Формирање на генералниот штаб на Советот на македонските друштва во Швајцарија-од Димитрие Боди
Лозана, 15 декември 1918 година. Ова е апел за здружување на Македонците кои живееле во Швајцарија. Овој совет брзо се формирал со здружувањето на неколку македонски политички организации. Советот бил познат и под името Главен одбор на македонските друштва во Швајцарија.
|
Денес, 15 декември 1918 година, три македонски друштва, т.е. „Македонија“, Друштво за заштита на правата на Македонците со седиште во Лозана, Македонското друштво за независна Македонија со седиште во Женева и Политичкото друштво „Македонија на Македонците“ со седиште во Цирих, собрани на општо собрание во хотелот „Викторија“ во Лозана, по сестрана дискусија конституираа Генерален совет од трите гореспоменати друштва под името „Генерален совет на македонските друштва во Швајцарија“ со привремено седиште во Лозана.
Неговата цел е да бара да се применат принципите на претседателот Вилсон и на силите на Антантата, т.е. да му се даде на македонското население право слободно да располага со својата судбина, како што тоа им е дадено на другите поробени народи.
Генералниот совет се одбра во следниов состав: Претседател - С. Тилков, потпретседатели - д-р А. Коцарев и д-р П. Здравев, секретари - А. Гигов и К. Стефанов, советници - д-р Дим. Несторов и Г. Николов, а за благајник К. Лешко.
Лозана, 15.XII. 1918 г.
|
Извор
Љубен Лапе, Активноста на Главниот одбор на македонските друштва во Швајцарија - Гласник IX/I, 1965, стр. 144-1145 |