|
|
„Трет востанички округ - Беласица“ |
На 23 мај 1903 година кај селото Градобор на десетина километри од Солун била уништена четата на Атанас Чопката. Четата која броела 16 души била опколена, а борбата траела еден ден. Турците имале еден загинат, од четата еден бил фатен жив додека пак останатите загинале. Четниците откако виделе дека состојбата е безизлезна се самоубиле. Подвојводата Мито од Мутулево најпрво ја скршил својата пушка, а потоа се самоубил со револверот. Подготовките во Кукушко се одвивале под раководство на војводата Крсто Асенов. За денот на востанието било изработено востаничко знаме. Коприната ја купила учителката Милка Ковачева Романова, а знамето било изработено од Рајна Измирлиева, по идејна скица на Мице Измирлиев. Главната база во Кукушко било Арџанското езеро - таму постоеле складови со храна, опрема и колиби за востаниците. Крсто Асенов Меѓутоа, кукушките чети биле откриени уште при нивното излегување и морале да водат неколку борби со аскерот. Судири имало кај селото Драгомирци, Крондирци, а Крсто Асенов на 20 јуни 1903 година кај селото Грамадна имал битка во која загинале 13 четници, претежно млади штотуку излезени. Во овој судир загинал и братот на Гоце Делчев, Милан Делчев. По оваа борба четата на Асенов била изложена на нови напади и прогони. Кај Меѓурек дала 12 жртви, а борби таа имала и кај Мутулово, Мурарци и други места. За да го избегне гонењето четата на Крсто Асенов се сместила кај Арџанското езеро и таму планирала да го дочека денот на востанието. Таму се нашле и четите на Трајко Јотов, Гоце Нисторов и Ѓоно Бигинин и со тоа се формирала поголема четничка групација од околу 110-115 души. Меѓутоа тие биле откриени и дошле во судир со 3 баталјона од 2200 души, а била донесена и артилерија против комитетите. На 23 јули војската се повлекла. По повлекувањето на војската, Асенов со својата чета заминал за II-от востанички округ - Кожув. |