Среда, 27 Мај 2015   
Почит и љубов кон делото на Св. Кирил и Методиј

Tihomir Karanfilov-001
Тихомир Каранфилов

Во чест на 24 мај - Денот на сеславјанските просветители Светите Кирил и Методиј, владина делегација го посети гробот на Свети Кирил во црквата Сан Клементе во Рим и присуствуваше на молебенот со кој чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ-Охридска архиепископија г.г Стефан. Премиерот Никола Груевски и поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан одадоа  почит за делото на Светите Кирил и Методиј, за кое, како што ќе нагласат и двајцата, генерации и генерации на Македонци, и не само Македонци и други граѓани на многу држави кои што го примиле нивното учење, имаат полза и напредок и дека тие се почитувани и од христијани и луѓе кои не се од христијанска вероисповед, и од македонскиот и од словенските и од други народи, и од верници и од неверници, затоа што нашиот и многу други народи ја разбраа вистината преку разбирливиот јазик, писмо и проповед.

Македонскиот народ преку своите световни и духовни преставници и оваа година одаде почит и искажа љубов кон делто на светите апостоли Кирил и Методиј, И оваа македонска делегација пред вечното почивалиште на Кирил изрази благодарност за нивното закрилништво врз македонскиот народ и Светиклиментова Црква.

Инаку Светите апостоли Кирил и Методиј се славјански просгветители и афирматори на македонската духовна и културна традиција. Родени се во македонски град Солун, кој бил втор административен византиски центар по Константинопол (Царпград). Но, своето високо образование го стекнале во византиската престолнина Константинопол. Тие како Македонци, потомци на старото домородно македонско население, го говореле Македонскиот-славјански јазик. Затоа и византискиот двор нив ги користи како мисионери меѓу Славјаните.

Имено, за славјански племиња на просторот на Македонија, кои биле доминантна популација, почнале да создаваат нови епископии. Со нив биле опфатени Смољаните, Драговитите, Езераните и др., а македонските свештеници и монаси покрај употребата на грчкиот, секако дека проповедале билингвално и го подучувале обичниот народ на старославјанскиот (Македонскиот) јазик. Тие за потребите на богослужбата го прилагодувале мајчиниот јазик. На тој начин бил припремен терен за делото на Солунските браќа и нивните соработници, кои во најголем дел беа од Македонија. По Теофан, цариградскиот патријарх Никита (766 - 780) бил Славјанин, а тој сигурно не бил единствен меѓу епископите на тоа време.

Солунските апостоли биле синови на угледниот византиски офицер, друнгариј Лав. Младиот Константин (Кирил) бил свештеник и библиотекар на патријаршијата, учител по филозофија на дворското училиште во Цариград и почитуван поради богословската ученост и знаењето на јазици. Постариот Методиј, кој е познат само по своето монашко име, првично бил намесник, а потоа станал монах на Витинскиот Олимп, па игумен на манастирот Полихрон на азискиот брег на Препонтида.

Повод за нивното дело било барањето на моравскиот кнез Ростислав до византискиот цар Михаил III (862) во кое замолува да им се испратат учители кои го знаат славјанскиот јазик. Според Панонските легенди, византискиот цар му ја доверил задачата на Константи и пред да ги испрати му се обратил со зборовите: „Друг не може да го направи ова, освен тебе. Затоа, еве ти многу дарови и земи го брата ти, игуменот Методиј, па оди! Оти Вие сте Солуњани, а сите Солуњани чисто славјански зборуваат".

Пред да заминат на пат за Моравија, Константин ја составил славјанската азбука, а воедно превел богослужбени книги. Според Солунската легенда, Константин за време на вршењето на својата мисија по Брегалница напишал за потребите на македонските Славјани 35 букви. Исто така и јазикот на кој се преведени светите книги бил на македонските славјани.

Моравската мисија за Солунските браќа била полна со искушенија. Германските свештеници ќе ги окриват за ерес и тие биле принудени да го докажат своето правоверие. Затоа тие ќе посетат и Рим. Со себе, тие ги носат моштите на св. папа Климент I од Херсон, а папата Адријан II ќе ги пречека со сите почести и ќе ја одобри богослужбата на славјански јазик.

Константин пред да почини (869) се замонашил во Рим и го зел името Кирил, а на братот Методија му оставил аманет да го продолжи започнатото дело. Солунските браќа не ни можеа да претпостават колкаво влијание ќе има нивното дело во иднина. По нивната смрт, благодарение на нивните ученици (Климент, Наум) нивното дело не само што се распостранува низ Македонија, Бугарија, Србија, Русија и други места., туку добива цврста подлога и иднина. Нивната мисија ќе има голем одраз во натамошниот развој на источно-европската цивилизација и култура, како и нејзино главно олицетворение за автентично препознавање. Милиони луѓе сеуште го слушаат божјиот збор од текстовите кои Солунските браќа пред повеќе од илјада години ги превеле и протолкувале.

Според легендата, создавањето на азбуката прествува чудо и божјо откровение. Црноризец Храбар, псевдоним зад кој според некои слависти се крие Св. Наум Охридски, го пишува делото „О писменех“ (За буквите), што преставува прва филолошка расправа на стараославјански јазик, во која авторот со многу жар ја брани славјанската азбука од нападите на Грците. Тој ја истакнува улогата на славјанските просфетители Кирил и Методиј во културниот, духовниот и историскиот развој на Славјаните. Расправата на Црноризец Храбар е значајна зошто тој се обраќа на своите противници кои ги убедува за равноправноста на старославјанскиот со другите големи јазици и писма. Тој за создавањето на славјанската азбука (855) во својата распарава „За буквите“ вели:  

„Порано Славјаните немале писмо, туку со црти и решки броеле и гатале, зашто беа пагани. Откако се покрстија, се трудеа да ја пишуваат славјанската реч со римски и грчки букви без устројство. Ами како може добро да се пишува со грчки букви: Бог или живот, или ѕјало, или црков, или чајание, или широта, или јад, или онду, или јуност, или јазик и други слични на овие? И така беше многу години.

Потоа човекољубец Бог, којшто управува сешто и не го остава човечкиот род без разум, туку сешто приведува кон разум и спасение, смилувајќи му се на родот славјански, го прати свети Константин Филозоф, наречен Кирил, маж праведен и вистинољубив, којшто им создаде триесет и осум букви, едни по примерот на грчките букви, други според славјанската реч. Од првата буква почна по грчки: тие (Грците) имено алфа, а тој аз; од аз двете (азбуки) почнуваа. И како што тие (Грците) ги создадоа буквите земајќи пример од еврејските, така и овој (Кирил) од грчките. Зашто Евреите првата буква ја имаат алеф, што се објаснува: оние што го упатуваат детето во учењето му велат: учи што значи алеф! И Грците слично на тоа рекоа: алфа. И реченото по еврејски се услагоди со грчкиот јазик, па на детето место да му се каже: учи, ќе му се рече: барај, зашто алфа на грчки значи: барај. Угледувајќи се на нив, свети Кирил како прва буква ја создаде аз. И како што беше првата буква аз дадена од Бога на родот славјански за да му се отвори устата и да разберат тие што ги учат буквите, така аз се изговара со голем отвор на усните, додека другите букви се изустуваат и се изговараат со мал отвор на усните.

Ова се славјанските букви и вака треба да се пишуваат и изговараат: а, б, в, г.

Некои велат: зошто создал 38 букви кога може и со помал број да се пишува, како што пишуваат Грците со 24? - а самите тие (што го зборуваат тоа) не знаат со колку букви пишуваат Грците. Имено, има 24 букви, но тие не се доволни за пишување, па Грците имаат додадено 1 двогласки и уште три букви за бројки: за 6, 90 и 900. И така се собираат 38. Ете слично на тоа и по тој образец Кирил создаде 38 букви.

Други, пак, велат: зошто се славјанските букви? Нив ниту Бог ги има создадено, ниту ангелите, ниту постојат од самиот почеток како еврејските, римските и грчките, коишто се од искони и се прифатени од Бога. Трети, пак, мислат дека самиот Бог ги има создадено буквите а, кутрите, не знаат што зборуваат, ниту дека Бог наредил писмото да биде во три јазика, како што пишува во евангелието: „И беше штичето напишано на еврејски, римски и грчки" (Ј и 9, 20), но славјанскиот тука го нема. Затоа славјанското писмо не е од Бога.

Што да им одговориме или што ќе им кажеме на овие безумници? Ќе им одговориме по светите книги, како што научивме, дека се од Бога се случува по ред, а не одеднаш. Зашто Бог не го има создадено прво ни еврејскиот, ни римскиот, ни грчкиот јазик, туку сирскиот на кој зборувал Адам, и луѓето од Адама до потопот и од потопот натаму, додека Бог не ги разделил јазиците при ѕидањето на кулата како што е запишано дека јазиците биле измешани (Ген. 2, 7). Како што биле измешани јазиците, така и навиките, обичаите, уредувањата, законите и науките меѓу народите: на Египтјаните мерењето на земјата, а на Персијците, Халдејците и Асирците читањето на ѕвездите, меѓепсништвото, лекувањето, баењето и сите човечки науки; на Евреите, пак, светите книги, во кои е запишано дека Бог го создал небото и земјата и се што е на неа, и човекот, и се со ред како што пишува; на Грците граматиката, реториката, филозофијата.

Но пред тоа Грците немале букви за својот јазик, туку со феникиски букви ја пишувале својата реч. И така било многу години. Најпосле дојде Паламид кој почнувајќи од алфа и мита им измислил на Грците само 16 букви. Кон овие Кадем од Милет има додадено три букви. Така многу години Грците пишувале со 19 букви. И потоа Симонид изнашол и додал две букви, а Епихарм толкувачот изнашол уште три букви, и така станале 24. Потем многу години Дионис граматикот измислил шест двогласки, потоа други - уште пет, и трети (измислиле) уште три букви за бројки. И ете така многумина во текот на многу години одвај собрале 38 букви.

Потоа, откако поминале уште многу години, по божја заповед се нашле седумдесетмина мажи коишто ги превеле (светите книги) од еврејски на грчки јазик. А славјанските книги сам свети Константин, наречен Кирил, и буквите ги создаде и книгите ги преведе за малку години. А оние (Грци беа) многумина и за многу години (го сторија тоа); седуммина беа буквите што ги создадоа, а седумдесетмина преводот. Затоа славјанските букви се посвети и подостојни за почит, зашто нив ги има создадено свети маж, а пак грчките Елини пагани.

А ако некој рече дека не ги сотворил добро, зашто се уште се поправаат, ќе му одговориме: и грчките исто така многупати ги поправале Акила и Симах и многумина други. А полесно е отпосле да поправиш отколку од почеток да создадеш.

Ако ги прашаш грчките книжници: кој ви ги измислил буквите или ви ги превел книгите, или во кое време? - тоа сосем ретко некој од нив го знае. Ако ги прашаш словенските писмени луѓе: кој ви ги создал буквите или кој ви ги превел книгите? - тоа сите го знаат и ќе ви одговорат: свети Константин филозоф, наречен Кирил, тој нам буквите ни ги создаде и книгите ни ги преведе, и Методиј, брат му негов. Уште се живи оние нив што ги виделе. И ако ги прашаш: во кое време? - и тоа го знаат и ќе речат: во времето на грчкиот цар Михаил  (Михаил III) и бугарскиот кнез Борис (852-889), и моравскиот кнез Растиц (846-870), и блатенскиот кнез Коцељ (861-874) во 6363 година од создавањето на светот.

Има и други одговори, нив другпат ќе ги кажеме, а сега нема време. Така, браќа, Бог ги просвети Славјаните. Нему слава, и чест, и сила, и поклон, сега и секогаш и во бескрајните векови, амин!“ – пишува Црноризец Храбар

Делото на Црноризец Храбар „За буквите" спаѓа во редот на најважните и најверодостојни извори за создавањето на славјанската азбука. Тоа ја покажува големината на делото на македонските просветители Кирил и Методиј и неговото значење за сите Славјани.

 

 

На прво место

News image

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните, полицијата на терен во Ара...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.