|
|
Балканските пропаганди во Македонија |
Дискусиите околу националноста на Македонските Словени, во европскиот свет започнаа со прашањето: Дали се ова Грци или Бугари, а не дали тие претставуваат нешто трето и посебно? Тезата која малку подоцна се оформи од српските националисти дека Македонците се Срби, уште не се поставуваше, бидејќи самата српска влада, се` до смртта на кнезот Михајло 1868 година пред себе имаше други цели и разбирања. Меѓутоа и ваквото поставување на прашањето произлегуваше не од фактот дека тие навистина се Грци или Бугари, туку од замрсеноста на проблематиката што произлегуваше од една страна, од етничкиот состав на населението, а од друга, од турскиот начин на поделба на населението не врз етничкиот принцип, туку врз црковната припадност. Бидејќи Македонците беа под Цариградската патријаршија и како такви припадници на “грчката“ вера, а по својот етнос Словени, тоа грчките и бугарските националисти сакаа да го искористат секој за своите интереси. На едните им пречеше словенскиот етнос, на другите црквената припадност. Грчките националисти кои сонуваа за Велика Елада, во ова време почнаа да тврдат пред Европа дека Македонците се пословенчени Грци, па според тоа и припаѓаат на грчката народност и држава. Бугарските пак лидери, поттикнувани од руските словенофили и од фактот дека Македонските интелектуалци се декларираа како Бугари тврдеа обратно, дека тие како Словени не можат да бидат Грци, туку се Бугари. Меѓутоа, додека едните “докажуваа“ дека македонските Словени се Грци, а другите дека се Бугари, од самата македонска средина почнаа да се појавуваат луѓе кои на прашањето што се: Бугари или Грци, одговараа дека тие не се ни Грци ни Бугари, туку Македонци, потомци на старите Македонци, претставувајќи ги последните за Словени. |