|
|
Меморандум на Македонците до Руската влада од август 1914 година |
Причината за Првата светска војна, која го зафати речиси целиот свет, бездруго го има во нерешеното балканско прашање и главно, македонското прашање. Во 1912 година изгледаше дека за сите балкански тешкотии настапува крај кога Србите, Бугарите и Грците се обединија и истапија против Турците под формата на ослободувањето на Македонија и Стара Србија. Кон овој сојуз се придружија Македонците, кои со десетини илјади се бореа во редовите на трите армии. Но, за жал, прогласената света цел на војната беше заборавена, заедно со победите на Турците. И како резултат на „делбата на ограбеното" избувна војната меѓу сојузниците, која заврши со тројната поделба на Македонија. Оваа поделба не ја олесни, туку ја влоши положбата на Балканот. Сите тројца сојузници, откако ги зазедоа, спротивно на правото и правдата, македонските земји, се најдоа лице со лице еден спроти друг и секој од нив, признавајќи ја ненормалноста на поделбата на единствената земја со единствен народ, пројавуваа стремежи да ги присоединат кон себе и другите делови на Македонија. Со цел таа да се разјасни, европската дипломатија и печатот одново се зафатија со прашањето на Македонија, сметајќи дека неговото најдобро решение може да биде задоволувањето на претензиите на Бугарија кон оваа земја и во изнаоѓањето компензации за Србија и Грција. Притоа се испушти од предвид една околност - тоа е желбата на самите Македонци, нивните национални стремежи. Македонските интелектуалци од земјата и во странство тогаш укажуваа на ризиците од нерешеното македонско прашање. Непосредно по почетокот на Првата светска војна, Македонската колонија во Петроград испраќа Меморандум до Руската влада за да ја истакне и создадената положба во Македонија по нејзиното разделување помеѓу балканските држави. Со оглед дека по повеќе од еден век заради истите аспирации на соседите македонско прашање повторно ја бранува Европа и светот, го пренесуваме во целост текстот на Меморандумот кој Македонците го испраќаат до руската влада во август 1914 година, а во кој се вели следното: „Од половината на минатиот век руската влада и руското општество почна усилено да ја помагаат културно-националната преродба на јужните Славјани. Во бројот на другите балкански земји не беше заборавена и нашата татковина, Македонија. Мнозина Македонци добија образование во Русија и се вратија дома за борба за славјанска богослужба и национална свест. Русија им помогна на Македонците во борбата за национална црква; таа ја ослободи Македонија во 1878 година (макар и во составот на Бугарското Царство), но Санстефанскиот договор беше уништен во, Берлин и нашата татковина, благодарејќи на интригите на непријателите на славјанството, одново падна под турското ропство. Од времето на Берлинскиот конгрес започнува една од најтешките епохи во животот на Македонија. Неопходно беше: да се продолжи борбата против грчкото фанариотско духовенство и неговите панелински стремежи, да се води борба против Турците за политичка слобода и според можностите да се противдејствува на стремежите на Бугарите и на Србите што сакаа да ја искористат тешката положба на македонскиот народ за подготвување почва за завојување на цела Македонија или за нејзина поделба помеѓу Бугарија, Србија и Грција. Апсорбирани исцело од борбата против Грците и Турците во текот на последниве дваесет години, ние, за жал, бевме премногу доверливи спрема уверувањата на Бугарите и Србите за нивните братски сочувства спрема нашата борба за културна слобода на Македонија. Под форма на братска помош, сочувство и содејство на нашите стремежи Бугарите и Србите, како што се покажа, само подготвувале почва за да си ја потчинат Македонија - цела или по делови. Српско-бугарскиот спор за Македонија неверојатно го усложни и без тоа сложеното македонско прашање. За овој спор не се подложуваа на никакво сомнение две суштествено важни прашања за создавањето на самостојна македонска држава, а имено: 1) дека славјанското население во Македонија по националност е еднородно, со други зборови, дека во Македонија постои се на се една славјанска народност, и 2) дека во Македонија има една националност што го составува мнозинството на населението на оваа земја, тоа се Славјаните - Македонци. Додека ние бевме апсорбирани од онаа борба против Грците и Турците, Србите и Бугарите неуморно работеа врз создавањето приврзаници на српските и бугарските национални интереси, како внатре во Македонија, така и во странство и пред се во Русија. Српско-бугарското соперништво во Македонија создаде илузија за постоење барем на две славјански народности во Македонија – бугарска и српска, што требаше да послужи како основа за српско-бугарските пазарења за поделба на Македонија помеѓу Бугарија и Србија. Кога станаа очевидни вистинските цели на „братските" грижи на Бугарите и на Србите за Македонија, водачите на македонскиот народ почнаа громогласно да изјавуваат дека се неосновани српските и бугарските претензии за Македонија и дека постои единствена, распространета по цела Македонија славјанска македонска народност, како одделна етнографска и историска индивидуалност. Водачите на Македонците, протестирајќи против извртувањата на вистината за етнографијата и историјата на Македонија од страна на Србите и Бугарите, изјавуваа дека македонската национална свест само се експлоатира од бугарската и од српската национална пропаганда, коишто преку поткупи создаваат свои приврзаници внатре во Македонија, а преку српските и бугарските одредени и со други интриги во странство создаваат свои приврзаници за поделба на Македонија помеѓу Србија и Бугарија. Нашите протести не помогнаа, зашто, исцело зафатени со борбата против Турците и Грците, ние не можевме со истата енергија да водиме борба против српските и бугарските интриги, а и немајќи сопствена држава ние не располагаме со неопходните материјални и политички средства за борба против српско-бугарските интриги во странство. На таков начин српско-бугарскиот спор за Македонија им дојде на помош на Турците и на Грците во нивните угнетувања и навредувања на Македонците. Турција го искористи бугарско-српското соперништво и разделеноста на Македонските Славјани на три дела (приврзаници на единството на Македонија, приврзаници на Бугарија и приврзаници на Србија) за нивното заемно ослободување. Грција се соедини со Србија и со Турција против двете најсилни македонски групи: приврзаниците на автономна Македонија и приврзаниците на Бугарија. На таков начин соперништвото на Србите и Бугарите ја подобри позицијата на Грците во Македонија, но не ја спаси Европска Турција. Во текот на 20 години ние им нанесувавме на Турците удари еден по друг, како резултат на кои дојдоа: првин таканаречените „падарски реформи во 1902/3 г. за падари во христијанските населби во Македонија, после „Мирцштешките" реформи со финансиско-полициската контрола во Македонија. Потоа уследија Ревалските реформи во 1907 година, (односно 1908 г.) чиешто воведување ќе ја обезбедеше полната автономија на Македонија, но младотурците ги испреварија со прокламирањето на уставот во 1908 година. И потоа ние се боревме против Турците, додека не ја доведовме работата до Балканската војиа од 1912 година, во која ние и зедовме најактивно учество и му направивме суштествени услуги на целиот Балкански сојуз. Ние се боревме против Турците и ја доведовме борбата до крај, и тоа победоносен крај. Сепак нашата 20-годишна борба за слобода заврши со поделба и со ново, уште полошо поробување на Македонија, виновници за кое се нашите браќа Срби и Бугари. Русија и славјанството не можеа да се нарадуваат на успесите на славјанското оружје во борбата со Турција. Меѓутоа, веднаш по победите на славјанското оружје дојдоа големите разочарувања. Меѓу сојузниците се започнаа спорови за поделба на пленот, а како плен се најдовме ние, Македонците, нашата несреќна татковина Македонија. Се обнови српско-бугарскиот спор за Македонија. Беа употребени сите интриги што и порано ги користеа Србите и Бугарите за меѓусебно компромитирање. Грците, Турците, Романците и другите непријатели на славјанството го искористија несвоевремениот и наполно неуместен српско-бугарски спор во почетокот на 1913 година и со тоа му нанесоа непоправлив удар на славјанското дело на Балканот. Одвај ли треба да се докажува дека главни виновници за распарчувањето и новото поробување на Македонија беа никој друг туку Бугарите и Србите. Бугарија пред и во времето на војната од 1912 година не сакаше ни да чуе за автономијата на Македонија. Таа се бореше за поволна за себе делба на Македонија, Србија од своја страна се бореше за делбата, надевајќи се да ја искористи за своите интереси создадената положба. Но причината за нашите несреќи треба да се бара исто така и во оние тешки услови во кои се наоѓаше нашата татковина во последниве две десетлетја, во епохата иа нашата најинтензивна борба со Турците и на најголемото изострување на српско-бугарскиот спор. Наполно апсорбирани од борбата против Турците и Грците, ние не можевме со нужната енергија да им се спротивставиме на тенденциозните соопштенија и тврдења на Србите и Бугарите за Македонија. Ние не можевме своевремено да го убедиме руското општеетво дека постои се што е неопходно за создавање независна македонска држава, а имено: 1) дека во Македонија воопшто нема поголема разнообразност на населението, отколку што е разнообразноста на населението во Србија и во Бугарија пред нивното ослободување од турското ропство; 2) дека постои една националност што го претставува мнозинството од населението на Македонија и што и придава етнографско единство на земјата - тоа е славјанскиот народ, Македонците, кои во цела Македонија претставуваат една и иста, а не две или неколку народности, како што тврдеа Бугарите и Србите; 3) дека Македонците никако не претставуваат такви безволни и несвесни славјански дивјаци што, според уверувањето на Србите и Бугарите, во српските и во бугарските училишта мошне лесно можат да се претворат во Срби и Бугари. Напротив, ние претставуваме наполно оформена нација што располага со интелигенција неспоредливо помногубројна и разнострана отколку што располагаа Србија и Бугарија пред нивното ослободување. Ние располагаме со множество имиња на општествени и културни дејци што го дадоа својот живот за слободата и културата на својата татковина Македонија. Ние имаме стара и висока месна, македонска култура, почнувајќи од времето на светите Кирил и Методиј и нивните ученици светите Климент, Наум и Горазд, основоположниците на македонската славјанската просвета, како времето на првата славјанска македонска држава - на царот Самуил, втората - државата на Добромир Стрезо и третата - на кралевите Волкашин и Марко, така и во целиот XIX в., особено во неговата втора половина. Најпосле, кон културните заслуги на нашиот народ спаѓа исто така и упорната борба на Македонците против Грците за славјанска богослужба и просвета, којашто заврши со обновувањето на славјанските епархии во Македонија. Нашиот народ, којшто ја издржа вековната борба со Византија и со Турција и угнетувањата од грчкото духовенство и од Турците, е закален во оваа национална борба, и затоа тој не може да биде таков безволен, несвесен и див народ, каков што се трудеа да го претстават пред руското општество нашите противници. Србите, Грците и Бугарите, откако ја завладеаја Македонија, уште подобро се убедија во постоењето на упорна и закалена во борбата македонска национална свест, поради тоа тие и објавија најжестока војна на таа македонска национална свест и воопшто на македонската национална култура. Српската, грчката и бугарската политика во Македонија ги насочија сите усилби и средства на државата за борба со македонскиот национализам, со македонската просвета, со македонската култура. Тие ги употребуваат сите, и дозволени и недозволени, средства за да ги претворат заграбените од нив делови на Македонија во пустина во културен однос, за да можат врз урнатините на старата месна култура да развиваат своја. На тој начин српско-бугарскиот спор за Македонија, минувајќи преку меѓусојузничката, братоубиствена војна, дојде до Букурешкиот мир и новото поробување на Македонија и до објавувањето непомирлива војна од страна на новите завојувачи против старата месна, македонска, славјанска култура. За наша среќа, Букурешкиот договор не се покажа долгорочен и за нашата татковина Македонија одново дојдоа времиња за светли очекувања. Настаните што дојдоа во јули 1914 г., а главно објавувањето на војна од страна на Русија во името на интересите на славјанството, ни даваат надеж дека Русија ќе успее да ги исправи грешките што дојдоа како последица од српско-бугарското соперништво за Македонија и доведоа до Букурешкиот договор и до поделбата на нашата татковина. Едногодишното постоење на условите на Букурешкиот договор се покажа наполно доволно за да стане очевидна сета штета од договорот за интересите на Русија и на славјанството. Букурешкиот договор ги зголеми териториите на неславјанските држави и непријатели на Русија и на славјанството - Романија и Грција за сметка на славјанските земји - Македонија и Добруџа. Тој ја раздроби Македонија на три дела и допушти систематско и безмилосно истребување на вековната славјанска култура и на целото свесно, културно население на Македонија. Поради тоа ние никогаш не можеме да се помириме со режимите што завладеаја во нашата татковина како резултат на Букурешкиот договор. Бугарија исто така никогаш не би се помирила со тоа што ја заобиколија во Букурешт. Стана невозможно обновувањето на српско-бугарската слога врз основа на зачувувањето и дури и врз основа на делумно изменување на Букурешкиот договор. Исто така и Србија и Грција никогаш нема да се согласат доброволно да и ги дадат на Бугарија заграбените од нив делови на Македонија и нема да дозволат да се образува независна македонска држава, поради што се создава почва за вечна непомирливост на интересите на Србија и Бугарија и вечна неопходност за Србија да сака потпор против Бугарија во неславјанските држави - Грција и Романија, а Бугарија од своја страна е принудена да се потпира против Србија и Грција врз исто така неславјански држави - Турција, Романија и Австрија. Српско-бугарскиот спор за Македонија на тој начин претставува вечно загрозување на мирот на Балканот и на интересите на балканското Славјанство. Ете зошто ние, Македонците, сметаме дека сегашната општоевропска војна, којашто ќе ја реши судбината на целото Славјанство, нема да го одмине уредувањето исто така и на судбината на нашата татковина. Ние се надеваме дека Русија нема да ја заборави Македонија и дека овојпат македонското прашање ќе биде решено пред се во интерес на самото месно македонско население, а потоа во интерес на Русија и на Славјанството. (Б.. Р., Д. Чуповски. II, стр. 221-226). По повеќе од сто години, денес кога на еден дел од територијата на Македонија постои македонска држава, мирот на Балканот е загрозен од однесувањето на Грција која заради спорот со името не ги дозволува евроатланските интеграции на Македонија. Европа и големите светски сили, не смееат да го дозволат однесувањето на Грција и да ги запостават стремежите на македонскиот народ, без разлика на условите кои постојат денес. Нека овој Меморандум биде поука за денешните политички елити кои си играат со македонското прашање, а Македонците им служат за поткусурување на апетитите на нејзините соседи. (извор: Документи од борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална државам Скопје, 1981, стр. 578 - 582) Македонска нација |