Среда, 22 Ноември 2023   
ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – „ Првото сослушување во тајниот затвор на СДБ“ (6)

                                  Dragan Bogdanovski 1

                                     ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ

Набрзо по киднапирањето во јуни 1977 година и префрлањето на Драган Богдановски, раководител на ДООМ, од Париз во тајниот затвор на СДБ во близина на Македонски брод, започна неговото испрашување.

Во овој затвор Богдановски поминал 18 месеци, пред да биде префрлен во затворот Идризово. Во својот дневник тој говори за тортурата и навредите на кои бил изложен додека бил испрашуван. Опишувајќи го првиот ден на сослушувањето, Богдановски ќе го забележи следното:

„Бидејќи удбашките началници салонот на катот или дневната соба ја викаа “ловџиска“ соба така за натаму и јас ќе ја викам ова просторија во која поголемиот дел од мојата полициска истрага мина, во која многупати бев тортуриран и навредуван. На првото сослушување во ловџиската соба ме чекаа тројца началници на СДБ, двајца од старата гарда на Александар Ранковиќ Шкатров и Гогов, и еден помлад од новата титовистичка интелектуална генерација Никола Илиевски. Тие седеа кај големата маса, пред себе имаа снопчиња некакви документи и чиста хартија за пишување.

Кога милиционерите ме доведоа во ловџиската соба, удбашките началници уште пиеја кафе.

Ми  наредија да седнам на столица спротив нив од другата страна...Неколку минути потоа удбашкото кафе беше пред мене, кога Шкатров рече:

- Најпрвин сакаме од тебе да слушнеме зошто во 1951 година избега преку граница.

- Тогаш бев млад, немав полни 22 години, а по причини кои ви се познати на вас јас бев исклучен од сите универзитети и високи школи на Југославија. Имав страсна желба да си го продолжам образованието за кое ми беа одземени сите услови во Југославија. Но искрено да ви кажам избегав и од вашиот комунистички режим, кој по моето интимно сфаќање е тоталитарен режим, кој не почитува никакви човечки слободи и е длабоко антидемократичен.

Ти како студент на Агрономскиот факултет во Земун на Белградскиот универзитет си бил осуден за кражба на писачка машина од факултетот и како криминалец си исклучен од Универзитетот.

- Барем вие македонските удбаши треба да ја знаете правата вистина и да не верувате во таа лага. Во учебната 1949/1950 година јас поминав шест месеци во затвор под истрага во зградата на УДБА за Србија на Обелиќев венец во Белград, а вие добро знаете дека во истражниот затвор на УДБА не затвораат криминалци, туку луѓе кои се под сомневање за некоја политичка антидржавна или антирежимска дејност. По шестмесечниот истражен затвор во УДБа за Србија на мене ми беше врачено “судско“ решение или пресуда дека сум осудуван на шест месеци затвор значи за времето што сум го издржал во затвор без да бидам изведен пред суд, без да имам било каква одбрана. Значи пресудата ми беше донесена во мое отсуство, само и само да ме искомпромитира како криминалец. Во истата пресуда беше донесено и решение дека губам право на студирање на сите универзитети и високи училишта во  Југославија. Писачката машина од факултетот ја открадна еден друг Македонец студент, кој подоцна стана шпион на УДБа. Тоа беше Никола Драмски од Струмица, а ја открадна божем за пишување на летки, по повод Илинден 1949 година. Летките никогаш не се појавија а машината беше вратена на факултетот. Тоа покажува дека Драмски бил провокатор од УДБа и тогаш. Просто јас бев жртва на режимот т.е. на УДБа за Србија.

Зарем мораше поради тоа да бегаш преку граница? – рече Шкатров– Тогаш времето беше такво, велат нашата земја се наоѓаше под ударите на Инфобирото. Во она време покрај сувото гореше и суровото. Многумина невини граѓани поминаа години а не само шест месеци како тебе на Голи Оток, па кога беа ослободени од затворот станаа лојални и чесни граѓани на својата земја. Некои од нив направија и големи кариери.

Се сеќаваш ли од кој белградски суд ти било доставена пресудата за украдената писачка машина? – ме праша Никола Илиевски. – Ние баравме во архивите на белградските судови но таква пресуда не најдовме.

- Веројатно таа и не била никаде регистрирана – одговорив јас зашто како што реков јас не бев излезен пред суд. Можеби сум бил пресуден административно од УДБа само да се даде некаква легалност за шесте месеци затвор што ги одлежав невин од УДБа на Србија.

-Таа работа сега не е толку важна – рече Анче Гогов – зашто тепаниот си останува тепан, а ебаниот ебан. Било па поминало! Ти сега си под истрага и ќе одговараш за докажани дела од политички криминал.

- Само во управничкиот речник на Југославија постои изразот “политички криминал“ – одговорив. Во правните системи на демократските земји делата од криминална природа наполно се одделени од делата од политичка природа. Впрочем во држави никој не бива обвинуван и осудувам за дела од политичка природа зашто слободата на говорот, на политичкото убедување и организирање е заштитена со самиот правен систем.

- Сакаш да кажеш дека Југославија е полициска држава а не правна – рече налутено Шкатров – Внимавај што зборуваш зашто ќе станам ќе те згазам како некоја пачарва!

- Вие ме наведовте на овој разговор а јас само ви кажав што мислам по овој правен проблем – одговорив.

- Ти како уште да не знаеш каде и пред кого се наоѓаш! – рече Анче Гогов. Ние луѓето од УДБА на Македонија сме сега твоите иследници и твоите судии, твојот живот стои во наште раце. Од тебе самиот зависи дали ќе си ја сочуваш главата или ќе бидеш нечујно и незнајно закопан во некој дол на оваа планина.

- Ако бидам закопан во планинава како што ми се заканувате, тоа нема да биде првиот случај во македонската историја – реков. Меѓу двете војни ванчомихајловистите во Софија по сред бел ден го киднапираа Симеон Кавракиров, членот на Обласниот комитет на ВМРО (Обединета) и во автомобил го однесоа на Пирин Планина, каде го мачеа и садистички се изживејуваа врз него цели две години, а потоа го убија и го закопаа во незнаен гроб во осоите на Пирин Планина. Со мене македонската историја само ќе се повтори.

- И по цената на твојот живот сакаш да влезеш во македонската историја – рече Никола Илиевски.

- Јас не сакам на тој начин да влезам во македонската историја но вие ако во историјата сакате да останете како братоубијци, тогаш убијте ме, нека ви се исполни таа желба!

...Замолкнав. Еден миг молчеа и тројцата удбаши, потоа проговори Илиевски.

- Вчера си добил хартија и хемиски. Сега ќе те вратиме во твојата келија да пишуваш. До вечера бараме од тебе да го опишеш твојот шестомесечен престој во Грција. Ние имаме некакви податоци дека уште во логорот Лаврион си бил мошне политички активен, си се среќавал и соработувал со многу лица од Вардарска и Пиринска Македонија. Знаеме дека во логорот си се дружел со ванчомихајловистите, со кои подоцна политички си се разишол. Ванчомихајловистите се фалат дека тие ти помогнале да излезеш од Грција, ако тие не биле ќе си скапел по грчките острови. Напиши што има вистина во ова нивно тврдење. Пишувај опширно и детално. Не жали хартија. Напишаниот материјал дај го на милиционерите кога тие ти донесат вечера, ние по вечерата ќе го разгледаме, па утре по појадокот пак ќе се видиме и ако има нешто што си заборавил да напишеш, ние ќе те потсетиме.

- Кога вие знаете се, зошто ме терате да пишувам? – ги прашав удбашите.

- Сакаме во нашата архива да ги имаме и твоите лични кажувања по тие прашања – одговори Никола Илиевски.

Ме вратија во мојата келија, седнав на креветот и почнав да пишувам на колена. Немав зошто да не пишувам, бидејќи решив да ја пишувам вистината, нека остане некаква трага од неа барем во полициските архиви – си реков.

Пишувањето одеше мачно на колената, и некој од удбашките иследници, љубопитен да види дали ќе започнам со пишувањето, тоа го видел однадвор од прозорецот, па по еден милиционер донесе во келијата една мала масичка, која од тој ден ми служеше и за пишување и за јадење. “

(продолжува)

1Tihomir Подготвил Т.К.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.