|
|
За грубите насилства на Ајаните и патријаршиските владици во Серско |
БИТАНСКИОТ КОНЗУЛ ВО СОЛУН, ЧАРЛС БЛАНТ, (Солун, 21 март 1839 год.) “ Мој Лорде, ...Жалам што морам да го запознам Вашето лордство со фактот дека она што и го соопштив на вашата Екселенција во писмото број 2 за агата од Мелник не е точно,...затоа се надевам дека ќе ми биде простено што се излажав. Мустафа бег, агата од Мелник, не е пратен од Цариград и прилично се сомневам дека се додека не се извести султанот за неговите свирепи постапки, нема ништо да се стори. ...отидов во Серес...таму дознав многу подробности во врска со Мустафа бег. Вашето лордство може да замисли колку тој ја угнетувал рајата штом жените си ја сечеле косата за да набават пари и да ги исплатат барањата на овој свер! Само неколку години наназад Мелник можеше да се гордее со своите 30 богати трговски семејства од редовите на рајата; секое од нив располагало со имот од вредност од по 6-700. 000 пијастри односно 6-7000 фунти стерлинзи, а сега нема ни три; останатите или се упропастени или имаат избегано. Има многу примери кога овој ги повикувал жените на отсутните трговци и им барал пари. Бидејќи тие не можеле да ја исплатат сумата, нив ги затворале и ги држеле во пранги по 50-60 дена. Кога во Серес, мој Лорде, го сретнав Ибраим паша, поранешниот солунски паша, тој наполно го потврди она што бев го чул за агата од Мелник. Тој се сомнева дека на рајата ќе и се подобри положбата, зашто агата испрати значителна сума пари во Цариград, а воедно му наредил и на својот ерменски банкар, Дели Бадрос, да ја среди работата и со грчкиот Патријарх! Овој Мустафа бег и неговите роднини го држат ајанлакот Мелник цели триесет години, а последниве години негов главен помошник во тие неправди е некој Константин Карити, митрополит на грчката раја од Мелник. Ова, мој Лорде, претставува еден од многубројните примери што се среќаваат во Турција, имено, рајата повеќе страда од подлите предавства што ги чини самата раја, отколку од Турците и можат да се најдат, мој лорде, безброј случаи таму каде што има некој свиреп и грабежлив управувач, тој да е поттикнуван и помаган во се што тој чини од страна на чорбаџии или големци од рајата...; јас би додал, исто така, мој Лорде, дека во тоа не заостануваат и грчките владици кога им се укажува можност да добијат дел од пљачката, ќе се осмелам да го кажам уште и тоа, мој Лорде, дека поткупливиот карактер на грчката црква им дава голема заштита на таквите лица од народот или заедниците што се земени на око. Прва работа, мој Лорде, за еден грчкли владика по пристигнувањето на должност преставува грабежот!...сегашниов систем на грчката црква и нанесува на рајата далеку повеќе штета отколку што всушност се мисли за угнетувањата на турските власти. Грчкиот владика собира свој забитлак или данок: првата година можеби правилно се наплатува, во втората година данокот се зголемува, исто така и во след-ната година, се додека поплаки против грабежот не се чујат на сите страни; тогаш владиците лично им даваат пари на турските власти додека се не се смири! Потоа, мој Лорде, доаѓаат годишните посети по селата, кога владиката граби се што ќе стигне!...Минувајќи низ селата...на пат за Серес, чув многубројни поплаки против митрополитот од Серес...Селата што во вакви ситуации му плаќале по 500 пијастри или 5 фунти стерлинзи, биле принудени да му платат 2000 пијастри или 20 фунти стерлинзи!... Чарлс Блант” ПРО - ФО 195/100; Британски документи за историјата на македонскиот народ, ред. Христо Анадонов Полјански, Архив на Македонија, Скопје 1968, т. И, стр. 129-131; |