава владеат беговите и агите муслимани, заедно со македонските чорбаџии, на кои исто така им е добро во турската држава како и на беговите, па меѓусебно се почитуваат и ги гонат бедните луѓе. Драги Костадине, Јас сметам дека македонскиот народ во ваквата сегашна положба не може да се ослободи за едно востание, кога се знае дека против себе ќе ја има не само Турција туку и Европа, а да не зборуваме за балканските држави. Јас, а и другарите од МТРК - (Македонски таен револуционерен комитет) не сме против востание, како што тоа го мислат луѓето од внатрешноста. Ние сме за востание, но кога ќе бидеме убедени дека тоа ќе успее, а не само да го изложуваме целиот наш народ на една кланица. Ние сакаме да ги жртвуваме своите сопствени, а не народни животи за создавање на услови за едно широко востание и ослободување на нашиот народ. И така, македонското прашање ќе може најдобро и најскоро да се реши само ако ние напредните Македонци се кренеме и постојано предизвикуваме безредија. Впрочем, нашиот спас е во револуцијата! А сега, до скоро видување. Примете срдечни поздрави ти и нашите другари од мене, вашиот искрен другар и пријател . (Кога го пишувал писмово Петар Манџуков имал 20 години) |