Среда, 28 Октомври 2020   
Какви пропагандни активности преземала бугарската окупаторска власт за разнебитување на македонскот народ во Велес во 1943 година
1velВелес пред почетокот на Втората светска војна во 1941 година
 
Бугарската окупаторска власт била мошне перфидна во спроведувањето на својата зацртана денационализаторска и асимилаторска политика во Велес во 1943 година.
Тука, ќе ги дадеме само позначајните активности кои бугарската власт во градот ги спроведувала во 1943 година. Овие податоци за прв пат се објавуваат во јавноста во интегрална целина. Имено, на 17 март 1943 година, бугарската власт во градот, по иницијатива на група „благодарни“ велешани, дозволила да се организира свеченост на германските гробишта во Велес „во знак на благодарност кон германскиот војник кој ја донел слободата и ја приклучил Македонија кон мајката Бугарија“. На свеченоста, венци на германските гробишта во Велес, загинати во Првата и Втората светска војна, положиле: началникот на германската телефонска управа во Велес, офицер од Велешкиот бугарски полк во градот, Димче Војницалиев од велешкото Германско-бугарско друштво, З. Арсова од името на женското просветно друштво „Љубов кон родината“ и браничката Тодорка Тодорова од името на велешката браничка дружина. На свеченоста учествувала и воена музика од касарната во градот. На панихидата учествувале и поголем дел од официјалните лица од градот, граѓани и учители. Читалиштето „Рајко Жинзифов“ организирало литературно-музичка забава со најодбрана програма. Во одбележувањето се вклучил и хорот при учителско-просветното друштво, а присутни биле и граѓани, учители и ученици.
  
Во сабота на 20 март, во Велес пристигнала една мала група германски војници учесници во борбите на Источниот фронт. Војниците биле пречекани од велешкото граѓанство, а биле сместени по приватни куќи. Вечерта, кметот на градот, Никола Колев, ги поканил германските војници на чаша пиво. Присуствувале и сите официјални лица и повидни граѓани од градот. На средбата присуствувал и германскиот командант на велешката железничка станица Фишер и членовите на Германско-бугарското друштво од Велес. На гостите им се обратил и ги поздравил кметот на градот, а од страна на германските војници се обратил водачот на германската група војници. Поздравните говори биле преведувани од претседателот на Германско-бугарското друштво во Велес д-р Богдан Поп Ѓорчев. Се наздравувало за бугарскиот цар и за водачот на „Големиот германски Рајх“ Адолф Хитлер.
 
За пропагандни цели се користеле и средбите посветени на здравствената состојба во градот. За таа цел, на 21 март 1943 година, учениците од основното четиригодишно училиште „Св.св. Кирил и Методиј“ под раководство на учителката Павлина Давидова, ја извеле научно-воспитната пиеса „Нашите врагови – болестите“. Забавата била отворена со говорот на П. Давидова на тема „Здравјето“. Во функција на овие идеи бил и состанокот, што на 25 март (петок) општо граѓанскиот културно-просветен комитет при општината Велес, под претседателство на кметот на град Велес Никола Колев, одржал состанок на кој се разгледувало прашањето за оставениот тестамент на велешанецот Д. Војников за изградба на големо хигиенско училиште во Велес под името „Св.св. Кирил и Методиј“. За таа цел кметот на градот Н. Колев бил задолжен да стапи во контакт со Бугарската народна банка во Софија, да настојува, парите оставени за оваа цел да бидат под камата. Притоа, се разгледувала и идејата во Велес да се постави плоча на „Сите паднати за слободата херои-Велешани“ и, воедно, да се пренесат коските на сите загинати за слободата на Македонија.
 
За ширење на бугарската пропаганда често пати биле ангажирани и истакнати лица од Бугарија. Имено, на 4 април 1943 година,во салонот на киното „Капитол“ во Велес, предавањето за политичката состојба во светот и во Бугарија одржал народниот претставник и поранешен министер во бугарската влада Христо Статев.
 
Во градот, на 10 април пристигнале бугарските професори Михаил Арнаудов и Владислав Алексиев-Миладинов и претседателот на Македонскиот научен институт во Софија Никола Стојанов. Во народниот универзитет тие одржале предавања на тема „Духот на бугарската преродба“ и „Вековната светоглед на бугарската држава“.
 
По повод двегодишнината од нападот на Германија на Југославија, на 12 април 1943 година од Скопје во Велес дошла една група германски војници. Тие биле пречекани од група Браници, од членовите на бугарско-германското друштво, службени лица и граѓани. Претседателот на Бугарско-германското друштво Богдан поп Ѓорчев ги поздравил Германците со зборовите „Добро ни дојдовте“. На градскиот плоштадот „Цар Борис трети“ во Велес, госите ги пречекал кмето на градот Николај Колев, а поздравни говори одржале началникот на велешкиот гарнизон, околискиот управител Константинов и свештенико К. Трајчев. Потоа, германските и бугарските војници заеднички измарширале низ градот предводени од началникот на велешкиот гарнизон.
 
Голем пропаганден настан било доаѓањето на Министерот претседател на бугарската влада Богдан Филов. Тој на 11 јули 1943 година дошол во посета на Велес. Бил пречекан од околискиот управник на велешката околија Христо Константинов и кметот на градот Николај Колев. Состанокот се одржал во просториите на општината, а се разговарало за општата состојба во градот и како таа да се подобри на економски план во наредните години. По кратко задржување, Б. Филов го напуштил Велес и заминал за Скопје.
 
Со иста цел било доаѓањето и на министерот за внатрешни работи на Бугарија Дочо Христов, кој на 19 октомври во 10,30 часот, пристигнал во Велес, кој бил вториот град после Скопје кој министерот го посетил за време на неговата обиколка на Македонија. Со него дошле бившиот министер Илија Кожухаров, народниот претставник Петар Думанов и други лица. Нив во Велес ги пречекале околискиот управител Христо Константинов, полицискиот началник Вел. Добрев, началникот на гарнизнот и други лица. Од балконот на општинската зграда на собраните велешани им се обратил министерот Дочо Христов. По завршувањето на посетата на Велес, министерот Д. Христов, преку стариот пат низ с. Извор, заминал за Прилеп.
 
Многу значаен настан на пропаганден план било и доаѓањето на Скопскиот обласен директор Димитар Раев (кој во службена посета на градот доаѓал уште неколку пати). Тој, во Велес дошол на 27 октомври 1943 година, заедно со стариот револуционер Коста Ципушев и претседателот на Обласниот суд Владимир Арианов. Во салонот на градското кино, пред учениците на 6,7, и 8 клас на смесената велешка гимназија и пред нивните наставници, одржал предавање на тема:„Бугарската држава и задолженијата на бугарската држава“. Пред учениците се обратил и К. Ципушев. По завршувањето на говорите, гостите ги поздравил директорот на гимназијата Манол Велев и една браничка и ученичка од осми клас.
 
2velДрвениот мост на р. Вардар пред бомбардирањето на градот во април 1941 година
 
На 21 декември 1943 година во Велес пристигнал министерот на правосудството Константин Партов. Него го придружувале обласниот директор Димитар Раев, касациониот судија Илија Чајлев (по потекло од Велес), обласниот полициски началник Асен Богданов и обласниот директор на професиите Борис Ќурчиев. По одржаниот состанок, делегацијата го продолжила патот кон Кавадарци.
 
По повод денот на македонските просветители „Св. Кирил и Методиј“, во Велес од 1941 па сé до 1944 година се организирало одбележување со програма исполнета со реферати и литературни читања и величење на бугарштината меѓу учениците и месното население.Интересно е за одбележување дека на 7 април 1943 година во Велес било осветено новото знаме на велешката смесена гимназија. Ова знаме било подарено од Втората машка гимназија од Пловдив. На свеченоста присуствувале ученици од Пловдивската гимназија и од гимназиите од Штип и Скопје. Осветувањето на знамето било извршено од архиерејскиот намесник протојереј Кирил Трајков. После осветувањето, тој го предал знамето на претставникот од Министерството за образование Васил Савов, скопски областен училишен инспектор. Тој, пак, потоа знамето го предал на директорот на велешката гимназија Рајчо Тодоров, кој, по кусиот говор, истото го предал на ученикот- знаменосец во гимназијата. Со свои говори се обратиле и началникот на воениот гарнизон во Велес и директорот на Штипската гимназија Хаџи Панзов.
 
На 24 мај 1943 година во Велес свечено било осветено и знамето кое, на основното училиште „Св.св. Кирил и Методиј“ им го подариле учителите и учениците од Павлиќенската околија во Бугарија. Во Велес се одбележувале и годишнините за Јордан Хаџи Константинов Џинот, кој воедно бил и патрон на велешката смесена гимназија.
 
3velДел од Велес. На ридот се гледа црквата „Св. Спас“
  
Општинската управа на Велес, на 27 април 1943 година организирала голема прослава по повод 40 години од саможртвата на гемиџиите. По тој повод, на плоштадот „Цар Борис Трети“ била одслужена панихида, а за делото на гемиџиите зборувал учителот Манол Велев. Во салонот на киното „Капитол“ се одржала посебна свеченост каде за делото на Гемиџиите зборувал директорот на Штипската гимназија Петар х. Панзов. Пред неговиот говор, членови на браничката организација рецитирале литературни творби посветени на гемиџиите. Со посебно внимание било поздравено присуството на Илија поп Јорданов, еден од преостанатите живи учесници во овие настани. Него лично го поздравил велешкиот управител Христо Константинов. Потоа, воената музика ја отсвирила бугарската химна и химната на царот. На прославата присуствувале: Никола Коларов, Васил Нитов, началникот на Радио Скопје Д-р Димитар Ѓузелов, директорот на Првата машка гимназија во Скопје Христо Зографов, како и Страхил Развигоров, Димко Ачков, Димитар Чкатров, д-р Страхил Панзов и др.
 
Значаен чинител во пропагандното ширење на бугарската политика и идеа било и читалиштето „Рајко Жинзифов“, раководено од околискиот училишен инспектор Г. Димитров. Така, Читалиштето, во април 1943 година организирало изведба на театарската битова пиеса „Борјана“ од писателот Јордан Јовков. Во претставата како актери учествувале учители и дел од велешките артисти: Вера Кирова, К.Г. Димитрова,  Б. Бегинов, Ив. Ваклиев, В. Кондева, Д. Сунчев, Кр. Јонов, Корабаров и Кондев, додека техничката поставеност ја организирале Величков и Христов. Тоа била првата бугарска пиеса изведена на велешката сцена. На изведбата на пиесата присуствувале и бугарските професори Арнаудов, Алексиев и д-р Стојанов.
 
На 17 мај 1943 година во Велес се одржала конференција на учителите од велешката околија. Таа била отворена од околискиот училишен инспектор Георги Димитров. Учителите биле поздравени од околискиот управите Константинов, пом. на кметот Попов и од околискиот лекар д-р Б.п.Ѓорчев. Се расправало за прашања од тековната работа на учителите.
 
На 19 мај во градот била организирана пропагандна манифестација со промоција на книги од бугарски автори. По повод манифестацијата „Седмица на бугарската книга“ се организирала поголема манифестација со присуство на ученици во салонот на ресторантот „Берлин“, каде се презентирале книги од сите бугарски автори.
 
Истиот ден, 19 мај, во градот пристигнала група на бугарски писатели кои, за пропагандни цели и величење на бугарската култура и историја, одржале неколку предавања. Нив ги поздравил претседателот на читалиштето во градот Коце Ванов и околискиот училишен инспектор Георги Димитров. Писателите ги посетиле велешките училишта, каде пред учениците ги читале своите текстови од нивните книги, при што се величала бугарската книга пред „велешките бугари“.
 
Празникот Ѓурѓовден, кој бугарската власт го славела како празник на бугарската војска и ден на храброста, секоја година се организирал со голема пропагандана манифестација на 6 мај.Така, на овој ден во 1943 година, на силен пропагандистички начин му се дало значење на овој празник со кој се величела бугарската војска и нејзините успеси. За таа цел, на плоштадот во градот била организирана пропагандна свеченост со учество на преставници од војската, како и учество на Ополченците, Илинденците, инвалидите од минатите војни, мајките и нивните блиски на убиениоте лица во минатите војни, Браниците, Јунаците, спортистите, железничарите и деца од сите училишта. На „Овој најсвет народен празник“, кој што бугарската пропаганда со сила го наметнувало меѓу Велешани во градот и цела Македонија, говорел командантот на велешката касарна, а по него црковни лица одслужиле „благодарствен молебен“. И на овој ден се величела Бугарија и бугарскиот народ, при што неизоставно се говорело и за „Бугарите од Велес и од цела Македонија“.
 
Се организирале и прослави по повод денот на „Народните будители“ со учество на претставници од војската, од учениците, од администрацијата и другите институции. Се одело по веќе воспоставено сценарио, при што, најпрво, свештенците ќго обавувале црковниот обред, потоа се читало реферат од претставник на локалната власт или од некој учител и се доделувале дипломи и други награди, а на крајот, неизоставно, било извикувањето и заколнувањето „за Бугарија“ и „За царот Обединител“.
 
Иако пропагандните манифестации и разно разните прослави дури и за безначајни настани биле многубројни и силно поддржувани од бугарската власт, тиа не го постигнале саканиот ефект за денационализација и асимилација на  македонското население. Напротив, Македонците од Велешка околија во почетокот се држело доста резервирано кон бугарската окупаторска власт, но, подоцна, особено по разгорувањето на Националноослободителната војна, масовно се вклучиле во борбата за конечното ослободување на Македонија.

1Malkovski Djordji 1Георги Малковски

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.