|
|
Мара Бунева мечтеела активно да работи за ослободување на поробена Македонија |
Од тогаш, Мара живеела при братот Борис, кој служел војска во Јамбол, а покасно се преселил во Софија. Таму Бунева имала можност да спортува јавање на коњ и стрелање со пиштол. Во тој период се запознала со кавалерискиот офицер Иван Хранков за кого и се омажила. Бргу се вклучила во револуционерната организација, станувајќи нејзин член. Мечтеела активно да работи за ослободување на поробена Македонија. По добиената задача од ВМРО се враќа во Тетово и Скопје. Пред властите објаснила дека се вратила од емиграција поради распаднатиот брак. Со тоа ги отклонила полициските сомнежи. Во Скопје завршила кројачки курс и отворила шивачки дуќан во кој навраќале како клиенти сопругите на српски чиновници, што & овозможило да се доближи до семејството на високиот жупански шеф Владимир Прелиќ, страв и трепет за македонските патриоти. Под изговор да ја оконча бракоразводната парница, Мара добила дозвола да се врати во Софија каде имала средба со Менча Карнишова, која се прославила со убиството на Тодор Паница во Виенскиот државен театар. За средбата со Бунева, Менча кажувала дека оваа млада жена има нешто особено што ја прави кадарна за големите подвизи (според мемоарите на В. Михајлов, сопруг на Менча Карнишова). По познатата афера со затворањето и судењето на македонските студенти во Скопје, во 1927 година, каде со ѕверски измачувања на младите Македонци се “прославил” злосторникот Прелиќ, Мара Бунева, во знак на одмазда на 13 јануари 1928 година, на кејот покрај Вардар, извршувајќи ја задачата на Организацијата, со три револверски истрели го усмртила Прелиќа, а потоа се самозастрелала. ВЕЧНА ИМ СЛАВА! |