|
|
Норманите ја ограбуваат и завладуваат со Македонија |
Македонска нација По ликвидирањето на востанието на Петар Дељан во 1041 година голем број Македонци и павликијани, бегаат на Сицилија. Православните Македонци и павликијаните (богомили), кои заедно се бореле против византиската власт биле принудени од цариградската власт да ги напуштат своите родни места. Палермо на Сицилија станал еден од центрите на прогонетите Македонци и пваликијаните од Македонија. Според „Барските анали“, чиј автор е анонимен, во Италија за првпат Македонците се судираат со Норманите. Во „Барските анали“, која е богат извор за Македонците, се бележи: „Тука во Ломбардија дојде од Сицилија протоспатарот и капетанот Михаил… На 17 март се заврза битка меѓу Норманите и Грците... Норманите беа повеќе од две илјади души, а Грците, без да се смета прислугата, осумдесет илјади. Кога Михаил се врати оттаму, исплашен, со малцина останати полуживи од страв пред жестоките Нормани, тој беше пишал во Сицилија и оттаму пристигнаа несреќните Македонци, павликијани и Калабријци. Тогаш, откако тие се присоединија со другите во мочурливите пасишта под Монс Пилозус...“ Четири децении подоцна Норманите се појавуваат на Балканот. Во периодот 1083-1085 година Боемунд Тарентски, син на норманскиот владетел Роберт Гвискард, зазел повеќе градови и области во југозападна Македонија. По смртта на татко му Роберт Гвискард (1085 г.) Боемунд се повлекол од завладеаните балкански поседи на Византија, како и од Македонија, и се вратил во Италија. Рудолф Кадонис, составувач на списот „Dе ехргеditione Yerosolymitana", кој бил во служба на Танкред, внук на Боемунд, за освојувањата на Норманите на Македонија кои ќе го вознемират визанстискиот император Алексиј I Комнин (1081-1118), ќе забележи: „Боемунд Вискард (Тарентски) го премина Јадран и ја зазема Македонија... Преку Алпите, од Илирик до Океанот, не постои ниту една област што му откажала оружје на Боемунд“. Сепак, неуспешниот поход на Византија, Боемунд никако неможел да го прифати. Тој долго време го чека моментот да се врати на истокот и да заграби нешто повеќе за себе. Всушност религиозните мотиви не биле пресудни за негово вклучување во Првата крстоносна војна. Десет години потоа, во 1096 година, крстоносците кои ги предводи Боемунд Тарентски, од јужноиталијанското копно го препловиле Јадранското Море и се истоварила на Балканот. Боемундовата крстоносна војска, во која имало и околу 500 рицари, преку Драч и Валона, движејќи се по стариот пат Виа Егнатија навлегла и во Македонија. Податоците за тоа време говорат дека, Боемундовата војска која броела околу 10.000 души, вршат напади, палежи и плачкосување на македонските населби. Монахот Роберт, како непосреден учесник во Првиот крстоносен поход, напишал едно историско дело, под наслов „Ерусалимска историја“, во кое се наоѓаат и драгоцени изворни податоци за историјата на Македонија во време на Првиот крстоносен поход. Тој дава податоци за пустошењата и ограбувањата на Боемундовите нормански крстоносци низ територијата на Македонија во 1096 година. Во „Ерусалимската историја“ монахот Роберт за освојувањата на Боемунд Тарентски ќе забележи: „(Крстоносците), најпосле, кога сите препловија, влегоа во една област (Драчка област, Епир) многу богата со секакви блага, па поминувајќи од село на село, од тврдина на тврдина, од град на град, дојдоа до Касторија (Костур) и таму тржествено го прославија Господовото раѓање (Христовото раѓање), па повеќе дни се одмораа. Но кога побараа од жителите да им дадат пазар за продавање, не можеа да го постигнат тоа, зашто сите им бегаа од пред очи, мислејќи дека нашите се дојдени за грабеж и пустење на целата земја. Затоа нашите, поради недостиг од храна, беа принудени да ограбуваат, да пленат овци, говеда, овни, свињи и се` што можеше да се употреби за храна“. Однесувањето на Костурчани не било без своја предисторија. Тие секако ги имале во предвид ѕверствата што ги вршеле норманските војски во југозападна Македонија во првата половина на 80-тите години на XI век. Дека нивното однесување било завојувачко се говори во продолжение на текстот од „Ерусалимската историја“. Доволно било некого да го окриват за ерес за да потоа го нападнат. Роберт за ова пишува: „Излегоа од Касторија и дојдоа во Пелагонија, во која се наоѓаше некаква тврдина од еретици, па од секаде ја нападнаа. Додека трештеа трубите и летаа копја и стрели, веднаш ја зазедоа, ја ограбија и сите нејзини богатства ги гореа, заедно со самите жители. А тоа не им се случи неоправдано, зашто нивната проповед, достојна за презир, како рак ползеше и веќе ги изгнаси со сопствената гнасна намера соседните области, како и самите нив ги беше одвлекла од правата вера“. Според известувањето од Теофилакт Охридски, кој тогаш стоел на чело на Охридската архиепископија, Пелагонија во овој период претставувала воено-административна единица (тема), којашто ја управувал стратег. Дека крстоносците на Боемунд изгореле „еретичка општина“ заедно со нејзините жители, соопштува П. Тудебод, кој бил учесник во Првиот крстоносен поход. Исто така за оваа „еретичка општина“ известуваат и Продолжувачот на Петар Тудебод, Вилхелм Тирски и др. (извор. Документи, том први, Скопје, 1981, стр. 109 – 110) |