|
|
За погребот на Александар Трети Македонски постојат многу историски записи |
За погребот на Александар Трети Македонски постојат многу историски записи. Еден од најрелевантните е на историчарот Диодор Сикулски. Во "Портал", гласник на Македонски духовни конаци, е пренесен токму преводот на неговиот напис за погребната кола на Александар (Диодор Сикулски, I век п.н.е., Либер XVIII, 26, 27.). Преводот е на проф. д-р Љубинка Басотова. "Првин со чекан направиле златен ковчег, според големината на телото (на Александар); него до половина го исполниле со миризливи материи, за да шири пријатна миризба и да го сочува телото од распаѓање; Над сето ова префрлиле порфирна прекривка, прекрасно извезена со злато; околу неа се наоѓало оружјето на починатиот, со што се давал увид во делата што тој ги извршил. Потоа довлекле кола, на којашто требало да се пренесува телото; на горниот дел од колата се наоѓала златна сводеста одајаа, направена од скапоцени камења; таа била долга осум а широка дванаесет лакти. На врвот имало мрежеста завеса, на којшто виселе огромни ѕвонци, за да може од далеку да се слушне дека колата се наближува; Сводот бил држен од златен перистил со јонски капители; внатре во перистолот, се наоѓала златна мрежа, со дебелина од еден прст, над којашто паралелно биле поставени по четири плочи, на коишто имало претставени фигури; овие плочи биле еднакви по величина со ѕидовите на "гробната одаја". На првата плоча се гледа колесница, богато изработена од метал; на неа седи Александар со убав жезол во раката; околу кралот под оружје врви Македонската гарда и Персијци, наречени "мелифори"; пред сите нив оделе војници, што го носеле оружјето; На втората плоча била претставена колона слонови, украсени според воениот обичај; на нив, на чело јавале Инди, а одзади Македонци, со нивното вообичаено оружје; На третата плоча се гледаат коњичките чети, коишто прикажуваат како се развива една битка; На четвртата плоча се претставени кораби, подредени за битка; Над сводестата одајаа над средината на сводот, на отворено бил прострен порфирен килим, на којшто била положена голема златна круна од маслинови гранчиња; кога сонцето со своите зраци ќе ја допрело, создавале молскава и треперлива светлина, така што одвреме-навреме, како да предизвикувала молњи; Од страните на колата, над којашто се наоѓала целата оваа градба, стрчеле по две оски, на коишто се вртеле четири персиски тркала, чиишто пречки биле позлатени; само оној дел од тркалата, што допирал до земјата, бил железен; Крајните делови на оските, што стрчеле биле од злато и на нив имало златни лавовски глави, чиишто усти држеле копје; Околу средината на должината на колата, во средишниот дел на "одајата" , се наоѓала механичка оска, којашто, на сета оваа градба и давала рамнотежа, за да може колата да се движи без нишање и на нерамни места; Имало четири процепа; на секој од нив бил прицврстен четворен ред јареми; на секој јарем биле врзани по четири мазги, така што вкупниот број на мазгите бил шеесет и четири; тие биле највнимателно одбрани според големината и силата. Секоја мазга на главата имала позлатена круна, од двете страни на устата им виселе по две ѕвона; околу вратот имале ѓердани од скапоцени камења…. ДИОДОР СИКУЛСКИ- ИСТОРИЧАР |