Среда, 18 Мај 2022   
Вруточанецот Лулкоски го обезбедувал Смилевскиот конгрес

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вруточанецот Лулкоски го обезбедувал Смилевскиот конгрес

Гостиварското село Вруток, кое се наоѓа на околу седум километри западно од Гостивар, се наоѓа на подножјето на Шар Планина, а од нејзината утроба извира најдолгата река во Македонија, која е опеана во многу песни. Селото е познато по хидроелектричната централа „Вруток“, која по десетгодишна изградба, во употреба ја даде Јосип Броз-Тито за тогашната заедничка држава СФРЈ, во 1957 година. Во времето на војните што се воделе на пошироките простори, селото дало многу борци учесници во партизанските одреди, политичари, научници, бизнисмени, голем број академски образовани граѓани, видни свештеници. Но Вруток е меѓу ретките горнополошки села што дало и илинденец. 

Пред прославата на 116-годишнината на Илинденското востание, во слободен разговор Филип Трифуновски, гостиварски нотар ни открива дека името што го носи е на неговиот дедо Филип Трифунов Лулковски, татко на татко му Трифун, кој бил илинденец.

– Дедо ми Филип, како што ми раскажуваа татко ми и блиските роднини, бил голем македонски патриот, што го понело да се изгради и да стане неустрашлив борец и доброволно да учествува во многу борби за ослободување на македонскиот народ од османлиското ропството, за слободна Македонија. Неговиот живот бил бурен, исполнет со неизвесности, минувал низ трнлив пат, со многу премрежиња, како борец во многу илинденски чети и одреди и како печалбар крстосувал не само низ балканските простори туку бил во Египет, Турција, Австро-Унгарија и во други држави. Секогаш успевал на семејството, на родителите, на сопругата и на синовите да им обезбеди пристоен живот и петте деца да ги образова. Најстарото дете Јован (1914-1997 год.) станало доктор на науки. Тој напишал голем број научни книги за Гостивар, Македонија и пошироко. Неговите книги се богати со огромен број податоци за потеклото на населението, историјата на местата и стопанските услови, кои се од извонредно значење за географијата и историјата на Македонија. Синот Јаќим бил ударник на СМРА „Маврово 1949 – 1952 “, а Трифун ги образовал и ќерките Ката и Вера.

Нашиот соговорник ни ја покажа Илинденската споменица на дедо му Трифун Лулковски, со број 1.396, издадена на 25 јули 1951 година, од президиумот на Народното собрание на НРМ (Народна Република Македонија), која ја чува како зеницата во окото. За него нема повредно нешто од наследството на деда си. Продолжувајќи го разговорот, нотарот Филип со воодушевување ни пренесува делови од биографијата: „Дедо ми Трифун бил роден на 10 февруари 1879 година во селото Вруток, а починал на 7 јануари 1960 година во родното место, каде што е и погребан. Во 1899 година се вклучил во Демирхисарската чета и со еден дел бил обезбедување за успешно одржување на Смилевскиот конгрес (2-7 мај 1903 година).

Во револуционерното Смилево присуствувале голем број војводи и значајни личности од илинденското востание. Обезбедувањето било на неколку нива и успешно ја извршило својата задача. Во борбите на Илинденското востание бил активен учесник и со своја чета. За време и по Илинден повеќепати бил рануван, но успевал да ги излечи тешките рани, да се врати на боиштата и да ги исполнува добиените задачи од организацијата. Во годините кога не учествувал во борбите, Трифун Лулковски заминувал на печалба да спечали средства за егзистенција на многубројното семејство. Печалбарскиот живот го одвел во Египет, Турција и во Бугарија, а две години во еден период бил во австро-унгарската војска. Тоа му овозможило да ги научи арапскиот, германскиот, турскиот и албанскиот јазик, што многу му помогнало во животот.

Говорејќи за деда си Филип, неговиот наследник на името ни вели дека по карактер бил чесен, правдољубив и бунтовник, а неговата гордост и патриотизам како вистински роден Македонец го насочиле да учествува во борбата за независна Македонија. За време на НОБ 1941- 1945 бил активен учесник, како логистика на партизанскиот одред „Кораб“. По ослободувањето на НР Македонија, како носител на Илинденска споменица бил интервјуиран од страна на многу државни и културни институции на Македонија и новинари.

За животниот пат на Филип Трифунов Лулковски дознаваме и од биографијата што сам ја напишал, а е отпечатена во книгата „Тетово и Тетовско во Илинденскиот период 1895 – 1905“ од Бранислав Светозаревиќ-Покорни, во издание на Државниот архив на Македонија, објавена во Скопје во 2003 година.
Во 1905 година заминав за Македонија со Тетовската чета на војводата Никола Панов-Гостиварчето. Ја минавме границата кај Ѓуешево и во Паланечко се составивме во селото Кнеже со окружните војводи за Македонија Даме Груев и Чучков. По неколкуте дена одмор, со четата на Никола Панов заминавме преку Кратовско, Кумановско, Скопско, преку селата Коњаре, Каменица, Преот, Крушица, Дивле, Сушица, Скопска Црна Гора, Булачане, Черешово, Мирковци, Бразда, Кучково, Кучевиша и Радуша. Курир ни беше Тодор Даскал од селото Јелошник, Тетовско. Стигнавме во Тетово, во Тетовско, на планината Жеден, до селото Раотинце. По два дена одмор тргнавме во селото Брезно, Јелошник и манастирот „Лешок“. Бевме откриени од селото Слатино, од арнаути башибозук. По два-три часа борба со арнаутите, четата се повлече назад во планината Жеден. Во борбата убивме двајца арнаути од селото Слатино. По два-три дена четата повторно, по друга насока, замина за селото Јелошник на планината Шар.

По неколку дена пауза, преку селата Сетоле и Лавце заминавме над Тетово и продолживме за селото Блаце. Курир ни беше Синадин од селото Чајле, Гостиварско. Имавме малку борба со четата на качакот Демир Лакавица, а потоа заминавме за селата Стенче и Волковија“. Бидејќи секојдневно бевме следени од турската војска и од башибозуците, бевме принудени четата да ја разделиме на два дела. Војводата Никола Панов со четири четници замина за Гостиварско. Другите четници, под раководство на секретарот на четата, Дончо од Волковија, заминавме преку Сува Гора во селото Здуње, Поречко. Од Здуње во селото Пуста Брезница, Скопско, селото Горно Соње и таму се составивме со четата на Даме Мартинов. По извесно време со четата, се разболев и заминав во Бугарија. Неколкупати бугарските власти ме интернираа во Варна и во други места. Во 1912 година стапив како доброволец во Македонско-одринските бригади во Првата бригада, Втората дружина, прва група, Скопска. Учествував во сите борби за ослободување на Македонија, имам „уволителен“ билет.
Четата на Никола Панов, во која како борец илинденец бил и вруточанецот Филип Лулковски, по убиствата на два падари арнаути ќе предизвикале големи човечки и материјални штети на македонското население во околината на Лешочкиот манастир. Во книгата „Тетово и Тетовско во Илинденскиот период 1895 – 1905“, авторот д-р Бранислав Светозаревиќ-Покорни, по обемни истражувања низ релевантни документи и факти ќе констатира дека многу малку недостигало Лешочкиот манастир да биде запален сосе верниците што се наоѓале во него.

„Во Лешочкиот манастир турската војска извршила претрес и Алај-бег Гали добил уверение од игуменот Еротеј дека во манастирот не се кријат комити. Потоа, Алај-бег наредил башибозукот да се испрати дома и против нивната волја биле принудени да се оддалечат од манастирот и понижени да се вратат во своите куќи.
За да се смират локалните Албанци и да стивне целокупната тензија, турските власти презеле истрага, а организирале и потера по убијците на падарот.
Преплашениот народ што се наоѓал во манастирот конечно можел да се врати дома. При враќањето бил придружуван, односно заштитуван од кордон војска“.

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.