|
|
ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА НИЗ ДЕТСКИ СВЕДОШТВА (прв дел) |
Татјана Савичева (23 јануари, 1930 – 1 јули, 1944) Втората светска војна (1939 - 1945 година) одзема 50 милиони животи низ бојните полиња по светот. Од тие жртви, три деца, од различни завојувани земји, имале исти желби за слобода, мир и правда, Татјана Савичева, Ана Франк и Садако Сасаки. Тие оставиле писмени сведоштва, дневници за своите страдања. Нивните народи и земји со гордост и благодарност им издигнале светски почитувани споменици. Татјана Савичева е од СССР, земја која се бореше против нацизмот и фашизмот, и загуби најмалку 27 милиони народ, 19 милиони цивили и 8.7 милиони војска. Татјана е една од 1.2 милиони жртви во опсадата на Ленинград (8 септември, 1941 – 27 јануари, 1943), извршена во тек на германскиот план Барбароса, за геноцид на словенските народи. Нејзините сведоштва за гладот, болестите и воените напади се собрани во куси детски записи на руски јазик, дневници за ужасите во текот на опсадата која траела 872 дена.
Татјана ја запишува смртта на секој од нејзината фамилија кој умира пред нејзини очи. Кога останала последна, знаела дека е следна за умирање, но го задржала својот силен руски дух. Била спасена во последен миг, пренесена во болница, но починала од постоечката стомачна туберкулоза. Споменот за 14 годишната Савичева останува легендарен поради детски едноставните, но драматични страници од нејзиниот дневник, со чувство за бесмисленост на страдањето меѓу невините и нехуманото уништување на градови и земји. Спомен обележја Во трајно сеќавање и почит кон Татјана, опсадата на Ленинград е поврзана со неа и обележена на повеќе места и начини. Во детскиот Меморијален комплекс именуван „Зелениот појас на славата“, по должина на „Патот на животот“, во алеата „Цвеќе на животот“, извадоци од дневниците на Татјана се запишани на истакнатите камени плочи. Повоените судења во Нирнберг ги користеле дневниците на Татјана Савичева како доказ за нацистичките злочини. Помала планета, откриена 1971 година од советскиот астронаут Људмила Черник, е именувана 2127 Танја, во чест на детето жртва на втората светска војна. Руската Федерација му има оддадено почит на своето дете, автор на дневникот, со именување на планинскиот премин во Џунгариан Алатау, помеѓу Казакстан и Кина. Во училиштето на Татјана е отворена спомен соба во знак на големата почит на Русите кон своите деца, жртви на војната со нацистите. На 75 годишнината од опсадата на Ленинград, 27.1.2019, народот на Германија има донирано 12 милиони евра, за модернизација на руска болница на ветераните, во поранешен Ленинград, денес Ст. Петерсбург. На тој настан биле присутни министрите Хеико Маас од Германија и Сергеј Лавров од Русија. Во нивната изјава стои: „Убедени сме дека оваа волонтерска акција ќе го подобри квалитетот на животот на жртвите кои се сеуште живи, и му служат на историското помирување меѓу народите на двете земји.“ Дел 1 (од 3) Проф. д-р Марија Емилија Кукубајска |