|
|
Галичник бил честа мета на разбојнички напади на Арнаутите |
По Првата светска војна белградските весници пишуваат за разни настани поврзани со окупираниот дел на Македонија. Така белградскиот „Илустриран лист“, кој прво излегува на две недели и потоа еднаш неделно, во ноември 1920 г. покрај изложбата на женските рачни работи изработени во Македонија која ја организира женското друштво „Кола сестара С.Х.С“, известува и објавува фотографии поврзани со разбојничкиот напад на Арнаутите на Галичник. Имено, во текот на 19 и 20 век Галичник бил честа мета на разбојнички напади на Арнаутите. Обично тие се интензивирале после Ѓурѓовден, штом ќе пристигнеле големите стада овци на ќеаите од Солунско. Тогаш овие банди вршеле грабеж на цели стада овци и коњи. Ако тоа не им успеело тогаш тие киднапирале деца или возрасни луѓе и ги чувале во заложништво се додека не добиеле голем откуп – стотици жолтици за негово ослободување. Во белградскиот „Илустриран лист“ од ноември 1920 година објавена е информација заедно со фптоградии кое говорат за извршен разбојнички напад на Арнаутите во Галичник. Во написот испратен од Тетово од 30 октомври под наслов „Напад на Арнаутите - Разбојничка пљачка на Арнаутите во Галичник (Со наши слики на друга страница)“ се вели: „Во ноќта меѓу 22 и 23 овој месец влегла добро организирана чета на Арнаути во местото Галичник. Откако запалија една сушница и неколку домови, убија еден жандарм и го опљачкаа селото, опљачканото го натоварија на четириесет товарни запрежни коли и го однесоа. Пред да тргнат ја отераа стоката и зедоа заложници, двајца селани и четири деца. Кога дошле надвор од опасноста (да бидат фатени од потерата – н.з), порачаа дека ќе ги пуштат заложниците ако им се плати 5000 златни турски лири. Војните и цивилните власти се во потера за Арнаутите. Наша слика ги покажува арнаутите кои ја извршиле оваа пљачка.“ („Илустрирани лист – Ilustrirani list“ у Београду Година1 бр. 20 11.11.1920 – 18.11.1920. стр. 2) Покрај текстот за настанот објавени се фотографии на кои се гледа групата арамии кои го опљачкаа Галичник и колоната од запрежни товарни коли со кои е однесен речиси целокупниот имот на Галичани.
|