Среда, 27 Ноември 2013   
Знамето од Тиквешкото востание

1zname

Не престанува потрагата по славното тиквешко револуционерно знаме и по сто години од задушувањето на востанието во 1913 година против српскиот окупатор во најлозарскиот дел на Македонија. Вработените во Музејот и галеријата во Kавадарци потајно се надеваат дека ќе го најдат знамето што пред еден век било симбол на тиквешкиот непокор против големоскрспкиот режим. Директорот на музејот, Петре Kамчевски, вели дека знамето има голема историска вредност. Kавадарчани се гордеат што по Солун, првиот комитет на ТМОРО бил формиран токму во градот на виното.

- Тиквешкото револуционерно знаме всушност било изработено во 1903 година. Свилата и конците за негова изработка кавадаречките трговци ги донеле од Истанбул и од Солун. Во везењето на знамето учествувале неколку учителки: Ана Иванова, чиј маж бил претседател на Тиквешкиот комитет на ТМОРО, Тима Минчева и Лефтерија Грозданова, под раководство на учителот Иван Љомчев, кој ја дал идејата за знамето. Ана Иванова, многупати од страв да не бидат фатени од турските власти, знамето го препашувала околу себе и го носела под футата. Kога било готово, знамето било предадено заедно со мало доенче во пелени - кажува Kамчевски за „Дневник“.

Љомчев бил инспириран од слика, ремек-дело на францускиот уметник Ежен Делакроа, со наслов „Слободата го предводи народот“.

- Немаме ниедна фотографија од знамето. Но, според описот од спомените на револуционерот Пане Поп Kоцев, кој бил учесник во Илинденското и во Тиквешкото востание, што е депониран во архивот на Институтот за национална историја во Скопје, ние како општина побаравме изработка на негов уметнички приказ. Уметничката претстава ја изработи ликовниот уметник од Kавадарци, Горан Боев - вели историчарот Kамчевски, додавајќи дека Поп Kоцев бил учител во неколку места во Тиквешко, а подоцна неговата ќерка се омажила за Мито Хаџивасилев-Јасмин.

Од уметничкиот приказ сега може да се види дека на знамето од црвена свила имало извезено со разнобојни свилени конци жена што држи развиорено знаме. Со едната нога таа газела врз градите на убиен османлиски војник. Неговата капа зафрлена малку подалеку од него ја симболизирала неговата смрт. На него пишувало „Слобода или смрт“ и „Тиквешки револуционерен реон“. Знамето било големо колку една двокрилна порта, приближно три на два метра.

- Kосата на девојката од знамето всушност била природна. Тоа било косата што претходно била исечена од учителката Тима за подоцна да биде пришиена на знамето. Тоа било прекрасно, сите се воодушевувале од знамето и од мотивот прикажан на него - открива Kамчевски.

Знамето му било предадено на војводата Петар Илков, но тој не сакал да го искористи како симбол на една чета оти било многу убаво и заслужувало повеќе. Првпат било развиорено непосредно пред Илинденското востание. Потоа долго се чувало во куќата на семејството Шарлиеви во кавадаречкото село Ваташа. Втор пат било развиорено во текот на Тиквешкото востание во 1913 година против српскиот режим во Македонија. Тогаш во Kавадарци имало ненародна власт, па Тиквешани се организирале и ги протерале српските воени и административни сили. Од зградата на општината било симнато знамето на кралството и ставено да се виори тиквешкото знаме.

- По задушувањето на востанието, знамето било запленето и однесено во Белград. Долго време било изложено во белградскиот народен музеј. Делегација од општина Kавадарци во 1949 година отишла во Србија и побарала да го види симболот на тиквешката борбеност. На членовите од делегацијата тогаш им било кажано дека зградата на музејот била погодена за време на бомбардирањето на Белград во текот на Втората Светска Војна и дека тогаш било изгорено и уништено нашето знаме - објаснува нашиот соговорник.

Музејските работници и денес, по еден век од неговото запленување, веруваат дека тоа е сепак дел од нечиј музеј како сведок на едно минато време. Постоеле шпекулации дека знамето е видено во музеј надвор од нашата земја.

- Доколку се` уште постои, би било убаво тоа знаме да ги краси нашите витрини. Овде е местото на знамето со косите на Тима, пришиени на црвената свила - коментираат во градскиот музеј во Kавадарци.

Светлана Дарудова

Тиквешкото востание е прв организиран масовен народен вооружен отпор против српската власт којашто ја окупирала Вардарска Македонија по повлекувањето на турските сили по Првата балканска војна. Востанието започнало на 19 јуни 1913 година, во Тиквешијата и траело седум дена. Тиквешкото востание е самостојно дело на тиквешкото население, спонтано организирано и раководено од месните дејци, револуционери и војводи на Организацијата, а потпомогнато од четите на ВМРО.

Востанието е предизвикано од насилствата вршени од српските окупаторски власти врз населението при напорите за асимилација и посрбување. Српските власти упатуваат јавна закана до населението дека секој оној којшто ќе се спротивстави на новата власт ќе биде погубен.

Процесот на асимилација започнува со протерување и апсење на сите дотогашни бугарски учители и егзархиски свештеници, а како замена се доведени учители и попови од Србија. Во црквите и училиштата е воведен српскиот јазик. Теророт на власта се засилува, а со тоа и револтот на населението од ден во ден расте сè повеќе, не само кај првенците, туку и кај обичните жители. На востанието му претходат неколку настани коишто особено го зголемуваат револтот. Имено, едно момче, по име Александар Видов, е убиено само поради тоа што изјавува дека не се чувствува како Србин. Една млада невеста од Ваташа, веднаш по нејзината свадба е силувана од страна на српскиот поручник Милан Крековиќ. Била убиена и цела турска фамилија од педесетина члена, меѓу кои и деца.

Со поддршка на ВМРО е свикано собрание со делегати од речиси сите места во Тиквешијата. На собранието едногласно е решено да се крене востание и е создаден востанички штаб, составен од видни војводи од тој крај, коишто учествувале и во Илинденското востание, меѓу коишто биле: Дончо Лазаров, Михаил Шкартов, Коце Сеизов, Диме Пинџуров, Тодор Камчев и други. Бројот на востаниците изнесува околу 1.000, од коишто 200 луѓе се обични граѓани коишто земаат пушка в рака, а останатите се комити од четите на ВМОРО.

Востанието започнало на 19 јуни 1913 година, и покрај Неготино и Кавадарци, ослободени се и педесетина села во областа Тиквеш. Четите на Дончо Лазаров и Михаил Шкартов ги напаѓаат и ги протеруваат српските војски од Неготино. Српските власти испраќаат свои чети од околните села кон Неготино, но сите тие се разбиени. Востаниците продолжуваат понатаму и успеваат да ги протераат српските чиновници и писари од општинската зграда во Кавадарци и симнувајќи го српското знаме, го поставуваат тиквешкото револуционерно знаме. На 20 јуни е одржано и свечено собрание на коешто е избрана и градска управа составена од 12 видни кавадарчани, а слободата траела само 7 дена.

После седум дена Србите испраќаат голема војска предводена од Василие Трбиќ, како и од Јован Бабунски и Јован Долгач. На помош на српската војска доаѓа и башибозук на Јаја Ага со 250 вооружени души. Тиквешките востаници, заедно со четите на војводите Христо Чернопеев и на Петар Чаулев се оставени сами да се соочат со српската војска, но не успеваат во своите напори. Во востанието загинале околу 1.000 тиквешани од коишто на 500-тина имињата со сигурност им се знаат меѓу кои голем број мажи, жени, деца и старци биле убиени, заклани и живи изгорени.

150 кавадарчани се врзани на колје во центарот на градот и се оставени да висат 30 часа под пеколното сонце, а после тоа заедно со уште 50 други кавадарчани се одведени во месноста Полјаната и стрелани. Запалени биле над илјада куќи, а околу 2.700 луѓе биле затворени. Војската вршела страшен терор и во реонот околу Криволак - колеле луѓе, а во фурни ги гореле децата.

REGIONI.MK, Кавадарци, 18.02.2013 г. Споменик по повод 100 години од Тиквешкото востание.

Виолета Ачковска и Никола Жежов, „Предавствата и атентатите во македонската историја“, Скопје, 2004.

Д-р Зоран Тодоровски „Тиквешкото востание во 1913 година“

Стравотни колежи во Тиквешијата по Тиквешкото востание

Тиквешкото востание конечно ќе најде место во историјата

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.