|
|
Крушевска афера |
Крушевската афера или Јосифовата провала започнала во месец февруари 1902 година, а со неа бил опфатен Битолскиот револуционерен округ, поточно Крушевската револуционерна околија. Аферата со оружјето започнала во месец февруари 1902 година, кога фатениот од отоманската полиција пренесувач на оружје, Јосиф Петков од с. Жабјани, познат како Јосиф Жабјанец, подложен на страотни мачења го открил својот соработник, крушевчанецот Никола Михајлов, познат како Миха Х'ча Кола. Во истото време, не знаејќи дека е откриен, Миха Кола заедно со Тега Херту со своите коњи се наоѓале во Битола, во анот на Стерјо Жежов. При рутинското легитимирање на посетителите на анот од страна на отоманската полиција, кај Херту биле пронајдени 100 лири кои ги носел за купување на оружје. Со исказите на анџијата дека е чесен трговец кој постојано тука тргува, Херту успеал да се спаси од апсењето. Но Кола ја немал таа среќа. Спроведен во Уќуматот и подложен на невидени мачења тој станал предавник на своите соборци. Така, им ги разоткрил на властите пренесувачите и прифаќачите на оружјето од грчката граница до Битола, како и скривниците во градот и селата. Веднаш потоа, без да биде осуден, Кола бил сместен во делот на другите македонски осуденици во Катилането кое што пробудило сомнеж кај Даме Груев и некои други затвореници. Како резултат на оваа провала, наскоро во битолскиот централен затвор биле затворени луѓе со најразлични занимања: учители, свештеници, кираџии, занаетчии, трговци итн, меѓу кои се наоѓале и имињата на Петар Ацев, браќата Ашлакови, Јанаки Забле, Таќу и Фанија Љакови итн. Во дворот на Љаковци се наоѓала една од важните скривници на оружје. При претресот, властите ја откриле истата, но оружјето било претходно однесено од припадниците на Организацијата. Меѓутоа, во скривницата полицијата пронашла празни сандаци, џамаданот на убиениот од Ѓурчин Наумов и Јордан Пиперката, Рустем Ага, еден затворач од пушка и неколку чаури. Сите осомничени биле одведени во Уќуматот, а од таму во битолскиот затвор. Дознавајќи дека е откриен од власта, раководителот на Крушевската револуционерна организација, Петар Ацев, во втората половина на месец април 1902 година го напуштил Крушево и заминал за Прилепско. Во мај истата година, по налог на Битолскиот окружен комитет, во с. Вранче се сретнале четворицата војводи: Веле Марков, Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев и Славејко Арсов, при што одлучиле да формираат, од делови на битолската, крушевската и кичевската чета, уште една - прилепска чета. За војвода на прилепската чета бил назначен Петар Ацев. Во истото време, во Крушево се случило уште едно предавство чиј извршител останал неидентификуван за Организацијата. Овој непознат предавник, и доставил на османската власт список со луѓето вклучени во крушевската организација, како и места на дотогаш неоткриени скривници за оружје во Крушево. Благодарение на Ѓаку Козар, служител во Уќуматот, луѓето биле навреме известени и спасени од апсење. Речиси целото активно револуционерно јадро успеало да побегне од Крушево, со исклучок на двајцата крушевски учители, Христо Чивчиев и Христо Павлов, родени во Велес, кои биле уапсени од османската полиција. Полицијата пристапила кон темелно претресување на сите куќи по списокот. Благодарение на тоа што целокупното оружје и материјали биле навреме пренесени во нови скривници, а старите канали и врски биле заменети со нови, полицијата не успеала да пронајде ништо. Двајцата затворени крушевски учители, Христо Чивчиев и Христо Павлов, ги издржале страотните мачења и не ги предале тајните на Организацијата. Крајно измачени и претепани, овие биле одведени на натамошни тортури и во Битолскиот централен затвор, но и таму продолжил нивниот молк. На крајот властите ги ослободиле. X. Чивчиев и X. Павлов останале верни на својата заклетва. На тој начин оваа опасна провала не и нанесла поголеми штети на Крушевската револуционерна организација. Извори „ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА“ Автори: Виолета Ачковска и Никола Жежов, Скопје, 2004 год. Литература
|