|
|
Гоце Делчев – „Ние не бараме покровители, а уште помалку господари." |
Појавата на Внатрешната организација од Македонија и нејзината се поинтензивна антиегзархиска политика, како и зајакнувањето на српската и грчката пропаганда, влијаело врз политиката на бугарската влада спрема Отоманската империја кон крајот на XIX век. Настојувајќи да добие што повеќе привилегии, берати за владици во Кукушката, Струмичката, Мелничката, Битолската и Дебарската епархија, од есента 1894 година, бугарската влада започнала со комбинирани притисоци врз империјата. Во поголемите градови во Бугарија се организирале митинзи на кои се барало применување на чл. 23 од Берлинскиот договор.
Исто така, бугарската влада го шири своето влијание и врз македонските емигрантски друштва од Бугарија и Романија, кои се обединуваат на Конгресот во месец март 1895 година и го формираат „Македонскиот комитет“. Нивната цел е врз основа на истиот член 23 од Берлинскиот договор, со помош на бугарскиот државнополитички и институционален апарат да извојуваат автономија на Македонија и Одринско. Паралелно со создавањето на МК, под заштита на бугарските власти, во 1895 година биле повикани старите војводи во Македонија, со цел да кренат востание во Македонија. Биле создадени четири покрупни одреди и неколку помали чети, кои вкупно броеле околу 600 лица Меѓутоа освен одредот на Борис Сарафов кој на препад во јули месец го освоил и го држел неколку часа Мелник, другите биле разбиени уште при преминувањето на границата. Јулското т.н. „Мелничко востание“ имало катастрофални последици за македонскиот народ од Источна Македонија, но за Бугарија имало големо значење. Меѓународниот фактор сфатил дека кога се работи за Македонија, Софија е фактор на кого треба да се смета. Од друга страна пак ова востание ќе му помогне на Фердинанд, да биде признаен од страна на Русија за кнез на Бугарија. По неуспешното „Мелничко востание“, бугарската влада на чело со Стоилов, за да ги прикрие трагите на замешаноста во мелничките настани, наводно ќе ја откаже подршката на Македонскиот комитет, што ќе доведе до промена на раководството на Вториот македонски конгрес, а организацијата ќе се именува во Врховен Македонски комитет. Меѓутоа за да може да ги контролира македонските емигрантски организации, бугарската влада за претседател на МК ќе го инсталира генералот Данаил Николаев, бугарин по националност и во тесна врска со кнезот Фердинанд. За македонскиот народ и револуционерното движење, Мелничкото востание кое остави тешки последици по македонскиот народ, ќе преставува едно горко искуство. Револуционерната организација исправена пред туѓите интереси, од самиот почеток ќе земе категорично одбоен став спрема дејноста на Македонскиот комитет. Познавајќи го расположението на МРО кон Врховниот комитет, по доаѓањето на чело организацијата, кнежевскиот генерал Николаев започнува интригантна политика на потчинување на Македонската револуционерна организација и претварање на организацијата во инструмент за спроведување на бугарските интересо во Македонија. За таа цел генерал Николаев имал неколку средби со македонските револуционери. Гоце Делчев со цел да обезбеди доставка на оружје и на други материјали за потребите на македонската револуционерна организација во февруари 1896 година пристигнал во Софија. Во врска со тоа сакал да го испита теренот во таканаречениот „Врховен комитет", кој од 1895 година дејствува како агентура на бугарскиот двор и на експанзиони-стичката великобугарска политика кон Македонија. Гоце Делчев барал да се состане со кнежевскиот генерал Данаил Николаев, заради усогласување на акцијата околу доставката на оружје но под определени услови. Средбата има дипломатско-протоколарен карактер. Разговорите од нивна средба ги изнесува Крум Христов (Гоце Делчев. София. Издателство на Националния съвет на Отечествения фронт 1955, стр. 124-125). Овде разговорот се презентира во форма дијалог.
Разговор на Гоце Делчев со генералот Данаил Николаев
„Генерал Николаев: - „Значи вие, младичок, сметате дека македонското население е способно да се бори, да подига револуција? Детски работи прикажувате, вие, момек! Тоа е ропско население. Вашите планови јас не можам да ги прифатам, ниту сакам да ги слушам. Каква организација Вие сметате да создавате таму? Револуционерна? Внатрешна? Македонска? Глупости! Глупости! Глупости! Има само една организација - тоа е Врховниот комитет. Јас Ви гарантирам дека кога ќе му дојде времето, ќе поведам 20-30 илјади резервни војници. Со мене се офицерите. И тогаш ќе подигнеме востание во Македонија и ќе ја ослободиме. А со селани, со селани ништо сериозно не може да се направи. Тие се робје..“ Гоце Делчев: - „Беа робје, господине генерале но веќе не се. Значи, Вие откажувате каква и да е работа внатре? Според Вас..." Генерал Николаев: - „Не, не откажувам, при извесни услови. Внатрешната работа е неопходна за нас, за Врховниот комитет. Преку неа ние ги заплашуваме политичарите во Бугарија и дипломатите во туѓина, секогаш кога ќе стане потреба. Затоа можеме да ви дадеме помош, но при услов: ќе не слушате и надвор од Турско нема да преземате ништо. Целокупната политика ќе ни ја оставите нам. А што се однесува до вашата работа внатре, ние ќе ви кажеме кога, каде и што ќе правите. Освен тоа кога треба да се подигне востание во Македонија, ќе решиме ние. Освен тоа... ние..." /Гоце Делчев/ - „Тоа нема да биде, господине генерале. Вие, како што разбирам, тоа е Врховниот комитет и уште некој... Не ние, ние не сме согласни со тоа, што го мислите Вие за Македонија. Ние, знаете кој сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту пак ќе дозволиме на други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога ќе се подига востание, ќе реши народот. Нема да оставиме да ни командувате од овдека, за да не внесете, како што се обидовте лани, во игра на востание (т.н. „Горноџумајско востание" - 1902 г),. Сега една таква авантура може да биде страшна и крвава, зашто населението, народот е повеќе возбуден и делумно вооружен. Тој може да се предаде на измамата, а тоа ќе чини реки од крв и планини од трупови. Ние нема тоа да го дозволиме. Не, крвта на народот е скапа и не сакаме трупови, туку сакаме ослободување, а живиот народ сака да живее и да расте. - Гледам дека Вие не ги познавате условите во Македонија и затоа кажете им на сите, кажете им да не се мешаат и да ја остават Внатрешната револуционерна организација да организира, да раководи, да решава. Ние сметаме дека од Вас, од комитетот и од емиграцијата можеме да добиеме братска помош. Но знајте, ние не бараме покровители, а уште помалку господари." Генерал Николаев: - „Како смеете! Вие не знаете ништо за меѓународната ситуација. Јас имам писма од туѓина. Ние ќе решиме кога е моментот да се дејствува. Дали разбирате? Ние ќе го имаме врховниот збор, а ако сметате да ни пречите - а ако ни пречите, ќе ве парализираме.-" Гоце Делчев: -„Повелете - или вие нас ќе не парализирате, или ние вас!„ “
Овој Гоцев одговор Пеју Јаворов вака го коментира: „...Генералот останува да се чуди на дечиштето кое си дозволува даго учи на ум и разум..." (П. К. Яворов, Гоце Делчев. (София 1939, стр. 179). Кон ова Крум Христов додал: „Така за прв пат Гоце Делчев ја прогласува отворено во лицето на софискиот врховизам самостојноста и независноста на Внатрешната организација."
(К. Христов, Ор. Cit., стр. 126). |