|
|
Милојевиќ: Мегленци го прифатиле исламот кога била укината Охридската патријаршија |
„Муслиманите не само што ги истиснуваа христијаните и ги завземале нивните места, туку и со насилно средства ги преобратувале во муслимани. Во костурската област Славјани муслимани има во седум, а Власи муслимани во две села. И едните и другите го примиле исламот поради насилството на Али Паша Јанински. Во Меглен, Славјаните муслимани живеат во дваесет и шест, а Власите муслимани во едно големо село. Овие Мегленци го прифатиле исламот кога била укината Охридската патријаршија, а Маглен потпаднал под грчката, цариградска (патријаршија - н.з).. Во народното предание сочувани се многубројни спомени на насилствата со кои Турците ги принудиле мегленските христијани да ја остават својата вера.“ – вели српскиот географ Милојевиќ во својот труд за јужна Македонија Боривоје Ж. Милојевиќ за време на Првата светска војна го истражувал потеклото на населението, бројот на домаќинствата, старите презимиња во Егејскиот дел на Македонија. Во книгата во која ги објавува резултатите од своите истражувања, тој ги разгледува верските и етничките особини на населението, меѓусебните односи, времето на доаѓање на поедини групи и присоците врз домицилното население, податоци кои се од големо антропогеографско значење. Во овој општ дел, Милојевиќ ни ги дава следните податоци: „Власите, православни, сточари, имаат села на планинските превои помеѓу поедини котлини: на превоите помеѓу преспанската и битолската, костурската и островската, островската и солунската, мариовската и островска, и мориовската и солунска котлина. – Меѓутоа, на брегот на Преспанското, Малото, Костурското и Островското езеро и по равниците на котлините имаа села славјанските земјоделци. Но Славјаните не се единствен јужно-македонски народ, кој подигнал села во равниците. Турците, кои во овие краишта се доселиле после турската инвазија и кои се земјоделци се населиле, ги завзеле плодните равници на некои котлини, особено југоисточниот дел на островската и солунската котлина околу Пазар и Кукуш. И Арнаутите, кои навлегле од запад и основале неколку села во преспанската и битолската котлина, ги завзеле равниците. Покрај овие три земјоделски народи, по селата во равниците има и Цигани (Роми – н.з), кои се земјоделски аргати и знатлии, помошен елемент во земјоделството. – Градовите, населбите со заштитена и сообраќајна положба, економски средишта на поедини области ги градеа Грците, а потоа Власите и Славјаните (Македонците – н.з), кои се доселувале во тие градови и се погрчувале. Освен христијанството, градовите имаат и исламска група, која ја сочинуваат најмногу Турците, помалку Арнаутите и Славјаните. Населбите по високите области изградени се, значи исклучово од Власите, селата по равниците го основале најпрво Славјаните, подоцна во голема мера Турците, а во поново време нешто и Арнаутите; Градовите ги подигнале Грците, но во нив подоцна се доселиле елементите од сите јужномакедонски народи и вери. Кај типовите населби можат да се уочат и етничко и верско влијание. Етничкото влијание е секако во тоа, што Турците, и ако имаат големи села, имаат и многубројни мали населби (маала). Овие маали особено се многубројни источно од долен Вардар и во околината на Кукуш. Влијанието на верските прилики особено е јасен кај типовите на некои населби: кога во една населба живеат две групи население, различно по вера, тие живеаат во две маали, повеќе или помалку издвоени. Во домовите, и покрај значајните други, се гледа и верското влијание. Куќите на муслиманите на сите народи имаат извесни црти и во внатрешниот распоред и во надворешниот изглед – црти кои потекнуваат од верските правила. За живот на населбите и за промените во нив од огромно значење биле спротивностите помеѓу исламската и христијанската група. Покрај разликите во верските разбирања во начинот на живот и во социјалната положба, поменатите две групи многу се мразеа. Оваа омраза (особено на муслиманската страна), имала свои повремени експлозии, кога противничкото население било протерувано и уништувано, нивните населби рушени и палени. Муслиманите, Арнаути и Турци, ги прогонуваа христијаните, особено Славјаните, кон крајот на 18 и почетокот на 19 век, за време на владеењето на Али Паша Јанински, за време на на Македонското востание во 1903 година и за време на Балканската војна во 1912 година. Христијаните најпосле, исто така за време на Балканската војна, добија можност за да над муслиманите ја излеат својата омраза собирана со векови. Како што е познато, во јужна Македонија постојат две главни верски групи: муслиманска и христијанска, И едната и другата верска група вклучуваат по неколку етнички (или јазични) групи. Во текот на минатото, муслиманската група се ширела на сметка на христијаните со насилни средства: било со истиснувањето на христијаните, било со преобратување во ислам. Со промената на верските прилики се смена и еден антропогеографски фактор – верското влијание на антропогеографските појави станаа поинакви. Во јужна Македонија често се случувало да муслиманите, Турците и Арнаутите со сила ги прогонат Славјаните од нивните села и во нив потоа тие да се населат. Во (селото) Жерви (во островската област) се зборува дека соседното село Ослово било чисто Славјанско и дека во него живеел еден Турчин и тоа говедар. Овој Турчин се оженил со Туркиња од друго село, завзел земја и ги донел роднините и пријателите во Ослово. Турците тогаш почнале да им прават зулуми на Славјаните, па овие почнаа да се раселуваат. Во Жерви денес има неколку семејства кои се доселиле од Ослово во текот на 19 век. А Ослово сега е чисто турско село во кое живее само една старица Славјанка. – По раскажувањето на народот и другите села во островската област, во кои денес живеат Турци, биле порано славјански. Спанци на пример било големо славјанско село. Гулинци, во кое денес има само една славјанска куќа, било порано големо славјанско село. Во Гулинци постои и денес црква; покрај тоа има христијански гробишта, две свети води и “темели од куќи“. Турците ги истераа Славјаните од оваа село и ја земаа плодната земја. Последните славјански семејства избегаа од Гулинци во Горно Врбени од 1840 до 1850 година. Во Невољани, кои денес е турски, имаат христијански „гробишта“. Рудник во кој сега има само неколку славјански куќи, во минатото кога Турците дошле во овие краеви бил поголем од Лерин. Сотир, денес мало турско село, имало „седум“ цркви и било големо славјанско село. И денес постојат во ова село темели од цркви. Од Сотир, исто така, последните славјански семејства избегале во Горно Врбени во периодот од 1840 до 1850 година. Нови – град, на брегот на Островското Езеро имал чисто и многубројно славјанско население. По народното предание, кога Турците дошле ... и ги истерале Славјаните од островските села, тие се повлекле во шумите, на преминот помеѓу островската и битолската котлина, и таму каде што нашле извори основале села. Тогаш настанаа: Селце (над Горно Врбени), Лабаница (до рудник на јаглен во Баница) и т.н. Подоцна кога турската сила попуштила, Славјаните од тие планински села се преселиле во Горен Врбен и во другите села. По едно предание Славјаните од Нови град побегнале пред Турците во Босна. И селото, кое денес се вика Черкез – кеј и лежи на брегот на Зазерското Езеро, уште околу 1861 година се викало Свети Тодор и било чисто славјанско. Тогаш во него биле населени Черкези, кои побегнале од руската граница во Азија. Од зулумот на овие Черкези, Славјаните од Свети Тодор се раселиле по Ајтос и другите околни места. Како Турците, така и Арнаутите муслимани со сила ги населувале славјанските села. Во Сува Гора (селото) Ракицка, денес чисто арнаутско порано било чисто славјанско. На местото на џамијата порано била црквата Света Петка. Во Ракицка прво доаѓале деволските Арнаути со овци. Потоа две три арнаутски семејства се населиле за стално. Арнаутите потоа почнале се повеќе да се доселуваат, а славјаните поради нивниот зулум избегале од Ракицка. – Во Мало Езеро, Славјаните од Трново раскажуваат дека соседните села Шуец и Заградец, во кои денес живеат Арнаути, била порано славјанска. Шуечките Арнаути сами кажуваат, дека пред нив во Суец живееле христијани, и дека тие – Арнаутите – се доселеници во тоа село. До Суец постои црковен темел, а едно место во атарот се вика “Горица“. Во Заградец има „урната црква“ и „света вода“. Тоа бил манастирот „Свети Танас“ и извор во кој народот се замивал. Покрај тоа постои и една цела црква, неурната, „чемерлијата“ ... – Во Леринската област, во првата половина на 19 век, постоела само една Клештина (на место денешна Горна Клештина) и имала чисто славјанско население. Кога во оваа Клештина почнаа да се доселуваат Арнаутите муслимани, тие почнале да прават разни зулуми на Славјаните, особено „зулуми по жените“. Славјаните поради тоа мораа да се иселуваат, и околу 1862 година е основана денешна Долна Клештина. Меѓутоа, наскоро Арнаутите од Горна Клештина почнаа да слегуваат во Долна. – Во еден случај Арнаутите муслимани го преселиле славјанско население од цело село. На почетокот на 19 век во Граждани (во Сува Гора) живееле Арнаути муслиман, а во Винени (во Мало Езеро) Славјани христијани. Арнаутите тогаш поминаа во Винени, каде има покрај езерото пространо поле, а Славјаните се преселиле во Граждани, во кршниот крај. Славјаните христијани ги превземале местата на Туците муслимани само тогаш кога врз нив дејствувала каква виша сила. Така се зборува дека селата: Топчиево, Бугариево, Каваклиево, Ватилак и т.д. (во околината на Солун) била турска села, со голем број турски куќи. Потоа наишла некоја болест, колера или чума, од која немало лек, и скоро сите Турци ги убила; преостанатите Турци се преселиле. После тоа во горните празни села се населиле Славјаните. Меѓутоа, муслиманите не само што ги истиснуваа христијаните и ги завземале нивните места, туку и со насилни средства ги преобратувале во муслимани.. Во костурската област Славјани муслимани има во седум, а Власи муслимани во две села. И едните и другите го примиле исламот поради насилството на Али Паша Јанински. Во Меглен, Славјаните муслимани живеат во дваесет и шест, а Власите муслимани во едно големо село. Овие Мегленци го прифатиле исламот кога била укината Охридската патријаршија, а Маглен потпаднал под грчката цариградска (патријаршија – н.з). Исламот го примиле само оние села, кои лежат во равниците на котлините; а селата во долините на планинската рамка го сочувале христијанството. Во народното предание сочувани се многубројни спомени на насилствата со кои Турците ги принудиле мегленските христијани да ја остават својата вера. Иако, согласно тогашната српска политика кон македонското прашање, Македонците ги ословува само како Славјани, сепак српскиот географ Боривоје Ж. Милојевиќ во својата книга ни дава вредни податоци за Македонците во Егејскиот дел на Македонија, како и за причините поради кои доаѓало до внатрешно мигрирање на македонскиот народ или пак иселување во странство. (продолжува) |