|
|
Подготовки за Илинденското востание |
Гарванов откако се вратил од Софија, Централниот комитет ги известил сите свои раководители на реони дека: 1. Организацијата решила да крене востание и со сите сили и средства да се бори за извојување на човечки права. 2. Организацијата ги осудува сите стремежи на официјалните и неофицијалните фактори во Бугарија, кои без нејзина согласност настојувале и настојуваат да го вовлечат населението во востание, бидејќи со тоа свесно или несвесно ја поткопуваат каузата на македонскиот роб и со своите дејства давале колорит на надворешно потикнување, факт кој бил силно експлатиран од Турција и европската дипломатија. 3.Организацијата изјавува дека до денот на востанието ќе се бори со сите комитети, корпорации и надворешни лица, кои со своите постапки ќе ја фрлат во борба и предвреме ќе го осуетат планот за дејство. Таа ќе води сметка за сите што ќе се обидат да ја искористат нејзината борба за други цели. 4. По објавувањето на востанието, сите кои се готови да го поткрепат ќе бидат прифатени. Притоа била пожелна претходна согласност од Организацијата. Со ова известување била официјализирана одлуката за кревање на востанието, а истовремено биле предупредени и поканети врховистите. Вознемиреност Одлуката за востание предизвикала негодување кај многумина. Јане Сандански со одлуката бил запознат на 21 јануари 1903 година од Лазар Димитров, а самиот Сандански за тоа истакнува: Тоа соопштение морално не уби, едно мислевме за Организацијата, едно агитиравме, а сосема друго излезе. Веќе немав ни лице, ни срце да агитирам како порано... Просто плачевме. Костадин Нунков за решението на Централниот комитет за востание истакнува: Во нашите очи тоа е една непромислена авантура. Ние мислевме дека востанието е пакосно, штетно, безнадежно, ненавремено, неподготвено, повеќе од кога било! Ние го сметавме погубно за македонскиот народ. Подготовки на Централниот комитет Веднаш по Солунскиот конгрес, Централниот комитет ги известил сите раководители да започнат со собирање на оружје. Самиот Централен комитет постигнал договор со група на грчки контрабандисти. Тие оружјето за потребите на Организацијата и претстојното востание го пренесувале преку море до утоката на реката Вардар, а таму било преземано преку канал. Лазар Димитров истакнал дека овој канал одвај ги задоволил потребите на Кукуш и околните села. Централниот комитет со посредство на Петроградскиот македонски кружок се обидел да набави и руски пушки но овој план бил напуштен откако бил воспоставен каналот со Грците. Дополнително на овие активности ЦК започнал иницијатива за враќање на печалбарите во Македонија. Од кореспонденцијата помеѓу Бугарското трговско агентство во Солун и Бугарското министерство за надворешни работи и вероисповест се дознава дека до 13 март, околу 10.000 млади Македонци се вратиле во родните краеви од Цариград, Румелија, Бугарија... За да земат учество во претстојното востание, а Селџобалив истакнал дека од Цариград заминале 2.500 градинари и малекари. Сите тие Макеодонци со нетрпение чекаат да дојде часот за востание. Овие подготовки биле будно следени од дипломатските претставници во Солун, а рускиот дипломатски претставник Николај Гирс информирал дека: Во целата земја одвај можело да се најде поголемо село, каде немало востаничка чета. Селаните биле во постојан контакт со нив. Четите биле раководени од членовите на Комитетот. Тие имале строга наредба да не предизвикуваат вооружени судири, туку само да го подготвуваат населението за востание на повик од повисоките раководители...Еесенскиот налет на бандите од Бугарија (врховистички чети б.н), суровата пресметка на војските со мирното население, вмешувањето на Русија, прогласените реформи од страна на султанот и очекувањата од сето тоа, ако во суштина не ја промениле дејноста на месните комитети, во секој случај ги поттикнале... Организацијата не била за одлагање на востанието. Таа сакала да ги причека резултатите од реформите во кои малку верувала. Со одлагањето на востанието на неопределено време, македонското прашање би се затаило, а со тоа Организацијата би ја изгубила својата подлога и би го пропуштила погодниот момент за целосно ослободување. Оттука, четите трескаво работеле на собирање борци. Притоа истакнувале дека нема да им допуштат на Турците да ги исколат како Ерменците. |