
Марија Воденска
Убав ден за празнување! Денес е СВЕТИ НИКОЛА ЗИМНИ Морепловецот!
Во старо време имало Царства.
Царските деца ги праќале да се учат во големите прочуени школи кај прочуени учители. Така се случило во еден голем град покрај морето, еден прочуен цар да го прати својот син, во таа школа да изучи повеќе науки од прочуени учители. Од друг крај на светот, еден друг цар ја пратил својата миленица, ќерка си да учи во голем град, во високи школи со прочуени учители. Во тој град покрај морето се сретнале двете царски деца да научат повеќе знаење од прочуени учители.
Со времето по години поминати заедно, децата порастеле, учеле и почнале да се дружат. Кога не биле во големото школо на учење, тие биле слободни и оделе на прошетка во градот. Често пати кога било морето мирно, оделе заедно на прошетка крај морето и често ангажирале лотки да се повозат по морето.
Еден ден, било Недела и заедно се упатиле кон градот да се прошетаат низ улиците и долго се загледувале по излозите во светлиот град. По пат кон градот забележале еден стражар кој чува мртовец скраја од патот. На враќање од градот го забележале истиот стражар крај мртовецот, со пушка преку рамото, а било студено и скоро пред зајдисонце. Девојката и момчето заминале по патот, но се почудиле зошто мртовецот не е погребан и зошто стражар го чува. Девојката и момчето се вратиле назад и го запрашале стражарот зошто мртвиот старец, легнат крај патот се' уште не е погребан како што е редот? Стражарот му одговорил со следните лафови: "Старецот е должен три лири на човек, на кој треба прво да му го врати борџот а потоа ќе биде погребан... Момчето ја чул причината за мртовецот зошто не е погребан, а веќе се стемнувало и студените денови станувале уште по куси. Момчето извадил од своите пари и го платил борџот за стариот мртовец, на стражарпот-војник со пушка на рамото. По многу години во еден убав и сончев ден, девојката и момчето решиле да одат и да се повозат со лотка по морето. Го најмиле најблискиот лоткар, влегле во лотката и заминале кон отвореното море. По некое време, бидејќи биле многу оддалечени од крајбрежјето на градот, кај што учеле во големите школи при прочуени учители, момчето и девојката се обеспокоиле и го прашале лоткарот каде ги вози и зошто се толку далеку од градот, дури ниту брегот не се гледа? Лоткарот ги успокоил покажувајќи им еден мал остров сред морето и дека таму ќе се прошетаат а потоа назад ќе се вратат. Дошле до островот сред морето и лоткарот му рекол на момчето, прво тој да излезе од лотката, а потоа девојката... Момчето се симнало и во тој миг лоткарот ја свртел лотката и брзо отпловил кон спротивната страна низ отвореното море. Девојката викала, цикала и плакала на цел глас, но лоткарот ја насочил лотката кон далечните пристаништа на морето, Момчето останал осамотен на пустиот остров. Ниту жива душа немало низ целиот остров, кој бил мал и невидлив за просторот на отворено море. Почнал да се храни со тревки и диви плодови што се раѓале на пустиот остров опколен со морските далги, оддалечен и невидлив од сите страни кон отвореното море. За цели три години станал коски и кожа од тагување по неговата друшка, со која го планирале заедничкиот живот. Лоткарот ја имал забележано девојката многу поодамна и само се мислел како да ја присвои за себе. Ја однесол далеку, далеку покрај морето и таму изградил голема меана за патниците крај морето. На сред меана имало изградено кружни скали, по кои девојката се качувала секоја вечер и од таму пеела по желба на лоткарот, за расположение на гостите. Таа ги пеела сите песни што ги знаела и научила, само една песна никогаш не ја испеала. Песната што си ја пееле заедно со момчето, за кое мечтаела и тагувала. Таа песна никој не ја имал чуено од никаде, само двајцата ја знаеле и пееле оти била нивна песна. За три години на пустиот остров ниту патник не поминал покрај островот, ниту пиле не пролетало над морето. Момчето секој ден се загледувал во далечини, не би ли некој заскитан лоткар да помине крај овој пуст остров.
 Еден ден како во магла од силното, сјајно сонце и одблесокот од зраците, надалеку здогледал нешто како лотка низ морето. Возбуден и растреперен, почнал да мавта со рацете, и со својата единствена кошула која останала до тоа време. Викал силно колку што глас го држи, мафтал непрестајно, не би ли го забележал некој, кој сигурно е заскитан патник низ отвореното море. По некое време пристигнал старец крај пустиот остров, го прибрал во својата лотка и заминале заедно по отвореното море. За тоа време. момчето му ја раскажал на старецот тажната приказна за себе и девојката. Му раскажал за неволјата што му се случилао и понизно му благодарил што, ете, го спаси од погибија. Старецот го ислуша момчето и му предложи да работат заедно на варовникот со договор што ќе спечалат на половина да си поделат. Момчето беше задоволен и прифаќаше се' што старецот предлагаше. Спечалија доста пари и еден ден решија да се одморат и да пропатуваат по морето. Патуваа, пловеа долго покрај крајбрежните меани и гостилници. Се стемни и тие отседнаа во една од тие гостилници. Порачаа јадење за вечера и вино за пиење по вечерата. Беа уморни, но тивката песна која се слушаше од некаде ги расположи да поседат повеќе време во меаната. Момчето не можеше да види од каде идат тие гласови со мелозвучно пеење. Девојката која беше затскриена меѓу зеленило и цвеќе го забележа момчето и старецот кои порачуваа вечера. Тогаш во себе си рече: "Ќе ја запеам нашата песна, ако даде внимание може би тогаш..."
Запеа како никогаш до тогаш толку жално и таговно во гласот кој трепетливо се разлеваше во гостилницата. На момчето му затрепери срцето и му светнаа очите, почна да се врти наоколу, но ништо не можеше да види од каде доаѓа тој мил, препознатлив, спокоен, наплив од песната. Тогаш девојката полека се симна од кружните скали, обвиткани со зеленило и цвеќе, отиде во кујната и посака сама да ги послужи пристигнатите патници. Не прозбори ниту збор, само со послужавникот го остави и писмото во кое им кажа каде да ја паркираат својата лотка. Откако си заминаа и последните гости од крчмата, девојката дојде до скалите кајшто секоја вечер се качуваше на горниот кат за спиење, но во овој момент скрша кон задниот излез и влезе во лотката која беше укотвина до заниот влез. Без шум замина далеку, далеку кон местото на варовникот кајшто живееја старцот и момчето. Утрдента старецот му рече на момчето: " Според договорот сега е време да го поделиме спечаленото на половина!" "Така е Дедо, ќе делиме на половина!" "Но и девојката ја спечаливме заедно и таа ни припаѓа по една половина!" "И неа Дедо ќе ја делиме на половина," со насмевка од се' срце изговори момчето. Тогаш старецот му се кажа кој е! Му рече: " Да сте ми здрави и благословени! Парите и девојката се твои!" Јас сум оној старец што мртов го чуваа на патот во градот, додека не си го плати борџот на земјата, а вие ми го исплативте тој борџ. Ти му ги даде лирите на војникот стражар со пушката, кој беше задолжен да ме чува и да не ме погребат додека не си го платам борџот на земјата...." "ЈАС СУМ СТАРЕЦОТ СВЕТИ НИКОЛА МОРЕПЛОВЕЦОТ!" п. с. По многу години за време на мојот престој во Торонто, во една свештеничка фамилија, покрај другите книги во библиотеката, имаше една стара, изветвена книга со пожолтени и по рабовите извиткани и изабени страници. Таа книга ми го привлече вниманието и таму го прочитав животописот за Светецот Никола. Свештеник од четврти век од н.е. кој служел и живеел во градот Бари во Италија.
По желба на Ирена се зафатив да ја напишам легендарната приказна од мајка ми, по прикажување од баба и´ Неда, грижлива сопатничка од Цакони, омажена за дедото Јованче од Солун.
Приказната за Светецот НИКОЛА и неговото упокојување, мајка ни ја раскажуваше повеќе пати пред спиење, а потоа продолжуваа приказните од баба ни Марија_ Муша комитката од Kронцелево, Воденско. Бевме избегани од Граѓанската Војна во Егејска Македонија под Грција, дојдени во село Три Чешми, Штип, Република Македонија
Зима во Бостон, 19 декември 2021 година |