|
|
„Втор востанички округ - Кожув“ |
Подготовките за кревање на востание во Солунскиот револуционерен округ започнале веднаш по Софиското советување. Во февруари 1903 година во Гевгелиско пристигнале Сава Михајлов и Крсто Асенов со 18 товари пушки и динамит. Во тој реон биле четите на Иван Карасулијата и Аргир Манасиев, меѓу нив двајца постоело нетрпение, меѓутоа била организирана средба и дошло до нормализирање на односите.
По борбите во Кукушко, Крсто Асенов со својата чета заминал за Ениџевардарско, меѓутоа и таму дошле во судир кај селото Постол. Во борбата учествувале четите на Асенов, Јотов и Апостол Петков. Турците имале четворица загинати и петмина ранети, а четата двајца убиени. Убиството на Асенов го сменило текот на востанието во Кукушко, Ениџевардарско и Гевгелиско.
Подготовките за востанието во Ениџевардарско ги презел Апостол Петков. Воденската околија имала слабо учество во востанието. Таму имало неколку битки. Сава Михајлов и Аргир Манасиев откако го добиле известувањето за денот на востанието, организирале советување. Тие заклучиле дека ќе можат да преземаат само атентати по железничката линија. Пред Илинден, во Гевгелиско биле четите на Михајлов со 33 души, Манасиев со 38 души и Карасулијата со 24 души, вкупно 95 четници. На Илинден четите се нашле во близина на самата Гевгелија. Ноќта на 10 август бил миниран блискиот железнички мост. Во ноември била извршена демобилизација во Гевгелиско. Михајлов, Манасиев и Карасулијата со повеќе четници заминале за Бугарија. Востанието во Тиквешко започнало со потпалување на една беговска кула кај Положно, а бегот бил ранет. Нападот ги раздвижил турските потери и четата се нашла во незгодна положба уште во самиот почеток. На 13 август Јуруков со својта чета бил откриен на Кожув кај селото Копришница, таму дошло до судир во кој загинале двајца востаници и седуммина турци. Во ноември со 10-на души заминал за Бугарија. |