Среда, 17 Декември 2014   
Документи: руски извори од 1945 година

begalci

ИСТОРИЧАРОТ д-р ВЛАДО ИВАНОВСКИ, меѓу поголемиот број новооткриени документи во Историско-документарниот оддел на Министерството за надворешни работи, поточно во Архивот за надворешна политика на Руската Федерација, го регистрира и Извештајот (со забелешка дека не смее да биде објавен) на В.П. Григорев и И.Н. Агеев, кои од 13 до 23 јули 1945 година ја посетиле Македонија и притоа посебно се задржале на состојбата на границата со Грција, во тоа време жешка точка на југословенско-грчките односи. Овој документ првпат е објавен во магазинот Македонско време од каде што го преземаме.

Бегалци од Егејска Македонија

Секојдневно границата ја поминуваат големи групи Македонци кои бегаат од грчкиот терор. Македонија ги прифаќа и ги удостојува сите што ја поминале границата.

Заради невидениот терор на грчките воени и полициски власти над населението од Егејска Македонија, Македонци - стари и млади, мажи и жени, ги оставаат своите родни огништа и масовно ја минуваат границата и се префрлаат на југословенска територија.

Според податоците што ни ги даде претседателот на АСНОМ, Методи Андонов - Ченто, до овој момент од Егејска Македонија пребегале повеќе од 20.000 бегалци - Македонци. Бегалците секојдневно пристигнуваат. Интересно е дека, заедно со Македонците, од теророт во Југославија пребегуваат и многу Грци. Според податоците на претседателот на Народниот комитет на Битолскиот округ, Крсто Симовски, само на територијата на оваа околија до 17 јули пребегале околу три илјади луѓе. Како по правило, сите бегалци што ја минуваат границата пристигнуваат полуголи, полубоси и изнемоштени од тешкиот пат. Народот и органите на југословенската народна власт на бегалците им укажуваат добар прием. На пример, во градот Битола за нив е отворена менза и се опремени специјални простори. Работоспособните бегалци се распределуваат на работа по селата и градовите. Неработоспособните, главно старци, се сместени во специјални приемни домови, каде што им е обезбедена храна и облека.
Разговаравме со неколку бегалци во повеќе места. На пример, во село Дупени, Преспанска околија, Битолски округ, на 16 јули 1945 година: селанец - Македонец, 65-годишниот Глигор Богоја Балја, пребегал во мај месец од селото Раби, Леринска околија и округ (Грција). Во Грција му останало семејството: жената, синот, снаата и нивните две деца. Самиот тој ги помагал партизаните. Причина за пребегувањето: терор, гонење на сите кои ги помагале или симпатизирале партизаните.

Од селото Раби (составено од 120 македонски куќи и 40 грчки), само во селото Дупени пребегале 20 мажи.

- Селанец - Македонец, 80-годишниот Никола Стефанов-Казаковски, од село Раби (Леринска околија), пребегнал во месец мај заедно со 35-годишниот син. Другите членови од нивното семејство останале во Грција. Причини за нивното пребегување: ги помагале партизаните, ги криеле и лекувале ранетите, за што сега грчките власти ги гонат. Тој ни кажува дека од неговото село се уапсени 13 мажи и се однесени во Лерин.

ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ САМО ВО ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНИЈА

Бегалците зборуваат: Ние ќе се вратиме дома само во случај ако Егејска Македонија биде присоединета кон Македонија!

Збогувајќи се со нас, Казаковски ни рече: Нека живее Сталин и нека ни помогне нам, на Македонците од Егејска Македонија, да се ослободиме!

Во Битола, на 17 јули 1945 година:
- Селанецот - Македонец, 84-годишниот Анастас Панчев од село Вишени, Костурски округ и околија. Пребегал во Битола на 17 јули 1945 година. Грчката полиција на 11 јули во селото Вишени го претепала, божем, дека водел пропаганда. Всушност, селанецот само добронамерно зборувал за Југославија, за присоединувањето на Егејска Македонија кон неа. На неговата глава и на лицето се забележуваат траги од мавање. Оттргнувајќи се од рацете на полицијата, тој побегнал во планините, а оттаму, пеш, влегол во Југославија. За неколку дена пропешачил повеќе од 80 километри.
- Јоанис Теодоридис, Грк, стар 28 години, од село Ливера, Козанис. Според неговите зборови, тој бил секретар на месниот комитет на Компаратијата, во околијата Козанис. Грчката полиција, со цел да ја обезглави комунистичката партија, ги уапсила партиските работници. Нему му се заканувало апсење. Затоа решил да пребега во Југославија.
Понекогаш, во Македонија пристигнуваат Македонци - бегалци од Тракија, со воз, преку Бугарија. Една таква група од околу 200 луѓе сретнавме во село Градско, 20 километри од Велес. Бегалците ни изјавија дека се од селата Горенце и Просочен, Драмска околија, од каде што пребегале на бугарска територија уште кон средината на април месец годинава. Според нивните зборови, во Бугарија, во градовите Пловдив, Пазарџик и Неврокоп, се наоѓаат до 10.000 бегалци од Егејска Македонија. Сите тие луѓе ќе бидат префрлени во Југославија. По тоа прашање во Бугарија работи југословенската комисија.

Бегалците раскажуваат дека царистите ги протеруваат од Грција сите Македонци. Грчките власти го ограбуваат македонското население. Тие собираат од него жито, добиток, пари. Бегајќи од Тракија, бегалците таму го оставиле сиот свој имот со сета покуќнина. Меѓу бегалците има стари луѓе, жени и деца, во повеќе случаи цели семејства. На пример, селанецот Крсто Димитров Бончев (36 година), од селото Просочен, Драмска околија, пребегал во Југославија со трите деца, кои имаат шест, десет и дванаесет години. Селанецот Иван Ангелов Паскалев (36 години), од село Горенце, пребегал со жената и трите деца од шест, тринаесет и седумнаесет години.
Селанецот Кочо Рамсулев (46 години), од село Просочен, пребегал сам, оставајќи ја дома жената со децата.

Бегалците од Егејска Македонија во Југославија се сретнуваат со целосно добредојде. На 2 август во Македонија се празнува националниот празник Илинден (Ден на востанието против Турците). На тој ден низ цела Македонија ќе бидат организирани доброволни прилози за бегалците - браќата од Егејска Македонија. Македонската влада пуштила во продажба специјална лотарија, чиј приход ќе биде внесен во фондот за помош на бегалците…

ПОЈАВИ НА ШОВИНИСТИЧКО РАСПОЛОЖЕНИЕ

По својот национален состав, Македонија е повеќенационална. Според изјавата на претседателот на АСНОМ, Андонов - Ченто, Федерална Македонија има 1.200.000 население, од кои 1.000.000 се Македонци, а другите се Турци, Албанци, Власи. Во источниот дел на Македонија има Бугари - преселници. Муслиманското население во Македонија брои меѓу 70.000 и 80.000 илјади. Сите национални малцинства се застапени во АСНОМ. Заменик претседателот на Владата е Албанец.

Во разговорите со одговорни лица се чувствува голема нељубезност и национално непријателство кон Србите, кои во одделни случаи добиваат форма на шовинизам.

Во разговорот со нас Андонов-Ченто рече:

Срби во Македонија нема, туку има србомани, кои себеси се сметаат за Срби, но, всушност, тие се Македонци, исклучок претставуваат околу две илјади стари српски чиновници кои живеат во Скопје. Српски школи во Македонија нема.

Слично на ова изјави и уредникот на весникот Нова Македонија Киро Хаџи Василев. Тој рече:

Во Скопје нема српски училишта. Нема зошто да се отворат, нема доволно Срби. Во селата, каде што населението се чувствува српско, а всушност тие не се Срби. Во тие села српски училишта нема, меѓутоа, има српски јазик како наставен предмет.

Според изјавата на поручникот на југословенската армија, К.А. Курицки, во Македонија постои силен шовинизам. Тој постои и во армијата, меѓу комунистите командири и комесари - Македонци, како и меѓу работниците на ОЗНА. Кога во Македонија дошле 22 Дивизија, составена од Срби, Хрвати и Црногорци, во Македонија почна да се зборува за ново насилство на Србите, дека повторно се враќа стариот српски режим, окупација, корупција. Кога бил ликвидиран Главниот штаб на Македонија и формирана Шестата армија, мнозинството на раководниот кадар не биле македонски, па многу Македонци тоа го квалификувале како ликвидирање на македонската армија. Жената на началникот на ОЗНА за Македонија (тој, исто така, е секретар на ЦК на КПМ), полковникот Цветко Узуновски - Абаз, изјавила: Повторно почна српско владеење! Каква е таа слобода за Македонија, кога пак дојдоа Србите...! За образованието во самостојна Македонија ни зборуваа работникот на Култпропот на ЦК на КП на Македонија, Блаже Конески, и веќе споменатиот уредник на весникот Нова Македонија Хаџи Василев…

Потпишани:
Втор секретар на Амбасадата на СССР во Југославија, Григоров, Аташе на Амбасадата на СССР во Југославија, Агеев 28 јули 1945 година

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.