Коментари

Грчкиот шовинизам треба да се збогува од патот по кој оди!

tihomir-karanfilov-2

tihomir-karanfilov-2
Тихомир Каранфилов

Се смета дека македонскиот проблем кој е создаден од Европа може да се реши само во рамките на интегрирана Европа во 21 век. Меѓутоа, вештачки конструираните национални истории кај соседите, особено по поделбата на Македонија во 1913 година, толку го развија шовинизмот што денес претставува кочница на евроинтеграциите на Македонија и реален проблем за целосна интеграција на овој дел од Балканскиот Полуостров во Европа.

Инаку шовинизам кој се дефинира како екстремен национализам, се одликува со претеран патриотизам и агресивно верување во националната супериорност и слава. Тој вклучува крајно и слепо поддржување на сопствената група, екстремна и неразумна пристрасност, која е изразена со злоба и омраза кон спротивставената страна. Самиот термин доаѓа од името на војникот Никола Шовен, кој бил познат по својата фантастична лојалност кон Наполеон Бонапарта. По сатиричната пиеса “La Cocarde Tricolore“, поставена во 1831 год., името на Шовен станува синоним за екстремен национализам или претеран патриотизам.    

Денес грчкиот шовинизам толку е ирзаен така да на Македонецот му го негираат правото на името, јазикот и идентитетот и ја попречуваат евроинтеграцијата на Македонија. Неодамна грчката неофашистичка партија Златна Зора повтори дека името Македонија е грчко и никој нема право да го користи со исклучок на Грција. Пратеникот во Европскиот парламент на Златна зора, Јоргос Епитидиос уште побарал „Скопје да престане да се нарекува Македонија“. Со класичен шовинистички пристап Епитидиос уште ќе додаде: „Изговорот дека Грција ја спречува интеграцијата на Скопје во меѓународните организации е лицемерен, а она што треба да го почитува соседната држава е историјата на нашата земја“.  

Но, шовинизмот не е ексклузивен само за Грците и не дека не постои и кај другите соседи. Во изминатиот период коалицијата на европратениците од Грција и Бугарија со антимакедонски амандмани се обидуваа по којзнае кој пат да го спречат отварањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и Македонија. Иако овие амандмани не поминаа, а Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) ја усвои Резолуцијата на известувачот Иво Вајгал за Македонија во која по деветти пат, европскиот законодавен дом бара итно отворање на пристапните преговори за членство на земјата во Европската унија, интересна е спрегата на Атина и Софија, особено ако се знае дека ниту Бугарите не ја почитуваат историјата на Грција. Иако тоа Грција добро го знае, таа никогаш не се обидела да го попречи влегувањето на Бугарија во ЕУ и НАТО.

Бугарскиот екстремен национализам во минатото не му е ни малку наклонет на Атина. Еве што говореле самите Бугари за оваа појава во својата земја. Бугарскиот просветен деец и политичар Д-р Кирил Драмалиев (9. II. 1882 – 20. XII. 1961), член на БРП (к) и ОФ, во 1946 година ќе ја објави брошурата „Теорија и практика на бугарскиот шовинизам“, а дел под наслов „Каде вирее шовинизмот“, потоа ќе биде објавена во весникот „Работничко дело“ (1. VI. 1946 год.). Во него Драмалиев критички осврнувајќи се на бугарскиот шовинизам со иронија вели:

„Познатиот великобугарин Стилијан Чилингиров напиша неодамна две шовинистички статии (бр. 142, 149 на весникот „Знаме“) кои не би смеело да бидат одминати со молчење… И во двете статии нема ниту збор за бугарската завојувачка политика, на пример, за зборовите на министер-претседателот д-р Радославов, кажани на 1 јануари 1916 година, кога нашите војски беа дојдени речиси до Јадранско Море: „Каде што стапнала бугарска нога, бугарско ќе биде“. Ниту збор за бугарскиот шовинизам и фашизам… Чувај боже: такво нешто во Бугарија немало.

…Во 1938 г. Стилијан Чилингиров напиша книга со громогласен наслов: „Што им дал Бугаринот на другите народи“? За таа своја книга, Стилијан Чилингиров беше прогласен од великобугарските шовинисти за „нов Паисиј“…  Се разбира, трудот на Стилијан Ч. е напишан „научно“… Авторот докажува – „објективно“… колку големи луѓе сметани за туѓинци, имаат во своите жили бугарска крв и др. Орфеј (легендарна личност што живеела пред илјади години во Родопите, кога на Балканскиот Полуостров немало ни помен од Бугарија) е „Бугарин“. Во жилите на Наполеон Бонапарта течела струја на бугарска крв. „Речиси половината од романските видни луѓе носат во своите жили бугарска крв“ и др. Авторот ја собира секоја несигурна претпоставка или сомневање искажани од странски научници за бугарското потекло на некоја историска личност, за да ги надуе и да ја „докаже“ величината на бугарскиот народ. Тоа е, всушност, манифестација на великодржавен шовинизам, кој Стилијан Ч. со задоволство им го припишува на другите, а категорично го одрекува за себеси и за бугарските шовинисти…

…Во 1938 г. излегува книгата на гимназискиот учител по ,.историја“ д-р Н. Шејтанов: „Великобугарски светоглед“. Еве што има во таа книга… (стр. 8, 9, 10): „Земјата на бугарскиот народ е многу поголема од територијата на нашата денешна држава. Таа земја ги вклучува сите краишта каде што се иселувале и живееле нашите дедовци од памтивек и каде што се одигрувала балканобугарска историја… Балканот го следи небесниот oд^ на сонцето. Тој доаѓа од Хималаите. Софија е создадена од географијата и историјата да владее над Балканот…“

Авторот најбесцеремонијално ги прогласува за бугарски херои Орфеј, Пријам, Хектор, Александар Велики, Константин Велики и др. Изгледа, г. С. Чилингиров, дека сето тоа е великобугарски шовинизам и уште каков – до налудничавост…“ – пишува Д-р Драмалиев во својата критика за бугарскиот шовинизам.

Брошурата „Македонија како бугарска земја“, издадена од „Военоиздателски комплекс“ (Софија, 1993 година), покажа дека и речиси по пет децении ништо не се изменило во погледот на Бугарија кон Македонија, која ја смета за своја крвава рана и за втора бугарска држава на Балканот. Меѓутоа, иако бугарскиот шовинизам не е цвеќе за мирисање и ги смета Орфеј, Пријам, Хектор, Александар Велики за Бугари, се поставува прашањето зошто тоа не му смета на Атина и заедно работи против интегрирањето на Македонија во ЕУ и НАТО?

Одговорот за заедничкото дејствување на Атина и Софија лежи во нивниот страв дека лажно креираните истории во минатото конечно паѓаат во вода и се` повеќе вистината за Македонија излегува на виделина. За ова најдобро говори изјавата на новиот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕиас за грчката телефизија Алфа во која вели дека проблемот не е во името, туку во она што се крие зад името: иредентизмот, што значи и барање за прекројувањето на границите, (односно враќање на состојбата пред 1913 година). Според него, меѓународната заедница треба да изврши поголем притисок врз македонските власти „за да се издејствува промена на иредентистичките ставови кои се пречка за решавање на спорот“.

Очигледно е дека грчките ставови остануваат непроменети, а надворешната политика во однос на ова прашање ќе се води со обвинување на македонската страна за иредентизам, иако Македонија официјално одамна се има обврзано за непромена на границите и се има откажано од заштита на македонското малцинство на територијата на соседните држави. Ако тоа се знае, тогаш сето друго укажува на грчки аспирации кон територијата на Македонија и нејзината намера за уништување на македонската држава.

Изгледа дека Грција, а и другите како неа, во својата шовинистичка налудничавост, никако неможат да сфатат дека тој пат треба да се смета за окрвавен и дооден и дека е време конечно да се збогуваме со него, со таквиот начин на размислување! Македонскиот проблем е создаден во Европа и тој проблем во 21 век може да се реши само со интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. Инаку се` друго е војна и крв!

Најново од: Коментари

Ламбе Арнаудов: Автономија за Пирин. Бугари во Устав. Решен проблем!

Престанете да купувате Бугари во Македонија. Човечката димензија не ја менувајте со пазарна. Тие што сте, колку сте и малу да сте, ние ве прифаќаме како апсолутни и рамноправни граѓани и со нашиот Устав ви ги гарантираме сите човечки права и граѓански слободи! Овие денови што минуваат, исполнети со исклучителна агресија на говор на омраза […]

Ѓорѓија не бил сериски убиец, туку обичен пијаница!

Не е првпат наши интерпретатори и музички групи, поради едни или други причини, да ги менуваат текстовите на нашите народни песни. Честопати некои од овие промени влијаат и врз самата содржина на текстот, правејќи ја апсурдна. Овде ќе наведеме два драстични примера. Првиот се однесува на убавата народна песна „Мајка на Марика думаше“, во чиј […]

Разумот има најголема вредност кога ќе се употреби навреме

Украинскиот претседател Володимир Зеленски деновиве изјавил дека „Украина е подготвена за вистински одлуки и чекори кон деескалација“ за да се приближи крајот на војната со Русија. Оваа изјава е повод за пошироко размислување за одговорноста на лидерите и за можностите за договор што се пропуштаат пред оружјето да го преземе зборот. Разумот има најголема вредност […]

Бугарија претера, Европа молчи

Бугарите претераа со Ива, Самоил, Бендиков, Спаска… Што е многу, многу е. Тотално претераа и нема граници глупоста на Бугарија, а воедно никаков укор или дисциплинска мерка од Европа, сега и последниве 100 и кусур години. Кучињата лаат, караванот си врви. Овие Бугарите ни мртвите не ги оставаат на мир, а за живите да не […]

На кој јазик зборуваме, на кој јазик се разбираме?

Јазикот е многу повеќе од средство за комуникација. Во него живеат историјата, душата и погледот на светот на еден народ. Но што се случува кога сопствените зборови сè почесто ги заменуваме со туѓи, дури и кога имаме соодветни македонски изрази? Мајчиниот јазик ги обликува нашите најрани мисли, нè поврзува со предците и го зацврстува нашиот […]

Дедо Божин од Аматово грците го преименувале во Христо, но македонскиот корен не му го искорнале

Пишува Драги Трајков Со менувањето на македонските имиња, презимиња и топоними и со наметнувањето на грчкиот јазик како единствен во училиштата, грчките власти се обидувале да го избришат македонскиот идентитет, но дедо Божин го зачувал својот корен. Македонците се како пирејот: колку и да ги газиш и корнеш, коренот останува жив и повторно никнува, таков […]

1881 година: Големите сили предупредиле против бугарски упади во Македонија

Документот од 1881 година сведочи дека Македонија била именувана во меѓународната дипломатија многу пред Тито да стане претседател на СФРЈ. Таен трицарски сојузен договор помеѓу Германија, Австро-Унгарија и Русија: трите сили ќе ги одвраќаат Бугарите од секое упаѓање во соседните подрачја, особено во Македонија Дополнителен протокол кон Трицарскиот сојуз: Големите сили предупредиле против бугарски упади […]

Гоце почива во слободна Македонија – го чуваме ли заветот за кој го даде животот?

Пред 80 години, на 10 октомври 1946 година, посмртните останки на Гоце Делчев биле положени во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, со највисоки државни и воени почести. Но дали денес, покрај неговото почивалиште, го чуваме и значењето на неговата жртва? Што чувствувале луѓето што на 10 октомври 1946 година го пречекале Гоце во […]

To top