|
|
Даме Груев, основачот на ВМРО, бил масон |
Блаже Миневски Легендарниот Даме Груев, основачот на Македонската револуционерна организација, бил масон! Оваа сензационална информација, досега непозната за македонската јавност, всушност, е документ од архивата на Бугарската масонска ложа. Според истиот извор, Александар Протогеров бил велик мајстор на масонската ложа, а масони биле и Павел Шатев, Тодор Александров, Наум Томалевски, Панчо Михајлов, Тома Карајовов, Љубомир Милетич, Кирил Прличев, Димитар Мирчев, Ефтим Стространов и уште многу други македонски интелектуалци и револуционери од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Оттука со право се поставува прашањето дали македонското револуционерно движење уште од почетокот целосно било поврзано со масоните и колку масоните имале влијание во македонската историја? Во секој случај, документите откриени во архивите на неколку масонски ложи во Бугарија, особено во архивата на софиската масонска ложа „Светлина“, потврдуваат дека десетици врвни македонски интелектуалци, револуционери и преродбеници од почетокот на минатиот век биле масони, а дел од нив дури и водечки личности во своите ложи. Освен Даме Груев и Александар Протогеров, кој бил и велик мајстор на масонската ложа „Светлина“, а подоцна и на сите масонски ложи во Бугарија, силни позиции во масонските ложи „Зора“ и „Светлина“ имале и ресенчаните Андреј Љапчев и Симеон Радев, потоа Димитар Молеров, Јордан Бадев, Антон Кецкаров, д-р Димитар Точков, Георги Баждаров, Јордан Чкатров, Иван Ѓурков, проф. Никола Милев, д-р Руменов, Георги Кулишев, Димитар Ризов, новинар и дипломат, автор на првата етнографија на Македонија напишана на француски јазик, Наум Тефикчиев, трговец и снабдувач со оружје на четите на ВМРО, близок пријател на Гоце Делчев, и други. |