|
|
Беласичка битка |
До 1014 година, византискиот император Василиј II секоја година навлегувал во териториите на Самоиловото царство и напаѓал. Самоил сфатил дека не може со него да влезе во директен и отворен судир, посебно што веќе бил притиснат од сите страни, решил да му го спречи влегувањето со прецизно изградени ровови. Знаејќи дека византискиот владетел влегува низ клисурите Кимба Лонга и Клидион, тој ги обградил и ги затворил со кули. Кога царот Василиј стигнал до тие клисури, војниците на Самоил храбро нападнале. При тоа Самоил решил да стави сè на коцка, и го испратил Несторица, еден од највлијателните големци од тоа време, со војска кон Солун, со цел да отворат два фронта и да ја поделат војската на Византијците. Но, тука веќе подготвен чекал војсководецот на Василиј, Вотанијат, кој ја разбил војската на Несторица, Самоиловиот војсководец. Вотанијат всушност, гонејќи ги Самоиловите војници, стигнал до клисурата Клидион, ја преминал планината Беласица, и ги изненадил утврдените војници на Самоил од зад грб. Самоиловите војници не очекувајќи напад, се исплашиле и почнале да бегаат. Притоа многу војници загинале, а уште повеќе биле заробени. Самиот Самоил одвај ја избегнал опасноста да биде заробен, благодарение на синот Гавраил Радомир, кој храбро ги одбивал нападите, го качил татка си на коњ и го одвел во Прилепската тврдина. Исходот бил погубен за македонските војски и за Самоиловото царство: голем број војници биле убиени, а останатите ослепени, со што била целосно поништена воената моќ на царството. Самоил по овој пораз не можел да се опорави, и умрел истата година. |